БРОНЗЕНИ РЕСПИРАТОРИ

Да донираме за здравството. Оти Владата ќе ги потроши парите за плати на администрацијата што седи дома

БРОНЗЕНИ РЕСПИРАТОРИ

1 Не можам да сфатам дека дури и во услови на пандемија што предизвикува сериозна економска криза, привилегиранава класа, што кај нас се одзива на името јавна администрација, ќе си остане привилегирана. И овојпат се виде зошто некои луѓе се спремни на партиска послушност и разни понижувања само за да се доберат до државна плата. Еве зошто. За да можат уште два месеца да седат спокојно дома, додека ние другите се мачиме да заработиме и за нас и за нив. Оти, нивниот синдикат бараше тие да земат цели плати. Значи, приватните фирми сега ќе земаат кредити за да не отпуштаат свои работници. А работниците во приватните фирми ќе треба да заработат за себе барем 14.500 денари, за да може да ги платат и 35-те илјади денари на јавната администрација. Од која, повеќето сега седат дома. Дури и тие што треба да се на работа, одеднаш земаа годишни одмори и боледувања. Па и преку ноќ се еманципираа. Татковците се пријавија да чуваат деца.

Не можам да сфатам и како во услови на пандемија некој калкулира со овие луѓе како бројки за гласови на избори. Па функционерите, што ионака се сигурни гласачи, ќе земат минимална плата. А другите, што не се доволно купени, ќе земат цела плата.

Какви избори? Нам изборите ни се далеку колку што сме далеку од наоѓање лек за КОВИД-19.

2 Толку се думав како да напишам, не сакајќи никого да навредам. Ама додека лекарите, сестрите, полицајците, пожарникарите, војниците… се газат од работа, што да помислиш за некој што од удобноста на канцеларијата, или од дома, мисли дека на државата така од небо ѝ паѓаат пари на купче и таа им ги раздава на службениците? Свесни ли се дека некој треба да ги заработи тие пари за да ѝ ги даде на државата? Како мислат дека  државата може да си дозволи баш на таа привилегирана класа да ѝ овозможи да си седи дома два месеца со полни плати и со одложени кредити? Сега, ко што не излегуваат од дома, ни за хулахопки, ни за ѓеврек не трошат. Башка што и на никаков ризик не се изложени. А и работните места им се загарантирани. Да не се загрижија случајно за платите на касиерките во супермаркетите, за шалтерските службеници во банките, за земјоделците од кои ќе чекаме храна, за возачите на камиони…

Наместо Синдикатот на административците да се солидаризира со нив и да рипне – дај да ги спасиме овие што прават пари и за нас и за тие што треба да нѐ лечат, да нѐ чуваат и да нѐ хранат, тие најсебично се побунија: „Дајте ни ги и тие пари што немате услови да ги заработите!“.

Е ај, уште два месеца да ни поживее администрацијата. Што си мислат? Дека по тие два месеца ќе има пари и за нивните плати? Од што ќе земе плата администрацијата ако го уништи стопанството? Не за џабе се рекло: Дуќан куќа гради. Куќа дуќан не прави.

3 Владата апелира на солидарност. Ќе прави апликација граѓаните да можат да донираат од вратените пари од „Мој ДДВ“. Верувам дека голем број граѓани ќе бидат солидарни. И ќе донираат, еве да речеме за здравството. Оти Владата, наместо за здравство, ќе ги потроши парите за плати на администрацијата.

4 Не можам да поверувам дека и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со цел памет го има дадено предлогот државата да ги земе парите од приватниот втор пензиски фонд за да ги распредели како помош во корона кризава. Се надевам дека ова го има „траснато“ само за да може да каже дека нешто предложил, а после да се жали дека Владата ништо не му прифаќа. Или, дека сака да биде актуелен, да се зборува за него. Да не го заборавиме. Не наоѓам друго објаснување. Оти, ова што го предлага нема ни инженерска логика.

ВМРО-ДПМНЕ е десничарска партија. Паметиме и некои други времиња кога оваа партија правеше реформи на даночниот систем. Кога правеше реформи во пензискиот фонд со воведување на приватни столбови. Кога правеше денационализација. Ним, по дефиниција, капиталот им е светост. Приватната сопственост е нешто што не смее да се чепка. Нема логика борците против „комуњарите“ сега да предлагаат „комуњарски методи“.

Или, едноставно, Мицкоски нешто чул, не дочул, нешто му кажале, ама не разбрал. Па сега ќе плаче со изјави и соопштенија дека тој упорно подавал рака, а власта не му ја сакала.

Море, нека не подава рака. Туку нека брцне со раката во џебот и нека извади од тоа милионите испрани и пренесени по разни белизеа и други егзотични острови и држави. Може тој колку што сака да живее во филмот дека ова не е истото ВМРО-ДПМНЕ од времето на избеганиот почесен претседател. Нека бара и извинување од новинари кога го поистоветуваат со Груевски. Ама, Христијан Мицкоски е претседател на партијата што потроши 600 милиони евра наши пари за барокни стиропори и споменици што ни се распаѓаат пред очи. Секојдневно од барокната палата, чиј имот е замрзнат оти се води истрага за нелегално финансирање на партијата, ни делат лекции како да се рационализираат трошоците луѓе кои како да заборавиле дека нивниот министер за финансии остана запаметен по изјавата: „Ние сме лудаци, немаме за леб, а трошиме за чоколади“.   Тие луѓе сега прават пресметки колку респиратори можеле да се купат.

И згора на сѐ, уште и лидерот Мицкоски саркастично забележува дека бројчаникот на Триумфалната капија, што го купи Заев со свои пари за да бележи колку пари се вратени од криминалците, уште не почнал да врти.  Нека прошета низ центарот на Скопје. Бидејќи е инженер, знае математика. Нека пресмета од 600-те милиони евра поделени со квадрати гипс, колку кила бронза се потребни за еден респиратор.

5 Се пофали и подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата соопшти дека „здравствениот тим на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период работеше на превод на значајни документи за превенција, третман и справување со последиците од пандемијата со корона вирусот“.

Ова, дека извештаите и препораките на Институтот за јавно здравје и на Министерството за здравство не ги задоволуваат стандардите за вмровското членство. Па партијата решила, додека се на распуст, да ги искористи нобеловците по медицина и фармација во Унијата на млади сили,  да ни дадат на располагање откритија кои никому не му се достапни.

6 Вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов два пати правеа увид во подигањето на полската болница до Инфективната клиника во Скопје. Првиот пат кога се правеше тампонирање на теренот, што веројатно, во нормални услови би им дошло како фрлање лопата за камен-темелник. Вториот пат кога се дигнаа шаторите, што веројатно им доаѓа како завршување карабина.

Искрено, многу посакувам никогаш да нема потреба од таа болница. Исто како што искрено се надевам дека и нема да им текне со сечење црвена лента да го пречекаат првиот пациент.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари