ЗАТВОР ИЛИ ЗАБАВА

Ние сме дојдени до дереџе криминалците и тие што бараат и поддржуваат амнестија за криминали, да решаваат за иднината на сите нас.

ЗАТВОР ИЛИ ЗАБАВА

1 Поканаааааа… Мала забавааа… Еве дојдов без да ти се нааааајавам…

Нацијата е повторно соочена со уште еден судбински избор. Дали да се радува за поканата за НАТО и датумот за преговори со ЕУ, или да протестира за амнестија на криминалците. До сега не сме имале појасен избор. Од едната страна покана за НАТО што ја чекаме 27 години и датум за почеток на преговори со ЕУ, што исто така го чекаме 27 години. Од друга страна, јасно барање за амнестија на криминалците обвинети и осомничени за организиран напад на Собранието.

Сосема ми е разбирливо зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека оваа власт ја однела државата во ќорсокак. Затоа што за тие што Мицкоски сака да ги спаси, затворот навистина е ќорсокак. Се влегува и после тешко се излегува.

Тие што Мицкоски сака да ги спаси со протестните маршеви за амнестија, наспроти прославите за НАТО, се целото бившо раководство на ВМРО-ДПМНЕ и пола од пратеничката група, која или е во притвор, или пасошите им се во судот. А ние сме дојдени до дереџе криминалците и тие што бараат и поддржуваат амнестија за криминали, да решаваат за иднината на сите нас.

Инаку, каква логика има ВМРО-ДПМНЕ, конзервативната, најантикомунистичката партија, која уште пред независноста, од 1990 година се бори да ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ, сега да го кочи процесот кон НАТО и ЕУ? Каква логика има партијата што во сите изборни кампањи и партиски програми го измисли и го наметна референдумот како конечен одговор на секаков договор за името, сега да го кочи референдумот.

Нема логика. Ама има други приоритети. Треба да се спасат од затвор Груевски, фамилијата и пошироката фамилија. И поради тоа и ние треба да останеме во затвор. Изборот е навистина тежок. Слобода за нив, затвор за нас. Што ќе избереме?

2 Изборот ни го кажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. По стоти пат. Во Брисел го кажа истото што го кажа и тука во Сообранието. Ама, велат, бил многу груб.

Три работи си кажа човекот. Прво, праша: Сакате во НАТО, или не сакате во НАТО? Второ, рече: „Ако сакате во НАТО ќе прифатите да влезете како Северна Македонија, ако не сакате Северна Македонија нема да влезете во НАТО“. И трето, констатираше: „Имате историска шанса што се укажува еднаш во животот и ваше е дали ќе ја искористите“.

Што е тука грубо, а што требало Столтенберг да ни го каже со пољубезни зборови?

Замислете, требало да го смениме името. Стварно? Даааа? Па за што преговаравме 25 години?

И сега, медиумите што уште им должат на криминалците измислуваат фрази како „условена покана“. Нема условена, неусловена. Покана е. Сакаш да ја прифатиш, или не сакаш да ја прифатиш. Ако не сакаш, не одиш во НАТО. Никој не те тера со сила.

Си потпишал договор со Грција оти си преговарал 25 години за да потпишеш. Треба да го спроведеш. Ако не си сакал да го спроведеш, зошто воопшто си преговарал за договор?

Не знам што уште тука не е јасно.

Триесет години збориме за ЕУ и НАТО. И не можевме да влеземе оти Грција се противеше. Немало други причини. Грчкото вето беше единствената причина. И сега, кога и Грција потпиша договор со кој името ќе биде Република Северна Македонија и прв пат во историјата призна македонски јазик и македонска нација и се согласи да не го блокира влезот во ЕУ и во НАТО, ние сами ќе си ставиме пречка. Затоа што треба да се спасат криминалците што 11 години ја држеа државата во заробеништво.

Дали стварно себеси толку се мразиме?

3 Со право премиерот Зоран Заев ги поканува вмровците да се радуваат оти и тие биле заслужни за поканата за НАТО. И тоа како се заслужни. Да не беа вмровските пратеници што ги отворија вратите на Сообранието на 27 април и да не се јавеше телохранителот на Груевски од Виена, поканата за НАТО можеби ќе беше навистина условена.

4 Македонија, дали со забава, дали со протестни маршеви, дали со Ѓорге Иванов како врховен командант, или со некој друг, еден ден со себап ќе влезе во НАТО. Ама, прашањето е дали и ДУИ ќе влезе во НАТО? Оти, тие се посебна држава. Слободна територија со сопствени стандарди.

Владата го разреши на негово барање директорот на затворот во Струга Арменд Шаќири, кој е под истрага во случај за криумчарење дрога во затворот. Еден ден покасно, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, го постави за директор на штотуку формирано претпријатие за паркови и зеленило. Оти немало друг посоодветен кадар. А поранешниот министер за правда Билен Саљији пред некој ден стана заменик-генерален директор на МЕПСО. Пред да биде министер два пати бил директор. На Државен инспекторат за шумарство и ловство. А пред тоа на комуналното претпријатие во Врапчиште.

Во ДУИ нема трте-мрте. Или си директор, или си директор. Или, ако не си директор, не мора да одиш на работа, ама плата мора да примаш. Па нив вицепремиерот Хазби Лика со месеци не им одел на работа во Влада, а ние ваму ќе ситничариме за некакви рамковни вработувања. Сѐ по НАТО стандарди.

5 Ако сте се прашувале зошто баш Холандија, една фина пријателска земја што дава многу помош за Македонија, а богами и многу туристи ни доаѓаат од таму, имала некакви резерви кон проширувањето на ЕУ со нас, одговорот стигна преку гимназијалците од Ротердам кои дошле во Скопје да ги насликаат ѕидовите на Детската клиника.

Арно ама, виделе дека во Клиничкиот центар има многу расфрлано ѓубре, па самоиницијативно фатиле да го чистат и ѓубрето околу Детската клиника.

Се збуниле децата. Требало да им речат, вие цртајте си внатре низ болницата, а ова надвор оставете го. Вие правете уметност внатре, тука надвор не пипкајте. Ова не е ѓубре. Ова е уметничка инсталација. Ќе дојде после уметникот ќе си ја собере. А не тие, педантерии холандски,  ја упропастиле инсталацијата. Со вечни трауми ќе си заминат дома.

Со спомени од Македонија. Една убава земја, во која на народот не му пречи што нема ни чист воздух за дишење, а не пак ќе се вознемирува од ѓубре околу болниците.

И ај да се вратиме на темата за заштита на идентитетот. И на дилемата од почетокот на текстот. Слобода на криминалците или затвор за граѓаните?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира