1 „Ако барате начин да ја напаѓате Владата за нешто што не се се случило, тогаш може и да измислуваме работи“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање како за стопанисување на паркингот во Клиничкиот центар е избрана фирма од Албанија?
Кој измислува? Неговиот министер за здравство Арбен Таравари, кој кажа дека на тендерот е избрана фирмата „Ѓоку“ од Албанија што единствена се пријавила на тендерот. Кој ја напаѓа Владата? Неговиот министер Арбен Таравари сам ли си ја напаѓа Владата? Премиерот рече и дека ја разбира потребата од сензација. Кој има потреба од сензација? Арбен Таравари? Па, да. Баш е сензационална неговата изјава дека и зголемената цена од 30 на 50 денари за еден час паркирање во Клиничкиот центар е пристојна во однос на другите паркинзи низ Скопје, на пример, во трговските центри е 60 денари, а некаде и 100, 150 денари. Баш е сензационално кога министер за здравство, башка и лекар, прави споредба на цена на паркинг во Клинички центар и во трговски центар. Дека тие што се болни од рак ептен имаат избор дали ќе паркираат пред продавница или пред Онкологија.
Премиерот Мицкоски рече дека уште не е донесена одлука на Владата дали ќе се потпише договор со фирмата од Албанија што го доби тендерот.
Од министерот Таравари дознавме и дека на други фирми не им било исплатливо да се пријават на тендерот, оти не верува дека „повеќе од седум, осум, еве и 10 години таму ќе остане Клинички центар“.
Чекај, сега. Па нели пред само еден месец директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски рече дека проектот за изградба на нов Клинички центар ќе паузира, оти ни паѓа демографијата и имаме сѐ помалку население? Или, паркингот на Клиничкиот центар не им е влезен во владиниот коалициски договор.
Во огласот е предвидено фирмата што ќе го работи паркингот на државата да ѝ плаќа еден отсто од годишните приходи. Ете, со парите од тие 1 процент ќе се изгради новиот Клинички центар.
Работава е: АПП – Ако помине, помине. Така се одлучува во организирана држава.
2 Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и понатаму одбива да се извини за навредите кои од собраниска говорница на 27 февруари ги упати кон пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, кога наместо да ѝ одговори на пратеничко прашање ѝ рече дека нема право во прашањата да споменува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина. Министерката вели: „Граѓаните да бидат стрпливи, да почекаат малку. Времето ќе покаже кој бил во право, а кој не бил и зошто се случуваше сето ова“.
Што ќе покаже времето? Дека тие што не се во брак и немаат деца не смеат да зборуваат?
Тоа што се случи на седницата за пратенички прашања не беше идеолошки судир меѓу власта и опозицијата. Не беше ни вербален судир, како што власта, а и медиумите се обидуваат љубезно да го наречат инцидентот со дискриминација по брачна основа. На крајот на краиштата, не се караа две комшивки на каса во самопослуга за последната конзерва грашок. Едноставно е. Пратеничка постави прашање, а министерката наместо да ѝ одговори ѝ рече дека нема право да прашува. Во Собрание.
И – што ќе покаже времето? Дека министрите ќе им забранат на пратениците воопшто да поставуваат прашања? А пратениците од опозицијата ќе треба да бидат среќни ако власта од ВМРО-ДПМНЕ остане само на навреди. Дека нема да ги избркаат на клоци од Собранието како во 2012, или да им ги искршат главите како во 2017.
3 Не смее да се праша власта за цената на млекото, не смее да се праша за владиниот чартер лет до Будимпешта, не смее да се праша за бугарските пасоши на министрите, не смее да се праша за сертификатите за англиски јазик на високите функционери, не смее да се праша за шпарглите во кујната на Владата, не смее да се праша за паркингот во Клинички центар… Само власта ќе кажува кој смее да прашува и што смее да прашува. И власта ќе го кажува само тоа што сака да го чуе.
Уште сега се опиени од сознанието дека на локалните избори ќе ја зацементираат власта. Тоа е „новото нормално“ за коешто зборува премиерот Мицкоски по враќањето од САД, окуражен од победата на Доналд Трамп и тамошното „ново нормално“. Новото нормално за ВМРО-ДПМНЕ е да го врати старото нормално на вмровското владеење на Никола Груевски. Ако не и – бетер.
4 А СДСМ, како СДСМ. Стариот нормален СДСМ. Нивната пратеничка група одлучила да не учествува на пленарната седница посветена на Денот на жената, 8 Март во знак на протест против дискриминацијата што ја направи министерката Димитриеска-Кочоска и поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги одмолчи навредите кон жените и нивната пратеничка. А дополнително, пратеничките од СДСМ нема да учествуваат во работата и на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности сѐ додека министерката за финансии не си даде оставка или премиерот не ја разреши.
Џанам, се потресоа и премиерот и министерката и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од оригиналнава акција на СДСМ. Опозициските пратеници им ја завршија работатата. Да си прават што сакаат без нималку тревожење.
Министерката го навредила Собранието и пратенициве од СДСМ си се повлекоа. Не ги избркале, туку сами си се откажаа од својот дом. Така е најлесно. Тоа е неодговорен однос и кон гласачите што гласале за нив. За што ги гласале?
Туку-така, СДСМ дека се над ситуација и нема што да се расправаат, се налутија и ќе си одат од собраниските тела каде што може да бидат гласни и да се борат. Каде инаку ќе им се чуе гласот ако не во Собрание? Заборавија дека последен пат кога вака се однесуваа, завршија 11 години во опозиција и одвај се вратија на власт.
5 Надежите дека САД како стратешки партнер ќе ѝ помогнат на македонската Влада, така што ќе ги вразумат европските партнери веќе да не ја понижуваат Македонија со глупавите барања на Бугарија, засега се поткрепени со тоа што премиерот ја следеше инаугурацијата на Трамп од свечена ложа во спортска сала во Вашингтон. Така што, фаќање на приклучокот во новиот светски поредок со „новото нормално на Трамп“ и врзувањето во оската Скопје-Белград-Будимпешта играјќи на емоциите на македонските граѓани предизвикани од чувството на изневереност и разочараност од Европската унија, не е резултат на меѓународна стратегија на македонската Влада, туку рецепт за бетонирање на власта дома.
Државниот секретар на САД Марко Рубио во традиционалната честитка по повод националниот празник на Бугарија 3 март, денот кога во 1878 година беше потпишан Санстефанскиот договор, ги спомена новите нуклеарни реактори и модернизацијата на бугарската војска.
Преведено во пари, тоа значи 14 милијарди долари за нуклеарните реактори на централата „Козлодуј“ во договор со американската компанија „Вестингхаус“ и јужнокорејската „Хјундаи“, како и 2,5 милијарди долари за 16 борбени авиони од типот „ф-16“ на американската компанија „Локид Мартин“.
Бидејќи љубовта на Трамп се купува со пари, прашањето е што имаме ние да понудиме.
Трамп во првото обраќање во Конгресот, набројувајќи неколку земји каде што завршувала американската финансиска помош се мајтапеше и праша: Слушнал ли некој за Лесото? Конгресмените од неговата партија му аплаудираа и се смееја на неговата шеговита досетка за малата африканска држава.
Лесото има два милиона жители, земјата нема излез на море, во неа има амбасада на САД. Земјата е посиромашна од Македонија, ама има рудно богатство од дијаманти и многу вода. И не само тоа. Илон Маск во септември минатата година се сретнал со премиерот на Лесото за да договара бизнис. Ама ете, Трамп не слушнал за Лесото, а и конгресмените што му аплаудираа.
Опиени од „новото нормално“ да не се разбудиме некој ден мамурни со „Чул ли некој за Северна Македонија?“
AUDO PODCAST