97 ПРОЦЕНТИ

Стварно не му е лесно на Мицкоски. Ем да работиш за бојкот, ем да бидеш за ЕУ и НАТО.

97 ПРОЦЕНТИ

1 Ајдее… Од комарци преминавме на радиоактивна прашина. До 30 септември којзнае уште што сѐ ќе ни смислат руските тролови, па нашите информирани граѓани спремно ќе го прифатат, а медиумите темелно ќе го пренесат без проверка. И тоа активно ќе го шират по социјалните мрежи за да уживаат во сопствената хистерија.

При тоа, само три отсто од граѓаните изјавиле дека го прочитале договорот за името со Грција. А останатите се информираат од дебатите на Фејсбук и на Твитер што ги почнуваат тие што не го прочитале договорот. Ама, имаат став и за името и за Уставот и за ЕУ и за НАТО и за идентитетот и за историјата и за географијата.

А Владата можеше да одмори уште малку. Заедно сосе пратениците. Па идат уште три празници – Бајрам, Богородица и 8 Септември. Глупаво е власта да си го расипува одморот само затоа што пред нас е најважниот настан во современата историја на Македонија по референдумот за независност во 1991. Мислат дека завршиле работа оти два пати го изгласаа договорот со Грција во Собранието и го утврдија референдумското прашање. Како на теренот да е супер. Како да нема потреба од дообјаснувања. Како да нема збунети, исплашени, неинформирани граѓани. Како да нема поделба по партиска линија. Како да нема неодлучни.

Конечно, како да нема душмани што сериозно и посветено работат за да не успее референдумот.

2 Кампањата официјално не е почната. Власта дури не знае ни колку пари ќе потроши. Иако, логично ќе беше Владата  тоа да го знае уште на 17 јуни, кога Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот во Преспа.

Но, тоа што како наговестување на кампањата се шири по социјалните мрежи од официјалните профили на премиерот Заев и на министрите, со истрошени фрази и пропагандни слогани, не ми личи дека може да ги убеди ни тие што не треба да се убедат да гласаат „за“, а не пак тие што треба, или пак тие на кои им треба објаснување за сѐ што не им е јасно. Тонот на оваа полукампања е отприлика вака:  Со влез во ЕУ и НАТО ќе ни биде подобро. И срам да ви е ако не ни верувате.

Да повторам. Само три проценти знаат што пишува во договорот. А останатите 97 проценти не знаат, ама му веруваат на Фејсбук. И на тоа што телевизиите и интернет порталите ќе го цитираат од Фејсбук без проверка.

3 Додека Владата одмара, ВМРО-ДПМНЕ работи. И тоа мудро. Велат дека за референдумот ќе го кажат ставот кога ќе поминел екот на годишните одмори на 10 септември. Иако се гледа дека на терен работат за бојкот на референдумот. А пред тоа 25 години нѐ отекоа со референдумот. Оти сигурно знаеле дека тие никогаш не би постигнале договор со Грција. Зашто не ни работеле сериозно за постигнување договор.

Сигурно вмровците се збунети што во само десет дена, среде екот на годишните одмори кога лидерот Христијан Мицкоски не може да изгради став за референдумот, трет човек на Стејт департментот три дена седи во Македонија, слави Илинден заедно со нас, па уште и на Мечкин Камен го качија да го слуша врховниот командант на Армијата што треба да влезе во НАТО Ѓорге Иванов. По него дојде командантот на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа. Да даде некоја изјава за НАТО и Македонија. А неговиот политички заменик остана уште неколку дена да се види  со довчерашни поддржувачи на Груевски и фамилијата и даваше интервјуа за вмровски телевизии. Капак на тоа, уште и американска војска донесоа од Косово да вежба на Криволак.

Значи Американците не  чекаат да помине екот на годишните одмори за Мицкоски да се изјасни дали ќе го поддржи договорот со Грција кој ѝ гарантира на Македонија влез во НАТО. А ако пак не го поддржи, ќе го чекаат да се прослави и да испреговара подобар договор со Грција со кој ќе ја внесе Македонија во НАТО. Оти тие веруваат дека тој ќе  биде поарен од неговиот претходник Груевски, кој 11 години не успеа да ја внесе земјата во НАТО.

А во исто време, отаде границата лидерот на опозицијата Мицотакис вели дека ако дојде на власт ќе го почитува договорот што го потпиша владата на Ципрас со Македонија.

Стварно не му е лесно на Мицкоски. Ем да работиш за бојкот, ем да бидеш за ЕУ и НАТО.

4 Масовната хистерија на социјалните мрежи предизвикана од убодите на комарците, а засилена со укинувањето на две-три  авионски линии на приватен унгарски превозник што со години добива субвенции од нашата држава ја засили и некоја наводна фризерка, активистка на СДСМ што ја вработиле како чистачка во државната МЕПСО.

Во целата драма околу вработувањето промашена е поентата. Не е важно дали е чистачка, фризерка, козметичарка, инженерка, или докторка. И не е важно дали е активистка на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, или рамковна на ДУИ. Поентата е дека продолжува вработувањето во државни фирми по партиска линија. А трагедијата е што тоа уште е нормално и тоа нормално се очекува. И дека тоа им смета на луѓето, ама само додека некој нивен не влезе во фирма на гарантирана државна плата. После му честитаат. Оти заслужил.

Активистката на СДСМ што ја вработиле во МЕПСО шетала по улици додека се протестираше. Исто како што порано активистки на ВМРО-ДПМНЕ ги вработуваа во ЕЛЕМ како придружнички од лифт до канцеларија на генералниот директор затоа што редовно играле на комитски вечери.

5 Е сега, тие што за да урнат режим шетале по улици, а тие што за да го одржат режимот играле по комитски вечери, утре ќе ни чепкаат и во нашите сметки во УЈП. Директорката Сања Лукаревска вели дека личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени и досега не се случило да се злоупотребат. Па, не е точно.

Во рамки на акцијата за десоросоизација што ја нареди Никола Груевски во 2016, од УЈП по курирските медиуми преку ноќ излегоа сите авторски договори и примања во дваесетина невладини организации. До сега не видовме судска завршница за ниту еден вработен во УЈП што ги дал тие податоци. Нема ни да има. Оти кога си државен службеник те штити партијата.

Како ќе гарантира Лукаревска дека утре нејзината партија нема да ги злоупотреби податоците на граѓаните кои не ѝ се допаѓаат на власта? Фино што Владата раскажува приказни дека ќе имало протокол според кој ќе се знае кој смее да пристапува до податоците. Ама не е проблем во протоколот. Проблемот е во одговорноста на вработените партиски војници во државната администрација. И тоа не само во УЈП.

Во Македонија има неверојатна недоверба кон било која државна институција. И таа недоверба е заснована на факти. Оти има стотина примери во кои институциите работеле против јавен интерес. Без никакви санкции. Кој е казнет? Кој е отпуштен од работа? Кој  е сменет?

Го почитувам тоа што Владата сака да воведе норвешки стандарди во македонскиот супстандард. Ама и за АКМИС-от во судовите имаше протокол. А истрагата за злоупотребите со рачно местење на судските случаи уште не е ни почната. Ја заборавивме.

6 Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски чека да завршат одморите за да има став за референдумот, ја критикува владата на Заев дека и годинава меѓу првите 1.000 на Шангајската листа нема универзитет од Македонија. За разлика од претходните 30 години, кога исто така немаше ниту еден универзитет од Македонија на Шангајската листа.

За квалитет на високо образование критикува професорот Мицкоски, кој на почетокот на академската кариера му бил асистент на татко му.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари