ДОЈДЕ УТРЕ

Нека извинат тие на кои им треба итна помош. Не умирајте. Прво треба да гласате.

ДОЈДЕ УТРЕ

1 Управата за водење матични книги му се извини на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, затоа што наместо извод од венчани на неговиот син и на снаа му им издала извод од умрени. Рекоа дека дури и ќе ја казнат службеничката што ја направила грешката.

Со години пишуваме за неажурноста, неспособноста и неодговорноста во Управата за матични книги. И Државниот завод за ревизија во 2022 изброи над 20.000 погрешно издадени изводи и тоа само во една година. Којзнае колку илјадници погрешни изводи се издадени досега. И којзнае колку илјадници граѓани морале да плаќаат за нови изводи, за да ја платат неспосбноста и јавашлакот на тие што им ги згрешиле. Тоа се 20.000 различни судбини. И сигурно меѓу тие 20.000 луѓе имало многу потрагични, потраорни и пожални случаи отколку шокот што го доживеале синот и снаата на Стевчо Јакимовски.

Ама ете, требаше градоначаник на Општина и кандидат за претседател на државата лично да се увери во неспособноста и негрижата на вработените што им ја овозможува комоцијата на државна плата, па Управата да си ја признае грешката. Кога нам ќе ни го згрешат изводот никого не казнуваат. Ние сме казнетите. Плаќаме вторпат. Кога нас ќе нѐ шокираат со неписменост и безобразлук и ќе ни го искомплицираат животот, не ни се извинуваат. Стевчо си тера кампања за претседател, па нему му се извинија. Нам не треба да ни се извинуваат. Ние сме тука само за да гласаме. И ако не гласаме по нивните очекувања – глупи сме.

2 Како што со години се отепавме од пишување за грешките во изводите од матичните книги и воопшто за партиските крлежи што ем неписмени, ем неодговорни се напикани по јавните институции, така се отепавме од пишување и за хаосот со сообраќајниот пристап и паркингот во Клиничкиот центар во Скопје.

Треба некој од политичариве, кои секој ден ни ја подуја главата со ЕУ, Копенхашки критериуми, Бугари во Устав и слични евроатлантски предизвици, да проба некој ден како обичнен граѓанин да влезе во Клиничкиот центар. Можеби, кога самите ќе се уверат колку е голема шансата да се умре на улица, во буквална смисла на зборот, на прагот на болница поради хаос што никој не го средува, и тие ќе излезат јавно да се пожалат ко што се пожали Стевчо Јакимовски. А тој самиот, на примерот на Клиничкиот центар нека види како ќе му изгледа општината и како ќе се приоѓа до Воена болница и Брзата помош за цело Скопје, кога ќе му никне таа 17-катницата за која се заинаети да им угоди на градителите, таканаречени инвеститори.

Оти, може да им се угодува на градежници, бизнисмени, партиски донатори, зашто тие се граѓани од прв ред. Ние другите сме само за гласање – нема што нам да ни угодуваат. Кога може за нив, може и за секого. Па така, може да се прави истовар на пиво во било кое време на денот, може да се остави колата на траката за итни случаи што треба да е слободна само за Ургентниот центар, може да се застане „само на пет минути“ да се купи ѓеврече, може да се паркира на патеката за пациенти со колички оти некој ги скршил столпчињата, може да се труби во болнички круг… Сѐ може, само Брзата помош не може брзо да помине.

Ај што е сообраќаен хаос. Туку, не се знае ни кој треба да го спроведе редот. Министерството за здравство ли, Градот Скопје ли, продолжен ли е договорот со „Градски паркинг“, колку коли влегуваат, колку пари заработуваат… Тоа се наши паркинзи, наши улици, наши пари, нашите животи се во прашање. И не е само Скопје во прашање, па ај скопјаниве нека умираат, туку цела Македонија се лечи таму. Никој не сака да оди в болница, ама сетики некој ден таму ќе те одведе животот.

Идат избори, ќе се умира. Нека извинат тие на кои им треба итна помош. Не умирајте. Прво треба да гласате.

Партиите убаво да си поминат на изборите. Сѐ што ветиле, сѐ оствариле. На партиските донатори им ветиле. Ним им оствариле. Тогаш, тие нека си ги гласаат.

3 А бе, што сѐ нема да им текне. Сега власта нѐ плаши дека може околу 2030 година некои земји да бидат нови членки на ЕУ, а ние ќе сме останеле во публиката за да им аплаудираме.

Ние, граѓаните ли сме криви за тоа? Ние ли им го смисливме францускиот предлог? Тие се фалеа дека го усовршија.

Па ги слушам и како ни се фалат дека „Брисел дава поддршка за влез во ЕУ“.

Тоа оптимистичка порака ли е?  Па таа порака можеби значела нешто пред 30 години кога станавме независна држава, можеби значела нешто во 2001 кога потпишавме Пакт за асоцијација и стабилизација, можеби значела нешто во 2005 кога станавме кандидат за ЕУ. На Плоштад славевме, на снег накиснавме. Ама сега, кога сме на крај на патот, со завршен скрининг и пред почеток на вистински преговори, а нема да ги почнеме, единствената поддршка што може да ја даде ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот.

Тоа поддршка ли е?

Ај што власта воопшто влезе во дискусија со ЕУ за апсудрни прашања дали постоиме или не, ај што беше неспособна да издејствува подобро решение, туку ни ова, со промената на Уставот без никакви гаранции дека Бугарија нема бескрајно да става нови вета, не успеа да го спроведе. Лутината за францускиот предлог уште ме држи, ама не ми е акутна. Повеќе ме боли што сме заложници на неспособноста на власта да го реализира и тој лош предлог за кој се фалеше дека е одличен. Дека „ќе си го лапнеме како локумче“. Па сега нас нѐ обвинува. Како да не знаеја со кого си имаат работа кога го прифатија тој предлог. Си викаа, дај да му угодиме на Макрон, па утре ќе му ја мислиме. Е па еве, дојде утре. Дома не се ни обидоа да направат консултации со ВМРО-ДПМНЕ, а тие што им викаа дека грешат ги етикетираа како антиевропејци. Кога им се лутевме ни викаа: „Супер ќе биде“. Мислеа дека Америка ќе ни го реши и овој проблем.

4 Штета што американскиот висок дипломат Габриел Ескобар, задолжен за Западниот Балкан, овојпат не дојде во Скопје. Беше во Приштина, Подгорица и Виена, ама тука не сакал да се меша во изборите.

А баш ќе беше фино да дојде. Не да ни каже по стоти пат дека „Вашингтион очекува Влада посветена на членството во НАТО и интеграцијата во ЕУ“. Тоа го знаеме. ЕУ е веќе затворено прашање – сите сакаме во ЕУ и нема што веќе да дискутираме на таа тема.

Туку , кога веќе бил кај Албин Курти во Косово и многу се разочарал, може не ќе беше лошо да тркнеше и до Скопје, па да ги праша Бујар Османи и Арбен Таравари во која држава тие се кандидираат за претседател? Па да го повозеа малку и до Охрид, со сите ризици и стресови што ќе ги доживее по пат, да праша како тука се почитува Законот за знамињата?

Тоа се сосема легитимни прашања за пријатели што се фалат дека се миленичиња на Калето и се сликаат со американски знамиња. Ама, тој да ги праша. Не ние. Оти ние ако ги прашаме, ќе ни речат дека сме албанофоби. Затоа, еве ние не прашуваме. Тој нека си ги праша.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира