1 Прославивме 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Тоа е историската личност родена во 19. век, која стана пречка за напредокот на Македонија кон ЕУ затоа што некаква заедничка македонско-бугарска комисија во 21. век не успева да се усогласи кому повеќе му припаѓа. Да, да… Така е. Не сонуваме. Не фантазираме. Не сме ни дрогирани. Вистина е дека една земја-членка на ЕУ става вето за почеток на преговори на соседна држава, затоа што спори со личното чувство за етничка припадност на некој што се родил пред 150 години. И не само што не го признава како Македонец Гоце Делчев, кој загинал пред речиси 120 години, туку и нас живите не нè признава за Македонци.
Гоце Делчев пред повеќе од еден век сонувал за некаков свет како поле за културен натпревар. И ние сонуваме за некаков свет во кој ќе се реализира неговата идеја за прогрес, па затоа и го одбравме патот кон ЕУ. Затоа што веруваме во цивилизациските вредности кои и Европската унија ги споделува како неспорни. Арно ама, се соочивме дека во таа прогресивна и развиена ЕУ беспоговорно поминува однесувањето на земја-членка што не го разбира светот како поле за културен натпревар, туку како поле за силеџиско покажување мускули. Еј, се бориме ЕУ да ни го признае јазикот на кој зборуваме.
Светот за којшто сонувал Гоце Делчев едноставно – не постои.
2 Десетина родители во едно гостиварско училиште потпишале петиција дека не сакаат нивните деца да учат со девојче со Даунов синдром. И што направило училиштето? Го преселиле девојчето во посебна просторија да си учи само, за да не се меша со другите деца.
И ај сега, ќе морализираме. Колку се лоши родителите, колку се нехумани, колку сме катиљ народ, без сочувство, себични, прости, некултурни, необразовани…
Страшно е тоа што има такви луѓе кои се организирале и напишале петиција за да ги „заштитат“ своите деца со „нормални потреби“ од едно девојче на нивна возраст со посебни потреби. Ама, многу пострашно е што таа петиција поминала во системот. Не е проблем петицијата и тие што ја напишале. Петицијата би била безвредна ако системот функционирал. Има ли Устав? Има ли закон? Има ли тоа школо директор, има ли инспектори за образование, има ли наставнички совет, педагог, психолог, совет на родители, градоначалник што го поставува директорот… Има цела хиерархија и инфраструктура на луѓе во институциите што едноставно не си ја вршеле работата. Тие луѓе дозволиле петицијата на родителите да стане закон, а на детето не му ги заштитиле правата на образование.
Во случајот со малата гостиварчанка Ембла излегоа силни гласовите на луѓето што не прифаќаат различност, затоа што затаила државата. Ако имало институции и кадарни луѓе во тие институции што само требало да си ја вршат својата работа според закон, тие родители што не почитуваат различност ќе беа безгласни.
Овој случај уште еднаш сликовито нè соочи со реалноста дека институциите не се тука за нас. Нема разлика дали си со посебни, или со редовни потреби. Нема разлика дали треба да го оствариш правото на лекување, или правото на образование. Дали ќе добиеш државен термин за тестирање и крвна анализа за ковид-19 ако имаш симптоми, или ќе тераш правдина со директор на училиште ако имаш дете со посебни потреби. Институциите ги нема кога ти се потребни. Оставен си сам на себеси.
Треба да излезеш на вести на телевизија за да ти се реши проблемот. А не може сите на вести да излегуваме.
3 Трагично е што при таков почетен ентузијазам за промени и поддршка за елиминирање на корупцијата, по шест години дојде време најсилниот глас за укажување на корупција да ни биде ВМРО-ДПМНЕ, партијата што не се ни извини за грабежот од епски размери што го направи за време на 11-годишното владеење.
Но, што е уште потрагично, СДСМ упорно ги есапи за непријатели неутралните што не излегоа да гласаат за нив на локалните избори. Тие им се виновни за поразот и продолжуваат да им се лутат и да им се ситат – е сега, видовте кој победи кога не гласате? Не прифаќаат дека мора да е и до нивното лошо и пред сè некадарно владеење штом успеаја до толку да го ревитализираат ВМРО-ДПМНЕ, за сега од морални височини да им ги брои залаците по кафеани и да им попува за корупција.
Па уште и лидерот Христијан Мицкоски изјавува дека „заврши времето кога голтари влегувале во политика, а излегувале како милионери“. Кога заврши тоа време? На 13 ноември 2018, кога лидерот сосе милионите што ги ограби им се јави на Фејсбук со „Јас сум во Будимпешта сега“? Или дента кога Мицкоски како асистент на Машински факултет кај татко му стана газда на хидроцентрали?
4 ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Мицкоски се сретнал со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин и му се пожалил дека Македонија „бележи политички и економски застој во поглед на нашите стратешки цели за членство во Европската унија“.
Што ли си помислил амбасадорот на Русија, кога лидерот на најголемата опозициска партија во земја-членка на НАТО му се жалел дека не можеме да влеземе во ЕУ? На вистинско место се пожалил Мицкоски. Баздникин сигурно го утешил во духот на руските класици. Веројатно му рекол: „А мајка ви, што ја баравте во НАТО, ја најдовте ли?“
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST