БЕЗ ХИСТЕРИЈА

ЕУ сериозно сфаќа дека Бугарија сака Македонците да станат Бугари

БЕЗ ХИСТЕРИЈА

1 Бугарското вето веќе не е проблем. Разочарувањето е дека условите што ги постави Бугарија за дигање на ветото останатите 26 земји-членки на ЕУ ги прифатија како принцип – непочитување на македонскиот народ, непризнавање на македонскиот јазик, ставање на историјата како принцип за членство и мешање во внатрешните работи на суверена држава.

Претседателот на Франција Емануел Макрон, во својство на претседавач со Унијата вели дека се „блиску до договор кој овозможува правда за бугарските барања и ќе продолжи да преговара со „северномакедонците“.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вели дека „ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и сега тие се дел од преговарачкиот процес“.

Значи, ЕУ сериозно сфаќа дека Бугарија сака Македонците да станат Бугари.

Оваа Европска унија не е онаа Европска заедница за која мечтаевме пред 30 години. Оваа Европска унија не е Унијата во која како млади и наивни се вљубивме пред 20 години. Ова е Европска унија во која надвладеаја бугарски вредности, која ни кажува дека ако сакаме да ѝ се придружиме треба да нè снема.

2 Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 23 јуни рече дека „ове е голем ден за Европа“ оти кандидатски статус добија Украина и Молдавија.

Во очекување Путин веднаш да ја сопре агресијата врз Украина оти нападнал земја-кандидатка за ЕУ, се обидувам да сфатам зошто ова е голем ден за Европа. За нас не е. Македонија и Албанија не ги почнаа преговорите. Косово не доби визна либерализација. Босна и Херцеговина пак не стана кандидатка за ЕУ. Србија и Црна Гора не мрднаа подалеку од таму каде што стигнале со преговорите.

Ова е Европска унија на која веќе не може да ѝ се верува оти не си држи до зборот. Додека на Украина ѝ даваа кандидатски статус затоа што е нападната и е во војна, навредија шест земји од Западниот Балкан кои, и покрај сите братоубиствени војни и разурнувања, веќе триесет години ги држат во  чекалница во ходник, ветувајќи им европска иднина, ама – „само уште ова да го направите“, „само уште комшијата да не го лутите“, „само уште овој закон да го смените“, „само војна да не направите“…

Во случајот со Македонија – сега само уште името да го смените. Го сменивте? Е супер. Многу ви се храбри лидерите, ќе им даваме плакети и ќе се сликаме со нив. Ај сега само уште јазикот да не го викате така како што си го викате. Па после, ако дозволи Бугарија може ќе почнеме со преговори.

До војна ли било? Па, ова е Балкан. Тука мир тешко се одржува. Барем за војна лесно ќе се договориме, ако веќе тоа е услов за ЕУ.

3 Туку, што правиме сега дома? Како ние тука ќе се договориме што е наш државен интерес? По оваа пресвртна точка во политиката на Европската унија кон проширувањето, за очекување е премиерот Димитар Ковачевски да работи на обединување на сите политички фактори и на јавноста. Наместо да се сретне прво со Христијан Мицкоски – да си кажат, „врвка ни е работава, ова ни е многу важно, многу поважно од тоа дали јас ќе останам на власт или ти ќе одиш на предвремени избори, дај да се договориме како понатаму кога извесно е дека не можеме веќе сите карти да ги играме со ЕУ“, наместо да бара нови сојузници, Ковачевски се скара и со пријателите. Рече дека експертите биле хистерични за францускиот предлог.

Ние мислевме дека државниот интерес е поголем од суетата на премиерот. Како тргнал, и од пријателите ќе си прави непријатели. Дека малку поделби има во земјава, па уште оваа фали.

Нормално е дека јавноста е вознемирена. Прво, затоа што на Бугарија не може да ѝ се верува. Во последниве три  години Бугарија направи толку многу непријателски чинови кон нас, што не можеш да ѝ веруваш дека со тоа непријателско однесување нема да продолжи и во иднина.

Но, повеќе од Бугарија ме плаши неспособноста на нашите политички елити и државна администрација. Имаме работа со непријател, ама имаме ли капацитет како држава да се справиме со него? Не се сомневам толку во добрата волја на политичарите, колку што ме плаши нивната некадарност, исклучивост, себичност и немање политичка култура и чесност. Не само во власта, туку и во опозицијата. И тоа цела опозиција, не само ВМРО-ДПМНЕ.

Еве ги црвените линии на власта што ги соопшти Ковачевски во Брисел – не правиме муабет за македонски јазик, историјата не може да биде дел од преговарачката рамка и прво ќе почнат преговорите, па после ќе се внесат Бугарите во Уставот, заедно со Хрватите и Црногорците.

Зарем ВМРО-ДПМНЕ има некои други црвени линии?

Време е и власта и опозицијата да почнат да се занимаваат повеќе и почесно со Македонија, отколку со барањата на Бугарија. А сите ние да оладиме малку со ЕУ.

Да не хистеризираме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира