ЖЕЛБОТЕКА

Ионака сите дремете на Фејсбук, читајте дека премиерот има план.

ЖЕЛБОТЕКА

1 Некои компании се однесувале неморално, неетички и некоректно и манипулирале со зголемувањето на цените откако на 31 мај престанаа да важат антикризните мерки и се вратија данокот од 5% на основните прехранбени продукти и акцизите на горивата, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Ма, дали е можно? Што збориш? Како го откри ова вицепремиерот за економски прашања три дена по завршувањето на антикризните мерки? Да не му се јави премиерот Димитар Ковачевски од многу важниот форум во Словачка, шокиран од вакви непредвидливи последици по враќањето на ДДВ-то и акцизата на редовната стапка?

Битиќи најави дека сега Владата очекува извештај од инспекциските служби со мерки што ќе ги преземале. Ќе ни ги кажат ли кои се манипулаторите кога ќе ги откријат? Што имаме од анализите што допрва ќе ги прави Владата ние како граѓани, кои сме паднале на манипулацијата на „неетичките, некоректните и неморални трговци“ па сме пазареле и 20 % поскап зејтин, брашно, млеко? Нам секако нема да ни ги вратат парите. Па и да ги казнат манипулаторите, пак тие пари од казните ќе одат да се покријат барањата во државниот сектор за поголема плата.

Оваа година 31 мај за Владата дојде некако ненајавено, неочекувано. На 3 јуни се изненади дека 31 мај поминал. Тој ден имала седница, ама на министрите не им текнало дека на полноќ истекува рокот за нивните антикризни мерки и се одмрзнуваат цените. Ај што не предвиделе што ќе се случи, туку не ни виделе што им се случува. Не поминале покрај ниту една бензинска пумпа.

И ај сега, ќе им се чудиме на тие со џиповите што изгубија два саата од животот за да заштедат 500 денари. А нема да ѝ се чудиме на Владата што три дена откако се направи хистерија со цените допрва ни кажува дека има план. Па на крај сме со нервите бре, луѓе. Кај две години со ковид криза преживуваме, кај војна во Европа нѐ загрозува, кај бугарско вето ни ја блокира иднината, најмалку што очекуваш е барем премиерот да одржи една прес-конференција да каже што му е планот пред да истечат антикризните мерки. Да помислиме дека сочувствува со нашата загриженост како ќе се тера живеачката во кризава. Летото брзо ќе помине. Да не се изненади Владата кога ненајавено ќе дојде есента. Наместо да се обраќа по форуми низ Европа, премиерот требаше да ни се обрати нам. А не –  ќе си снимам јас интервју за телевизија, ќе го објават дур не сум тука и ќе си пишам нешто на Фејсбукс. Ионака сите дремете на Фејсбук, читајте дека имам план.

2 Веројатно, премиерот Ковачевски има план и како да ѝ ги исплати на јавната администрација 2.806-те денари линеарно покачување на платата што му го вети на Синдикатот  по административното покачување на минималецот. Вицепремиерот Битиќи и министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска заедно со претседателот на Синдикатот Дарко Димовски држеа говори на првомајскиот протест на синдикатот пред Владата. Арно ама, изгледа министерот за финансии Фатмир Бесими ја има пропуштено таа епизода од серијата „Желботека“, па не ги предвидел тие пари за државните службеници со ребалансот на буџетот.

Планот е едноставен. Ќе се задолжи државата 900 милиони евра. Ќе собере повеќе пари од ДДВ од зголемените цени и од вратената акциза. И ќе им ги даде на тие со државна плата.

Тие што не се јавна администрација нека извинат. Повеќе среќа при следното вработување.

3 За јавната администрација било понижувачки платата да им биде изедначена, или малку поголема од минималната плата. Затоа, наједноставно решение би било да се намали минималецот. Да се врати на 15.000, или на 12.000 денари. Нека се солидаризираат најслабо платените вработени во приватниот сектор со јавната администрација. Ако ним им се намали работничкиот минималец, тогаш државно-административната привилегирана класа нема да има со кого да си ја споредува платата.

Да им речеше некој на вработените во Управата за водење матични книги да работат од 9.00 до 17.00 часот со таква посветеност како што осум часа се печеа на скопското сонце блокирајќи една од клучните раскрсници во центарот, досега и во меѓународен синдикат ќе се пожалеа.

Десетина синдикални преставници со пет-шест коли направија хаос блокирајќи ја раскрсницата низ која води сообраќајот до Клиничкиот центар во кој доаѓаат на лекување од цела држава. Од болните и нивните роднини што не можеа да им пристапат на клиниките ли очекуваат солидарност за барањата за поголеми плати? Кога веќе сигурно не можат да очекуваат солидарност и разбирање од оние 20.000 луѓе на кои им го искомплицирале животот со грешките во личните податоци на матичните документи.

Така што, во следната епизода на „Желботека“ имајте разбирање и за овие што штрајкуваат повеќе од месец и пол. Оти тие во периодите кога работат и кога грешат 20.000 пати годишно, работат со странки од 9.30 до 14.00 часот и имаат пауза од 12.00 до 12.30. Покрај зголемена плата, што нема да им биде понижувачка како минималната, редно е со колективниот договор да им се гарантира и подолга пауза.

4 Зошто СДСМ го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кандидатите за уставни судии јавно да се претстават во Собранието? Ако може такво претставување да имаат кандидатите за амбасадори, ако такво претставување имаа кандидатите за членови на Антикорупциската комисија, ако такво претставување се бара и за кандидатите за Програмскиот совет на МРТВ, тогаш зошто не би можеле да ги чуеме и кандидатите за уставни судии? Мене лично повеќе ме интересира кој ќе ми го брани Уставот, отколку кој ќе ме претставува во странство.

Пратениците на СДСМ згрешија што не го прифатија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Така пропуштија шанса, на пример, да го прашаат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за уставен судија Саво Климовски да им објасни зошто пролетта 2017 година на протестите пред Собранието на луѓето им викаше „Не стојте тука, влезете внатре“. И тие го послушаа на 27 април, кога се случи организираниот напад на Собранието. И како идниот уставен судија Саво Климовски ќе ги соочи правните аргументи со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, која како судијка во Кривичниот суд ги осуди напаѓачите на Собранието за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата?

5 Бугарскиот претседател Румен Радев најавува дека за дигање на ветото за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, Бугарија треба да организира референдум.

Е па кога Германија, Франција, Холандија, Шведска, Данска, Италија… пропуштија да организираат референдуми кога ја примаа Бугарија во ЕУ, сега нека ги зафркава Радев. Од името на Путин.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира