1 Да сум некој Германец или Французин сега, додека планирам кое море да го фатам за одмор, ич нема да ми биде гајле дали ЕУ треба да се проширува на Западен Балкан, или не. А уште помалку, пак, дали Македонија треба да оди во пакет со Албанија, или не.
Ама, тука прашањето за датумот – фамозниот датум што го чекаме 10 години, уште од првата позитивна препорака – добива судбоносно значење. На тој, таму некој Французин или Германец, нема да му се смени животот ако Македонија, што одвај полека се исправа, повторно тргне надолу. Оти, ако не добиеме датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, „уназадување“ ќе биде љубезен збор за тоа што ќе нѐ снајде.
На што да се надеваме ако и ова лето не добиеме датум? На ништо добро. Заев предупредува за предвремени избори. Вмровците веќе прават списоци на долгите ножеви. Груевски од бегство честита празници и одбележува роденден на Владата. Нема метла. Нема СЈО…
Да се разбереме. Ние немаме илузија дека со датумот ќе се смени нешто преку ноќ, особено во квалитетот на нашето секојдневно живеење. Но психолошки, датумот ќе значи голема оддишка. Дека имаме визија за ЕУ. Уште еден поттик да ја оствариме визијата. И дека знаеме каде одиме. Ние сами не можеме да ги истуркаме реформите. Ама со датумот ќе добиеме стабилност и помош. И веќе никој дома нема да има оправдување ако не си ја заврши работата. Ако нема датум – ќе умре и визијата за ЕУ.
2 Не ја разбирам глупавата идеја зошто датумот за почеток на преговорите на Македонија се врзува во пакет со Албанија. Девет години кога требаше да бидеме во група, ЕУ нѐ издвојуваше од групата поради спорот за името. И сега, кога конечно го решивме спорот и кога сами се издвоивме со одлична оценка, пак нѐ враќаат во група. Ама со повторувачите.
Тоа ти е како во школо кога ќе научиш за петка, наместо да ти ја стават петката во дневник, да ти речат – не ти ја пишувам оценката додека не научи за петка и оној од другото одделение. И ќе те остават да чекаш. А во меѓувреме, ќе те караат – пази да не ја расипеш оценката. А ќе ја расипеш. Оти околината не ти помага да ја задржиш петката.
Па петката не е ни добиена во идеални услови. Си ја заслужил и си ја одработил во најтешко опкружување.
Ние име сменивме. Меркел дојде на Денот на независноста да нѐ убедува дека тоа е во наш интерес, Макрон со видео ни го честиташе визионерскиот Преспански договор за да излеземе на референдум. А сега ни викаат – почекајте ја Албанија. Па ние и да сакаме, не можеме ништо да направиме за да ја подобриме ситуацијата на Албанија.
Башка, што немаме време. Па, би ја чекале ние и Албанија. Ама ние до пред две години имавме заробена држава, нелегално прислушување, масовни кршења на човекови права, куртон медиуми, лажни вести и манипулации, организиран напад на Собрание, претседател на држава што амнестираше криминалци и спремаше воен удар, премиер осуден за криминал што е избеган. Уште имаме сваровски судство, опозиција што се бави само со пакости и злоба и што не може да се ослободи од канџите на криминалната банда што ја беше киднапирала и партијата, ДУИ што секогаш мора да биде на власт или ќе има војна и СДСМ која не е кадарна за добро владеење ни во идеални услови, а не пак во вакви екстремно лоши.
Па сепак, и во вакво опкружување, и таква каква што е, оваа Влада успеа барем да ја ослободи државата и да се помири со соседите. Помирувањето дома оди потешко, оти уште сме во студена граѓанска војна. Кога не можеме на успех да се радуваме, како ли ќе се помириме?
3 Со сета почит на интересите на Берлин и Париз, ама укажувањето на оваа реалност во Македонија не е драматизирање. Обичните граѓани на Франција и Германија тоа не ги интересира. Ама, не можам да поверувам дека тамошните политичари не разбираат оти со одложувањето на датумот за почеток на преговорите, ја туркаат земјава во нестабилност. А со тоа го туркаат во нестабилност и целиот Западен Балкан.
Нели лани им беше битна стабилноста на регионот. Како сега не им е? И што фајде ќе има ЕУ од нестабилен Балкан?
4 Колку е страшна ситуацијата во Македонија и колку кревок е мирот, покажува тоа дека ние дури и за меѓународни успеси, место да се радуваме, очи ќе си извадиме и живи ќе се изедеме.
Ќешки Вардар да не победеше во финалето. Ќе си бевме втори, ќе си се жалевме на судиите, ќе си се тешевме дека сме морални победници и немаше да исплива сета злоба, лошотија и ѓубре. А под Триумфалната порта секако ќе ги поминевме.
Откако Тамара влезе во финалето на Евросонг, па сосе пречекот на ракометарите во Скопје цела недела се занимаваме со „клетите Шиптари“, северџани и чиста Македонија, кој знае да ги спои прстите во знакот на „вегета“, дискутираме за патриоти и предавници и кој има право да навива и кој нема право да навива и херои и кукавици и сите сме експерти за здравство и финансии, па знаеме и колку амбуланти коли треба да се купат… Простаци, полуписмени и националисти секогаш имало, ама сега имаат платформа каде да се изразат. Десет статуса на Фејсбук и оп – 700.000 евра народни пари отидоа на сметката на пропадната приватна фирма. Кај газдата што 9 месеци не им давал плата на шампионите. Може сега ќе им ги даде.
Ама, налет парите. Здравје да имаме. А духовното здравје ни е сериозно нарушено. Реакциите на победата покажаа нешто уште пострашно. Дека националистичката омраза почна да се смета за вредност. Па како вредност се есапи за „различно мислење“.
Токму поради таа релативизација на злото, датум за преговори мора да имаме – одма.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST