ТРЕБЕЊЕ ВОШКИ

Ако вие не си ги ставите корумпираните на вашата црна листа, тогаш ние ќе ги ставиме на нашата

ТРЕБЕЊЕ ВОШКИ

1 Ако прво Ангела Меркел, па сега и Џо Бајден и Емануел Макрон не успеат да го тргнат ветото на Бугарија за почеток на преговори на Македонија за влез во Европската унија, тогаш навистина не знам што очекувања имаме ние од таа унија. Очигледно е дека упорноста на Бугарија да ги направи Македонците Бугари веќе станува безбедносен проблем за Европа и за Америка, штом американскиот претседател почна да дава извршни наредби со кои ќе ги заштити американските интереси на Западниот Балкан, а неговата администрација ги обнови црните листи со кои ги казнува овдешните моќници.

Што значи кога американски претседател ќе те стави во извршна наредба?

Тоа значи: Непочитувањето на договорите кои ние сме ги спонзорирале и високата корупција се против американските национални интереси. И кога веќе триесет години сме вложувале и време и енергија и пари, не дозволуваме ова во што сме инвестирале да ни пропадне поради националисти и корумпирани политичари.

Тоа значи: Во 1993 година заедно со Велика Британија се изборивме да ве примиме во Обединетите нации, откако Европа се откажа од вас и рече дека никогаш нема да ве признае ако во името го имате зборот Македонија. Во 1995 го пробивме грчкото ембарго оти во Солун им истоваривме американско жито за вас. Во 2004 година решивме да ве викаме под уставното име Република Македонија кога сите ве викаа ФИРОМ, кое вас ве навредуваше. Во 2001 ве спасивме од долгогодишна граѓанска војна. Во 2018 ве смиривме со Грција. На крај и во НАТО ве примивме како Северна Македонија, како Македонци со македонски јазик, оти за разлика од ЕУ ние си ги исполнуваме ветувањата. Ни станавте стратешки партнери, седите на иста маса со нас, гласот исто ви вреди. И сега, кога гледаме дека ЕУ е неспособна да се справи со Бугарија, па дури и ако ги почнете преговорите којзнае уште што ли ќе смислат да ве зафркаваат, нам ни е шубе да не почнете да си барате други пријатели и партнери, па решивме да кажеме „Доста е!“.

И – толку  од анализата за извршната наредба на американскиот претседател Бајден.

2 Настрана што со заштитата на геостратешките интереси Американците се обидуваат од нас да направат нормално демократско општество. Со одговорна власт и со одговорна опозиција. Оти секоја власт, колку и да е добра, забегува без силна опозиција. Впрочем, и самите видоа со Трамп колку е страшно кога имаш драстична поделеност во општеството.

Баш ме интересира што ли зборуваат претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во американската амбасада кога никој не ги гледа? И таму ли им викаат дека Преспанскиот договор е против македонските национални интереси? И таму ли зборуваат за Северџани, за Нордистани, за Тирански платформи, фрлаат клетви за предавници, ќе го уриваат Преспанскиот договор преку Уставен суд, ќе го ставаат в затвор Никола Димитров, цртаат шеми да покажат дека договорот бил асиметричен, дека кога ќе дојдат на власт ќе го ревидираат и ќе го вратат вековното име…

Башка, што туку се повикуваат на волјата на граѓаните. Ја видовме волјата само на тие што излегоа на референдумот. Христијан Мицкоски немаше храброст да повика на бојкот, туку се криеше зад анонимни твитер профили. Не знаат ни колку сме на број, оти не дозволија ни попис да се спроведе.

Од друга страна, пак, што понуди Мицкоски за четири години освен плачење, блокирање на Собранието, блокирање на раскрсници, навреди за „северџани“ и прес-конференции за „мафијата на власт“? Додуша, имаше и еден сериозен напад на Собранието и неколку протести да се ослободат напаѓачите. Од нормална европска партија што се продава како конзервативна десница очекуваш да ти го окупира вниманието со даночна политика, со дебати за безбедност и за одбрана, а не да ти вее знамиња со сонцето од Кутлеш. Сакам опозицијата да ми понуди решенија, а не блокади. Мицкоски цело време вика: „Не сакам, не сакам…“, а кога ќе го прашаш „Кажи што сакаш“, ти одговара: „Тебе ли да ти кажувам, северџану еден“. Утре, ако Заев реши да се повлече од политиката, Мицкоски нема да има што да зборува, оти не видовме дека има што да понуди.

Да сакаше тој да стане вистински лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за четири години ќе станеше. Да не можеш да си ја реставрираш партијата за четири години, значи дека тоа воопшто не ти е важно. Важно ти е да ти се врати лидерот од Будимпешта што ти избега и те остави збунет да блокираш улици на дождот. Башка, вистински лидер не се крие зад волјата на граѓаните. Вистински лидер им кажува на граѓаните што би било подобро за нив. Гледа подалеку од границите на изборните единици.

На крајот на краиштата, сосема е легитимно како политичка партија да ставиш во програмата дека ќе го ревидираш Договорот од Преспа и ќе го вратиш старото уставно име Република Македонија. А не да се криеш зад празни флоскули дека „ја почитуваш волјата на граѓаните“. Како да не. Ја почитуваат волјата на оној од Будимпешта.

3 Затоа, просто ми е неверојатно како СДСМ успеа да стравува дека ќе ги изгуби изборите. Колку треба да си неталентиран за владеење за да дојдеш до дереџе ова ВМРО-ДПМНЕ да те победи? Со ништо. Со викање „Уа“.

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ на четири месеци пред локални избори, на почеток на кампањата „Најдоброто за нашата општина“ излезе едно сабајле и реши да исече 13 дрва. Каде? Среде општината каде што најмногу се надеваат да победат и ја сметаат за сигурна. Во општината каде се родија паркобраните кога Коце Трајановски во една ноќ исече 47 дрва. Во општината каде што прв пат беше воспоставен модел во кој што беа вклучени граѓански организации во локалната власт. Каде што граѓанките и граѓаните се најгласни, му бараат анализи, му се бунат за урбанистички планови, секој збор му го мерат. Излезе градоначалникот едно сабајле и – се самозапали.

Зошто прават непријатели од луѓето со чии гласови успеаја да победат? За СДСМ сигурно нема да гласаат оние со знамињата од Кутлеш. Нема да ги гласаат ни клиентелистите на Груевски напикани по јавните служби што чекаат К-15. Ама, победата на СДСМ зависи од гласачите што премиерот Заев ги нарекува мрчатори. Од тие што им ги бројат дрвјата, дупките по патиштата, што мрчат дека два месеца нема регистарски таблички, а Оливер Спасовски убедува дека има, од тие што не сакаат да си го комплицираат животот два пати да тепаат пат за вакцини во Ниш и Белград и да дремат по граници на кои паѓа системот за читање документи, од оние што им го сликаат ѓубрето покрај патиштата и шутот исфрлен по планините, од тие што бараат казни за паркирање во пешачка зона…

Такви мрчатори му требаат на СДСМ. Што нема да ѝ аплаудираат на власта за секоја закрпена дупка на патот. Што ќе ги потсетуваат политичарите дека кога влегувале во политика требало да бидат свесни дека се таму за им обезбедат подобар сервис и подобри услови за живот на граѓанките и граѓаните. А не да си обезбедат подобар живот само за себе.

4 Во наредбата на Бајден освен Охридскиот и Преспанскиот договор никаде не пишува дали делот за корупцијата се однесува на власта или на опозицијата. Така што, да сум на местото на СДСМ би си ги погледнал прво домашните списоци. На таа црната листа што администрацијата на САД доби наредба да биде надградена и проширена веќе има еден што беше советник на Заев. И еден коалиционен партнер. Нека си ги прочешла Заев имињата и фирмите што ги става на списоците за соработници. Ама да земе од оној чешелот со згуснати запци – за требење вошки. Не од оние чешли за нова фризура. Оти – пораката од стратешкиот партнер е таа: Ако вие не си ги ставите на вашата црна листа, тогаш ние ќе ги ставиме.

5 На крај, пак ДУИ ќе излезат најголеми победници. Пробуваат да си обелат образ со тоа што сега е модерно – ќе се обојат зелено. Се вратија на изворните принципи. Во шума. Овојпат демек ќе ја штитат шумата, бидејќи со дивоградбите, дивите депонии и дивата сеча испитаа дали може шумата да ја издржи нивната идеја за екологија и напуштање на национализмот.

За наредбата на Бајден, Али Ахмети мудро си молчи. Тие и досега имале свои кандидати што се наоѓале високо на листата. Оставаат простор да не се изненадат, да не видат некое ново познато име.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира