РАДИКАЛЕН МЕНАЏМЕНТ

Невиното мавтање на бугарскиот европратеник Џамбаски не е нацистички поздрав. Тоа е административен поздрав. Така мавтале администраторите на Македонија од 1941 до 1943 година. 

РАДИКАЛЕН МЕНАЏМЕНТ

1 Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, од позиција на претседателка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ѝ се закани на Владата дека градоначалниците ќе се радикализираат, ако Владата не им даде пари да си ги платат општинските сметки за струја. Како ќе се радикализираат? Ќе ја нападнат Владата? Ќе протестираат и ќе блокираат улици и патишта? Нема да собираат ѓубре? Ќе ни ја исклучат водата? Ќе ни го исклучат уличното осветлување и ќе ни ги пуштат кучињата скитници да нè изедат во мракот? Или во духот на успешно радикално менаџирање – едноставно нема да плаќаат струја?

Важно, паркирањето во Скопје ќе биде поевтино за 25 проценти. И ќе има бесплатен автобуски превоз. Како што би рекол Зоран Ставрески, супервизорот на ВМРО-ДПМНЕ за проектите на нивните градоначалници – „Ние сме лудаци. Немаме за леб, а трошиме за чоколадо“.

На крајот на краиштата, што и да ветила менаџерката на Град Скопје во изборната кампања, тоа не важи ако има криза. За кризата нека му ја мисли Владата, таа си има свои проекти. Среде светска енергетска криза намалува цена на паркинг и воведува бесплатен превоз за пензионери. Мегапаркот ѝ е многу поважен од покривањето на трошоците за греењето на скопјани. Владата да ѝ даде пари за таа да си ги тера популистичките проекти. Неа да ја сакаат пензионерите, а сите да ја мразат Владата оти се задолжува. Зошто? Затоа што партијата што ја поддржа на изборите не е Влада.

Менаџерски е да се прилагодиш на условите во кризна ситуација. Ако компанијата е во криза, гледаш како да ја извлечеш, да намалиш непотребни трошоци, да штедиш, да бараш други извори на финансирање, да намалиш работни места. Не е менаџерски да се се жалиш по телевизии дека сите те напаѓаат и дека немаш пари да платиш струја. Нека се жали, ама нека направи нешто во кризава. Вака, Данела не се покажува како некој што е избран да решава проблеми на граѓаните, туку како некој што ќе протестира во името на граѓаните.

Лесно му е на Христијан Мицкоски да си седи во белата палата и секој ден по три-четири пати да бара предвремени избори и да мрчи, оти од таа позиција нема одговорност да води ни месна заедница. Ама, Данела има главен град за водење. Таа го има буџетот на Скопје, не Мицкоски. И има конкрени задачи градот да функционира и во услови на криза. Без разлика што скопјани ја избраа како независна, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, не мора да оди по паметот на Христијан Мицкоски. Оти како што тргнал да блокира сè и сешто затоа што не е на власт, ќе излезе на крај – не бесплатен превоз, туку ни превоз воопшто ќе нема.

2 Помеѓу две изјави за предвремени парламентарни избори, Мицкоски побара Владата да им даде повеќе пари на општините од државниот буџет и во исто време најави дека ќе бара да се намали цената на акцизите. Е од каде ќе се собираат пари во буџетот?

Па после ќе обвинува дека „администраторот“ и „пионот“ Ковачевски многу ја задолжил државата и ја води во погрешен правец. А неговиот главен економски стручњак Трајко Славески ќе анализира дека сме задолжени неколку генерации нанапред. Цела среќа што кога тој беше министер за финансии, Владата на Груевски не се задолжуваше толку. И уште поголема среќа е што продуктивно ги трошеа парите на споменици.

3 За миг ми беше смешно кога ВМРО-ДПМНЕ со соопштение побара одговорност од власта зошто снемало струја во Скопје, во време кога Мицкоски давал отчет за сработеното на вмровските градоначалници во првите 100 дена од владеењето.

Тоа е истата партија што ја слушавме во бомбите како викаше „струја нека снема“ за да не може да оди некоја емисија на телевизија. Тоа е истата партија чијшто министер бараше од Контролата на летање и од аеродромот да ги држат авионите во воздух, да не им дадат да слетаат на време граѓаните што доаѓаа да гласаат на избори. Така што, нормално е за таа партија прв рефлекс да им е да помислат дека власта намерно запалила трансформатор за да му снема светло на Мицкоски додека тој ги чита успесите.

4 Не знам зошто јавноста се возбуди толку дека на затворена седница, Владата решила за генерален конзул во Њујорк да испрати 28-годишна ТВ презентерка.

И што е страшно што кандидатката за генерален конзул е ТВ презентерка? Што е таа виновна ако се смета за способна да биде конзул? Била амбициозна, се пријавила во партијата, партијата ја поддржала на Влада, Владата ја избрала. Зошто целиот гнев беше насочен кон неа, а не кон Владата која ја избрала на затворена седница кршејќи ги законите за дипломатска служба, па после се обиде тоа да го скрие?  Секој може да посака што сака.

Ама, така е кај нас. Почнувајќи од најниските ешалони на „клати врата земај плата“ општински службеници, преку директори на јавни претпријатија, школи, градинки, театри, болници, па сè до генерални конзули и амбасадори. На тројца професионалци доаѓаат уште тристројца ебиветри – кој по партиска, кој по роднинска, кој по сексуална линија.  А ние ги плаќаме желбите на партиските кадри. Кај нас администрацијата одамна не е партизирана. Ние имаме класична партиска администрација на државна сметка.

5 Бугарскиот европратеник Александар Џамбаски, познат по своите антимакедонски ставови и еден од главните поддржувачи на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, среде Европскиот парламент во Стразбур поздрави со нацистичкиот поздрав на крената рака.

Потоа се правдаше дека тоа не бил нацистички поздрав, туку невино мавтање со раката.

Европратеникот го ставаше Охрид во неговиот предизборен спот со ветување дека „Охрид ќе стане побугарски“ со повик „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè“.

Неговото невино мавтање не е нацистички поздрав. Тоа е административен поздрав. Така мавтале администраторите на Македонија од 1941 до 1943 година.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира