1 Премиерот Зоран Заев, кога беше лидер на опозицијата во 2016 година, сите прес конференции на кои ги пушташе бомбите со прислушкуваните разговори како сведоштво на злосторствата на режимот на Никола Груевски ги завршуваше со зборовите „Ова зло да не се повтори“. Сите протести што беа предизвикани од тоа што го слушнавме во бомбите, бунтот против аболицијата на Ѓорѓе Иванов, битката за поддршка на Специјалното јавно обвинителство, Шарената револуција, одеа под паролата „Нема правда, нема мир“.
Така зборуваше Заев опозиционерот. Заев премиерот сега зборува за помирување. А правдата?
Еден пријател деновиве на Фејсбук напиша: „Ќе се смират со нив, за да се скараат со нас“.
Какво помирување може да има, кога уште не го знаеме нарачателот и организаторот на нападот на Собранието на 27 април лани? На последното судско рочиште пуштија видеоснимка, на која се гледа дека лицето што дента се слушнало со телохранителот на Груевски додека биле во Виена, со фантомка излегува од Кабинетот на претседавачот на Собранието Трајко Вељаноски. Каква била улогата на Вељаноски? Какво помирување, кога уште не е истражена улогата на претседателот Ѓорге Иванов?
Ние до сега не чувме ни извинување за нападот на Собранието на 27 април. Врз основа на што вмровците го бараат помирувањето? Ако веќе се помируваме, да дознаеме за што сме биле скарани. Оти, на телевизија видовме дека тргнале да убиваат. А тие викаат дека се жртви на политички прогон.
И сега, како ќе оди помирувањето? Оти, за помирување двете страни треба да бидат кабает. Ние треба да им простиме оти сакале да нѐ убијат. А тие да ни простат оти политички сме ги прогонувале.
И со тоа се враќаме на почеток. Верзијата на ВМРО-ДПМНЕ за нападот на Собранието станува официјална. Немало напад на Собранието.
2 Ова амнестијата што ја бара ВМРО-ДПМНЕ станува заразна. Се претвора во амнезија.
Новото раководство на Христијан Мицкоски мисли дека со тоа што го избркало Сашо Мијалков од партијата, завршило работа. Партијата се исчистила од злото. Ги избркаа седумте пратеници што гласаа за потребата од уставни измени, избркаа уште два-тројца и – пу, пу не важи… Небаре, Мицкоски и тие околу него не биле тука. На Марс живееле претходните 12 години.
Ај што го избркаа Мијаков, туку уште и му го залепија на СДСМ. Па потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски уште и триумфално ја честиташе „новата криминална коалиција Зоран Заев, Вице Заев, Сашо Мијалков“.
На брат му на премиерот, Вице Заев, му требаа три дена да излезе и да му даде рок од уште три дена на Николоски да докаже дека има криминална спрега со Мијалков. А премиерот Зоран Заев, бидејќи е во филмот на помирувањето, рече дека не го слушал амнезичниот говор на Мицкоски на 23 Октомври, па веројатно не ги слушнал ни обвинувањата на Николовски.
Ај што не реагираше премиерот. Туку не реагираше ни СДСМ. Демек, пушти ги будалите, нека си зборат глупости. Аха. Нека си зборат. Во вакви моменти, кога сите сме на крајот со нервите, нека ги пуштаат вмровците уште да им ја водат играта, како што ја водеа 11 години. Дозволуваат една ваква, до темел растресена ВМРО-ДПМНЕ да го води муабетот во јавноста. Тие ги сетираат темите, тие го сетираат тонот, тие лиферуваат вести и лажни вести, а власта само реагира.
Баш ми е гајле ако во ВМРО-ДПМНЕ решиле да живеат со неприфаќање на реалноста. Со свесна амнезија. Ама, проблем е ако ние ја прифатиме нивната амнезија. Богами, како тргнал Заев со помирувањето, сѐ ми се чини дека со амнестијата во пакет ќе дојде и амнезијата.
3 Амнезијата во ВМРО-ДПМНЕ е пуштена на најјако. Дури и избрканиот од партија Никола Тодоров се извинува за законот со кој се отежна абортусот, којшто тој како министер за здравство со сила го протурка во Собранието. Очи копаше додека се водеше божем расправата за законот. А без потреба го менуваа стариот закон. Само за да се прават божем богобојажливи конзервативци. А во реалноста, што сега ја негираат, се бркаа со коли низ Скопје за да не ги фатат со швалерките.
Тодоров тогаш лажеше дека неговиот е најлиберален закон за прекин на бременоста во Европа. Три пати ми се јавуваа, ми се закануваа, додека бев главен уредник на „Вест“ да не објавувам за протестите против законот. А сите жени што тогаш работеа во „Вест“ беа на протестот пред Собрание. Среќа што објавивме. Инаку сега ќе требаше и јас да се извинувам.
А што правиме со 23-те пратенички што тогаш гласаа „за“ укинување цивилизациска придобивка? Тие што се фалеа дека се „горди послушнички“. Некои од нив се пратенички и во актуелниот собраниски состав. И тие ли ќе се извинат?
Макар што, кога сме веќе кај извинувањата, би требало да се извинат и пратениците од СДСМ. Оти година и пол не можат да го сменат законот на Тодоров. Имаа попаметна работа. Мораа да го сменат законот за забрана на пушењето.
4 Мицкоски запнал „народот“, па „народот“, ама чувме што мислеле тие за народот. А еве сега и на судењата за изборните измами се слушаат бомбите за нивното почитување на народот. Додуша, се слуша и за самопочитта на народот.
Ним народот им бил битен само за да ги гласа. Им требале луѓе како гласачи за да ги поткупуваат. Тие не збореле како за луѓе. Збореле како за стока што се пребројува. Жените ги „попарувале“. Докторите во болниците во „комади“ ги вреднувале. Полицајците ги проверувале. За „Циганите“ и „Шиптарите“ ич муабет да не правиме како ги „стегнале“ да гласаат. Не било само со „влечење за уши“. Јаки бизнисмени даваат отчет и кажуваат како вртеле по телефони да им наредуваат на своите вработени да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Директори на мултинационални компании обезбедувале гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Газди на познати синџири на аптеки ги контролирале своите вработени како ќе гласаат.
И сега тие, особено поткупените гласачи, ќе ми зборуваат за достоинство и идентитет. Како стока ги третирале, а тие уште и им аплаудирале за тоа. По сѐ што чувме, треба да им веруваме дека по сопствено убедување, со разум, ама и како што им говорело срцето, на 30 септември правеле ајвар. Го бојкотирале референдумот за името за да го сочуваат идентитетот и достоинството.
За какво достоинство зборуваат, кога самите дозволиле да ги третираат како овци? Само што не ги носеле на пасење. Туку на гласање.
5 Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, по повод една година од мандатот ќе организира прес дружба со новинарите од скопските рубрики на редакциите. Во поканата пишува: „дрес код – формален“.
Е па колеги, дотерајте се. Само, внимавајте како ќе стигнете до местото на настанот во центарот на Скопје. По тротоари не може да се движите оти се зафатени со коли, билборди и најлонски тераси од кафеаните кои го узурпирале јавниот простор. Оти, градоначалникот една година ветува дека само што не излегол да ги исцрта терасите. Со себе понесете и антитетанус и серум против беснило, оти голема е веројатноста да ве касне куче. За ѓубрето ич да не правиме муабет, оти можеби ќе имате среќа да го исчистила Ирена Ристиќ. Ако пред тоа не поминал да зачисти холандскиот амбасадор. И понесете си туба кислород, за да земете воздух под најлонот во кој така формално облечени ќе се дружите. И сочувајте уште малку од воздухот. За кога ќе се враќате накај дома шетајќи низ „Скопјенце мило“, да не дишете од загадениот воздух. Оти, еве залади и загадувањето повторно е во мода.
Се разбира, за сите овие работи ќе можете да му поставите прашање на градоначалникот. Иако, голема е веројатноста да ви одговори дека не може ништо да направи.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST