1 Еве ѝ шанса на Владата да направи коренити промени на системот. Само, нека не очекува да ја фалиме затоа што инспекциите започнале, како што вика, со „робустна акција“, па сега масовно ги проверуваат сите лиценци, дивоградби, доградби, необезбедени градилишта, дозволи и противпожарни системи, па дури можеби и прекумерна бучава ќе почнат да откриваат. Тоа им било работа и до ноќта меѓу 15 и 16 март кога ни се случи незамисливата трагедија во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе, од кои 6 се деца. Епа, не си ја вршеле работата.
И доста веќе оваа власт ги обвинува претходниците. Дека коалицијата на СДСМ и ДУИ е виновна, тоа нема дискусија. Ама па, и ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се со стабилно владејачко мнозинство веќе девет месеци. А ВМРО-ДПМНЕ веќе три и пол години ја има локалната власт во 42 општини. Или, тој муабет не смее да отвора? Градоначалниците и советниците не гледале ли што им се прави преку улица? Кој им бил шеф на инспекторите? Дали локалните моќници и насилници, таканаречени инвеститори, биле толку невидливи, па не им паднале в око ни на градоначалниците, ни на советниците, ни на десетици други началници, шефови на разни општински служби, па и на локалната полиција и на локалните обвинители? Не морале ни по допрен глас да делуваат. Секојдневно, одејќи на работа, поминуваат покрај дивоградбите што им никнуваат преку ноќ, пијат кафе во нерегистрирани објекти, а децата до пред „робусната акција“ им се забавувале во клубови без лиценца.
Токму затоа, еве ѝ шанса на Владата. Нека преврти сѐ наопаку. Нека ги смени сите закони, правилници и подзаконски акти што со години се кроеле така што ги игнорирале правата на граѓаните, а им помагале на криминалците, демек сѐ да личи дека е по закон. И – нека ги спроведе во пракса. А не да нѐ фаќа на кондиција како сите претходни власти изминатите 30 години, па по две години ова време да пишуваме како е одложено судењето, како судијата се разболел, како не бил обезбеден превод, како поротникот се пензионирал, како предметот патува од Основен суд до Апелација… И сето тоа да биде по закон, а сите знаеме дека е по нарачка.
И така, до некоја следна катастрофа.
2 Премиерот Христијан Мицкоски првата прес-конференција по кочанската трагедија ја почна со кажување како тој лично се чувствува. Затоа, сега е сосем непристојно кога Владата ни кажува како ние треба да се чувствуваме, како треба да тагуваме, дали треба да протестираме, како да протестираме, какви прашања треба да поставуваме… Па добога, на неколку дена пред пожарот, самиот Мицкоски беше спремен да дига народ на протестен марш против петмина членови на Судскиот совет на кои не им ги знаеме ни имињата, а сега стигаат пораки дека за 59 жртви и 200 повредени не било време за протести.
Владата треба да се држи на око. И треба да биде благодарна за тоа, ако сака да ја заврши работава до крај. Не само истрагата, туку промената на целиот коруптивен систем.
Би бил среќен ако власта која има суперстабилно парламентарно мнозинство би ја искористила моќта да направи коренити промени за добро владеење. Ама, би бил крајно несреќен ако таа моќ ја искористи за да задушува протести, поинакво мислење и информирање. Не беше баш толку одамна времето на етикетирање новинари, цртањето крукчиња на фотографиите на неистомислениците, тајното снимање и бодењето клинци на сликчиња во ТВ емисии на оние што ја критикува власта на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски.
Ако ова ВМРО-ДПМНЕ прави така, тогаш и оваа лекција од Кочани не ја научиле. И овие 59 жртви се залудни.
Во моментов, Владата има „карт бланш“ ако вистински сака да направи промена. И има шанса одеднаш да ги доведе работите во ред без да им се правда на криминалците зошто го прави тоа. Ако сака вистински да се ослободи од 30-годишното заложништво од криминалците, сега му е мајката да им каже: Е па, доста е!
3 На крајот на краиштата, мора некој да ја контролира Владата ако тоа не сака да го прави Собранието. А пратениците сложно си дадоа две недели одмор. Ај што ја скокнаа седницата за пратенички прашања за да не се караат. Туку, претседателот Африм Гаши не ги свика пратениците ни за комеморативна седница. Ќе се собереа, ќе си земеа патни трошоци и ќе си одмолчеа една минута. Не само од почит кон жртвите, туку од почит кон гласачите.
Ама пратениците многу, многу одамна немаат почит кон оние што ги избираат. Тие имаат почит само кон партиските лидери што ги ставаат погоре на избирачките списоци. Наместо тие да им бидат шефови на министрите, оти тие ги избираат, ним им е шеф Владата.
Бидејќи пратениците се само обични горди партиски послушници, најдобро е Собранието да се состанува само кога се избира Владата. Ионака само формално ги гласа законите што ги предлага Владата, а не прифаќа закони предложени од опозицијата. Па дури и ако некој претходно изгласан закон не ѝ се допаѓа на актуелната власт, пратениците ќе си изгласаат автентично толкување како што ѝ одговара на Владата.
Тоа што Собранието не работи две недели не е некоја голема штета. Поголема штета прават ако работат.
Се сеќавам дека пред две-три години се отепавме пишувајќи оти Уставниот суд не бил комплетен. Демек, голема штета било државата да нема Уставен суд. И на крај, кога судот се комплетираше, првата работа што направија уставните судии беше – си ја зголемија нивната и платата на функционерите за 78 насто.
Така што, голем ќелепур што пратениците си зеле две недели одмор. Тие ионака не работат за интерес на граѓаните. Само за својот интерес си работат. А за тоа не мора ни да доаѓаат на работа.
4 Читајќи ги соопштенијата од Собранието со кои се образложуваше двонеделниот одмор си помислив: Со нас ли нешто не е во ред, или со нив? Прво, потрошија некое време за да најдат оправдување зошто не работат, а после уште повеќе време за да нѐ убедат дека оправдувањето им е разумно.
Ова се активностите на Собранието за најголемата несреќа во земјава:
На 17 март ни кажаа дека „претседателот на Собранието предложи, а присутните координатори на сите пратенички групи едногласно усвоија заклучок дека сите активности на Собранието закажани и планирани за оваа седмица се откажуваат.“
На 24 март ни соопштија дека „консензуално се согласија имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари“.
На 25 март почнаа да нѐ караат – „Во врска со неточните информации и широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела“ – и упорно појаснуваа дека „привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа“, и повторија дека „оваа одлука не е резултат на какво било индивидуално или еднострано политичко одлучување, туку е одраз на заедничката институционална волја на сите пратенички групи да дејствуваат со чувствителност во момент на национална жалост“.
И на 26 март уште еднаш нѐ искараа дека „секоја изјава со која се претпоставува дека пратениците паузираат е нарушување на угледот на Собранието и народните избраници“.
Значи, угледот на Собранието е нарушен ако прашаш зошто пратениците одмараат, а не е нарушен ако пратениците не работат.
Да не грешам душа, сепак имаше една активност која успешно ја спроведоа, а не си извадија очи од карање. Во Собранието отворија книга на жалост.
АУДИО ПОДКАСТ