1 Е па, ај честит нека ни е роденденот на Гоце Делчев што ќе го славиме заедно со Бугарите на 4 февруари. Почна втората година со оптимизам за решавање на спорот со Бугарија и тргање на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, со четиридневни интензивни средби на новите македонски и бугарски власти и во Скопје и во Софија. Се раѓа нова надеж.
Таму, во Собранието премиерот Кирил Петков повторно им кажува дека „темите за македонско национално малцинство се апсолутно недопустливи“, ќе трага по репресирани Бугари во Македонија, бугарската власт нема да ги признава 11-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур за правата на Македонците во Бугарија, а ние ќе ракоплескаме дека божем мрднала работата со заедничко чествување.
Ееее, Заев колку чествуваше заедно со Борисов. Сè и сешто чествуваа, се гушкаа и се бацуваа. И бугарски генерал од Балканските војни заедно славеа во Дојран. Свети Кирил и Методиј со години ги чествуваме во Рим заеднички. Радев лани дури и Пендаровски го возеше со бугарски авион на чествување.
Ама, нова власт таму, нова власт тука. А заедничкото чествување е стара финта. Тоа не доведе до тргање на ветото за ЕУ. Со што е помрдната работата напред за да имаме нова надеж? Беа пет уцени, сега се четири!? Ќе има помрднување кога Бугарија ќе го откочи нашиот пат кон ЕУ. А заедничките работни групи нека продолжат да се среќаваат во рамки на пријателските односи за време на пристапните преговори.
Ќешки до чествувањето на Гоце Делчев да е проблемот што си го имаме со Бугарија. Вака, повеќе прилега да ги славиме годишнините на сите бугарски вета за Македонија. Заедно.
2 Статусот земја-кандидат за ЕУ ни го дадоа во декември 2005 кога претседавач на ЕУ беше Обединетото кралство.
Во февруари 2008 година, кога претседавач беше Словенија, Унијата усвои Партнерство за пристапување, па Македонија требаше да ги почне преговорите во 2009 за време прво на чешкото, а потоа на шведското претседателство.
Во март 2019, за време на романското претседавање со ЕУ, добивме „кристално чист датум“ за почеток на преговорите во јуни. Арно ама, на Макрон му текна да бара нова методологија за проширување, па го чекавме хрватското претседавање со ЕУ во 2020.
Потоа, Германија која претседаваше со ЕУ во втората половина на 2020, беше убедена дека во декември ќе ги почнеме преговорите. Па дојде првото бугарско вето.
По Германија, во 2021 ѝ дојде редот на Португалија. Па дури и предлог за решавање на спорот смислија. Во јуни дојде второто бугарско вето. И така – кога еднаш веќе го свртевме кругот на сите европски претседавања повторно се вративме во 2008 – пак ни се погоди Словенија за претседавач. И – трето бугарско вето.
Како што го почнавме вториот круг претседавачи, ќе почекаме и трет круг. Оваа нова надеж што ја влева заедничкото чествување на бугарските вета треба да ни даде нов импулс на ентузијазмот за ЕУ. Нели, надежта последна умира. Па еден ден и на Албанија ќе ѝ дојде редот да претседава со ЕУ. Па на Самит во Тирана ќе смислат начин како да ја замолат Бугарија да престане да ја кочи иднината на Македонија. Потоа, на некој друг самит, еве да речеме во Белград, со себап, почетокот на преговори ќе се ефектуира за време на српското претседателство со ЕУ. Ако не почнеме да преговараме за време на српското, тогаш сигурно првата меѓувладина конференција ќе биде за време на црногорското претседавање со ЕУ.
Ако ова е оптимизам, тогаш не знам што би било песимизам.
3 Новиот импулс во македонско-бугарските односи не се чувствува само со роденденската атмосфера околу Гоце Делчев. За да се отстрани бугарското вето на патот за ЕУ нема само да чествуваме. И фудбал ќе играме.
Во Софија сите нешто договорија, па ајде и Артан Груби, да не остане покус, договори фудбал. Од Кабинетот на првиот вицепремиер кој копретседава со заедничката работна група за култура, образование, наука, туризам, млади и спорт, соопштија дека неговата работна група ги поставила заедничките приоритети на кои ќе работат во наредниот период, а меѓу нив е „организирање на еден фудбалски натпревар меѓу владините кабинети“.
За очекување е сега, во „духот на транспарентноста на оваа влада“ Груби да дава редовен отчет пред јавноста за формата на Кабинетот на Ковачевски постигната до натпреварот.
Притоа, премиерот Ковачевски да биде особено претпазлив како Артан Груби ќе го составува тимот. Да му дозволи да ги избира само фудбалерите. Немој да му текне пак да ги ангажира навивачите од групата „Шверцери“, како што ги ангажираше во 2011 во тепачката за црквата на скопското Кале. Или како во 2019, кога обезбеди навивачката група на „Шкупи“ да слави јубилеј во новата златна зграда на МНТ. Не им се бендисуваше „Скопје 2014“, па од внатре го уништуваа.
4 Не знам што е драматично, а уште помалку, пак, што е смешно во изјавата на новата министерка за одбрана Славјанка Петровска дека оружените сили на Македонија се подготвуваат за евентуалната агресија на Русија врз Украина.
Во интервју на Телевизија Телма министерката рече: „Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се одржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја-членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментов, имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата“.
Ништо драматично. И ништо смешно во вицовите по социјалните мрежи дека Македонија ќе ја напаѓа Русија.
Ние сме членка на НАТО. Триесет години се боревме да станеме членка на НАТО. Ние сме внатре – во НАТО. И би биле сосема несериозни, во ситуација кога цел свет зборува за можна нова војна во Европа, ние да се правиме како да не сме од тука. Нашите сојузници во НАТО рекоа дека во евентуален конфликт ќе застанат на страната на Украина. НАТО е првенствено воен сојуз. И нормално е како држава членка на таа организација, како сојузници на другите 29 држави, да се преброиме, да видиме со што можеме, а со што не можеме ние да придонесеме во евентуалниот конфликт на НАТО со Русија, бидејќи сме потпишале договор со обврски. Може ќе дадеш воздушен простор. Може ќе ги отстапиш аеродромите. Може ќе испратиш медицински тим. Може немаме тенкови, ама имаме снајперисти. Може и стручњаци за пи-ар имаме. И интернет ботови за сајбер напади со глупава смисла за хумор. Така е тоа со сојузите. Даваш тоа што имаш. Другите ти даваат тоа што го немаш.
Башка, смешно ли беше кога праќавме војници во Авганистан и во Ирак? Зошто нема вицови дека имаме свои војници во Косово и во Босна и Херцеговина?
Потсмевањето нема врска ни со НАТО, ни со Русија. Изјавата на министерката Петровска само им се погоди како уште една прилика да си играат мајтап со жена на јавна функција и да наоѓаат маани на нејзиниот физички изглед.
Мислиш дека си шизик кога се потсмеваш со нашето учество во НАТО. А всушност, зад НАТО си го криеш простотилакот.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST