ДОАЃА ВРЕМЕ

Нека ни е на здравје ручекот

ДОАЃА ВРЕМЕ

1 Ова што ВМРО-ДПМНЕ вика дека ќе учествува со министри во техничката влада, ама нема да гласа за Владата, колку и да е глупаво, не е и необјасниво, кога станува збор за лидерството на Христијан Мицкоски. Дури и ќе беше изненадување тој, барем овојпат да не биде „антипротивен“, како што е цело време додека е лидер на партијата. Сакам во НАТО, ама не сакам да гласам за уставни измени. Сакам во ЕУ, ама да не гласам за уставни измени. Всушност, ВМРО-ДПМНЕ цело време додека е во опозиција е против за сѐ и блокира сѐ.  Зошто? За секој случај.

Тоа е конзистентна политика на најголемата опозициска партија – за ништо никогаш да не се преземе одговорност, за да може секогаш некој друг да се обвини дека е виновен. И, како што е редот, сега вика: Сакам избори, сакам техничка влада, ама не сакам да гласам за техничка влада.

Која одговорност сега сака да ја избегна Мицкоски, со тоа што нема да гласа за техничка влада во која ќе има министер за внатрешни работи, министер за труд и социјала и уште неколку заменички места во клучни министерства?

Секој ден, со години ни ја поду главата со „Сакам избори, па сакам избори“. Еве конечно, дојде време и за избори. Ама пред избори, 100 дена треба да има техничка влада. И сега да го праша некој Мицкоски: Сакаш избори, или не сакаш избори?

2 Нема ништо тајно во тајниот ручек на Али Ахмети, Димитар Ковачевски и Зоран Заев, што траел четири часа, за којшто некој од ДУИ се потруди да не биде таен откривајќи ја веста како ексклузива на ТВ „Клан“. Како да беше едно од низата сувопарни соопштенија со флоскули за ЕУ иднината, напишани во Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, дека „на средбата дискутирале за европскиот фронт и претседателските и парламентарните избори“.

Преведено, тоа значи дека СДСМ како најголема владејачка партија тргнала од ДУИ да бара помош за да не изгуби катастрофално на изборите оваа пролет. Што има европско во владеењето на ДУИ, освен приказните за ЕУ интеграцијата на министерот Бујар Османи? Што има европско во владеењето на СДСМ, освен приказните за кластерите, скринингот и фотографиите во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ?

Четири часа зборувале за ЕУ. А за Македонија зборувале ли? Кому ли ќе му ја продаваат приказната за европски вредности тие што дојдоа на власт ветувајќи правда, а за седум години не успеаја ни едно судење да истераат како што треба? Не само што не успеаја да ја вратат довербата во институциите и судството што беа грабнати од ВМРО-ДПМНЕ, туку и закон за намалување на казните донесоа за да не лежат тие за кои на протести се извикуваше „Ќе си лежите“.

Визионери се. Тоа се потврди така што си се обезбедија и самите во иднина да не си лежат, ако ги фатат дека краделе.

Е тоа е визијата за македонската иднина во ЕУ.

3 Следниот пат кога ќе споделуваат европски размисли, на ручекот нека си ја викнат и Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје. На нејзиното устоличување како лидерка на старата „Нова алтернатива“ почесен гостин беше генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ. Ѝ враќаат со политичка култура на нејзината култура, кога го победи нивниот кандидат Петре Шилегов со измама спакувана во палатата на ВМРО-ДПМНЕ и со итроштината спакувана во приказната за „ем независна, ем успешна менаџерка, ем жена“.

Мора да се крајно очајни кога си мислат дека Данела толку ќе му го расцепка гласачкото тело на Мицкоски, па тоа ќе му помогне на СДСМ да ќари на изборите.

Свесно ги отуѓуваат гласачите што традиционално се наклонети кон нив, ја факторизираат Данела да земе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, а гласовите што СДСМ поради тоа ќе ги изгуби, се надеваат дека ќе им  ги надомести ДУИ. Дали воопшто ги бројат гласовите што ќе ги изгубат со ваквата математика? Притоа, си умислуваат дека се рамноправен партнер во преговорите. Дека не се тие што молат, туку дека они ги поставуваат условите за коалиција.  Дека ДУИ туку-така ќе им помогне. Бесплатно. За џабе. Во име на европската иднина, де. И кога ќе победат, како ќе владеат во европскиот фронт? Исто како и досега. На секое укажување на корупција, непотизам, силеџиство и неспособност, од ДУИ ќе обвинуваат за албанофобија, а СДСМ ќе ја легитимира корупцијата и ќе ги пизми укажувачите.

Ете, дојде време државотворната СДСМ да се крсти во ДУИ и во Данела за да се спаси на избори. А во меѓувреме самата, од државотворна, со сета корупција, алчност и некадарност се претвори во растурач на државата. Па  затоа и си бара друштво за ручек со сличните.

4 Ова е некоја политичка стратегија која ние со просечна интелигенција не можеме да ја сфатиме. Освен ако не е смислена за, ако веќе се губат изборите на државо ниво, да може барем уште две години да се добиваат тендерите од Град Скопје.

5 Премиерот Димитар Ковачевски вели дека непотизмот во државните фирми е каратеристика на сите земји во транзиција, ама „доаѓа време кога професионализмот ќе биде најважен, најклучен“.

Кое време доаѓа? Времето на ВМРО-ДПМНЕ, која 11 години покажуваше што е професионализам  без непотизам, со братучедот кој премиерот го имаше ставено за шеф на тајната полиција за сите да нѐ контролира, и со кумот за министер за финансии што му го менаџираше грабежот на народните пари. Доаѓа време кога за премиер се спрема лидер на партија што напредувал во професијата, така што му бил асистент на татко му на државен факултет.

Бидејќи на СДСМ им беа малку седум години на власт да расчистат со непотизмот и партиските вработувања во државните фирми, ќе дојде време на ВМРО, МВРО, со нивните професионалци и кадри без непотизам да продолжи таму каде што застана пред седум години.

Нека ни е на здравје ручекот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира