ВОЗБУДЕНИ ПРАЗНИКОЉУПЦИ

Еден од тие што ја исполнувале „Желботеката на Груевски“ си доби 15 години затвор и притвор до правосилност на пресудата. А Груевски доби 2 години и не дојде да ја слушне пресудата. Оти така сакал.

ВОЗБУДЕНИ ПРАЗНИКОЉУПЦИ

1 Добро утро Македонци, драги сограѓани. Дали се наспавте? Или ќе поспиеме уште малку? Уште едно десетина години, а може и малку подолго.

Дали по речиси 23 години преговарање со Грција дојде време за будење и конечно ни стана јасно дека крајниот исход од преговорите што се водат со посредство на Метју Нимиц во ОН е – промена на името на државата? И дека од септември 1995 година, кога беше потпишана Привремената спогодба во Њујорк, ние не преговараме со Грците за да ги убедиме дека не треба да го смениме името. Туку преговорите се, ако веќе го менуваме, како да го смениме.

Ние од 1995 година одбиваме да се соочиме со проблемот. И нерешавајќи го, се надеваме  дека проблемот самиот од себе ќе исчезне. А не може да исчезне, затоа што Грција нема проблем. Напротив. Од нашето осамостојувањето во 1991 година па до сега, Грција правеше сѐ не за да исчезне проблемот, туку ние да исчезнеме. И да бидам искрен, сѐ уште мислам дека играат нечесно. Не им верувам. Ама, дали тоа значи дека штом тие се злобни, ние треба да продолжиме да живееме без европска перспектива? За инает? На кого? На себе.

Самото менување на името е голема неправда. Запечатена и оверена во 2011 година дури и со печатот на Меѓународниот суд во Хаг. Ама, дали тоа што 23 години упорно преговараш за промена на името, а викаш „Името не го менуваме“  ќе ја поправи таа неправда?

Возбудата околу промената на името најмногу расте за време на продолжени викенди, каков што е овој. Кога десетици илјади иредентисти од нашата Македонија се селат на плажите и ги окупираат таверните на нивната Македонија. И кога десетици илјади националисти од нивната Македонија тргаат во контранапад на гевгелиските казина и битолските стоматолошки ординации, фризерници, козметички салони и продавници. И едните и другите возбудени празникољупци го бранат името. И никој не може ниту да им забрани, ниту пак да им се лути оти го прават тоа. За свои пари што сакаат ќе си прават. Живот за сите. Еден е животот.

Така што, немаат Грците проблем со нас. Немаме ни ние проблем со Грците. Ние си имаме проблем со НАТО и  со ЕУ. И тоа е веќе голем проблем.

2 Забележувам дека расте возбудата и околу тоа дека во пресрет на празничниот викенд, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, не само што се појавил, туку и иницирал ТВ дуел со премиерот Зоран Заев. Велат дека тоа бил голем демократски исчекор, наспроти Никола Груевски кој одбиваше да се појавува на ТВ дуели.

Јака демократија е кога лидерот на опозицијата го брани перфектното владеење на неговиот претходник. Кога Христијан Мицкоски се однесува како минатите 12 години да живеел во некоја друга Македонија, во која не бил премиер Никола Груевски. Во некоја Македонија во која немало партиско киднапирање на државата, безочно крадење на буџетот, тешко нарушување на основните човекови права со масовно прислушување… Во некоја Македонија во која партијата на која сега е претседател Христијан Мицкоски не учествувала во организиран напад на Собранието, при што „да сакале да го убијат, ќе  го убиеле“ и лидерот на парламентарното мнозинство.

Христијан Мицкоски од паралелната Македонија кажува што му требало на народот. Па уште и кога тоа ќе го каже агресивно и дрско на телевизија, мајтапејќи се со струмичкиот дијалект на Заев, може и тебе да те телепортира во неговата Македонија. Во која не била на власт неговата партија, таа чиешто цело претходно раководство се влече по судови, кој за кражба на пари, кој за кражба на избори, кој за насилство…

Зошто треба да сме среќни дека Мицкоски се појавил на дебата? Тоа што го кажа не е ништо поразлично од тоа што го правеше Груевски. Искрено, не ни очекував од него да побара прошка за злоделата направени минатите 11 години. Не очекував ни да се извини. Можеби, евентуално, очекував да се огради од Груевски и начинот на кој тој владееше со Македонија. Ама не. Мицкоски не покажа дури ни дека е свесен за злоделата што ги направи Груевски во име на неговата партија.

3 Затоа пак Иван Мирчевски, директорот на Канал 5, телевизијата која беше еден од главните столбови на злосторничката дружина, од име на сите вработени им се извини „на сите на кои им нанеле неправда“. Оти, во времето на ВМРО-ДПМНЕ му биле одземени ингеренциите.

Неправда!? Па вие зло ни нанесувавте 11 години. Ингеренции!? Кој му ги одзеде, а кој сега му ги врати? Па истиот газда го имаат. Оној што го чувме во прислушкуваните разговори како сам се нуди да ја исклучи струјата, за да не оди прилог што не ѝ се допаѓа на власта. Ако сега газдата му рече на Мирчевски да ја исклучи струјата, тој нема ли да ја исклучи? Затоа што се извини?

Па раководството на таа телевизија не беше малолетно во времето на Груевски. Не им беа загрозени животите. Напротив. Тие им ги загрозија животите на илјадници граѓани. Тие здушно учествуваа во злосторствата на власта. Свесно и со намера. Примаа пари за тоа. Тие ги доведуваа во заблуда граѓаните, тие повикуваа со кајрони на мобилизација за одбрана на власта, тие водеа хајки против неистомислениците, тие криеја настани за кои власта не сакаше да се објават… Единаесет години на таа телевизија ни лепеа клинци на лицата, со надгробни плочи ни се закануваа…

И сега ќе се извинат. И сега ќе си обелат образ. И сега – „Само вистина“. Оти ја сфатиле суштината на животот во Македонија. Единаесет години им стоеја на услуга на ВМРО-ДПМНЕ. Сега ќе бидат на услуга на СДСМ.  Не им е важна одговорноста што ја имаат кон јавноста. Важно им е само како да им пловат јахтите.

4А и СДСМ, како владејачка партија, се чини нема проблем да ги прифати услугите на медиумите со „вратени ингеренции“. Вистинската промена ќе настане тогаш кога власта ќе се откаже од медиумски услуги што се на штета на јавноста. Ама, тој живот изгледа уште не дошол.

5 Ако не ви е јасно како помошникот министер во МВР Ѓоко Поповски доби  9 години затвор за набавката на 300 полициски возила и зошто е осуден на шестипол години за набавката на мерцедесот од 600.000 евра што го сакал Груевски, а самиот Груевски доби две години, слушнете ја повторно „бомбата“ во која Никола Груевски го убедува Миле Јанакиески да го смени ДУП-от на Плоштадот Македонија во Скопје. Да се потсетите како мислел тоа да го направи, за да ги менува фасадите на зградите на ЕВН и на старата На-Ма на Плоштад Македонија, оти така сакал. Иако Миле му кажува на шефот дека тоа не е законски, Груевски му инсистира тој да напише мислење и така да наместат некоја службеничка во градската администрација.

„А бе Миле, ова што ти го викаш, они треба да го кажат, они треба да потпишат на крај, така? Мислењево е гола вода. Никаква одговорност нема некој за мислење што дал“, се слуша гласот на Груевски.

И понатаму продолжува: „Мене ми е следно, вие немате вина, вие давате мислење. Утре ако се покрене постапка некоја ќе речеш – добро, ние така мислевме, ако било незаконски они не морале да го направат, ние не сме Собрание па законот да го толкуваме. Ние даваме наше мислење, нашето мислење беше вака. Е сега прашајте си ја женава зошто го направила тоа понатаму така. Не морала да го послуша мислењето“.

Груевски сакал барокни и неокласични фасади на плоштад. Груевски сакал мерцедес со телевизорчиња. Груевски сакал скапи очила за сонце. Груевски сакал цело време да победува на избори. Груевски сакал да знае што зборуваат на телефон и неговите најблиски соработници и неговите политички противници и новинарите и пола држава. Груевски сакал само убави вести за него на телевизија. Груевски сакал да дели шамари. Груевски сакал со динамит да се одмаздува… Другите само му ги исполнувале желбите.

И сега, еден од тие што ја исполнувале „Желботеката“ си доби 15 години затвор и притвор до правосилност на пресудата. А Груевски доби 2 години и не дојде да ја слушне пресудата. Оти така сакал.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира