ЕЈУП ГОНСАЛЕС

И сега, како човек да не е гневен кога ќе му текне како и за што ни поминаа 27 години од животот?

ЕЈУП ГОНСАЛЕС

1 И сега што правиме? Што ли ќе прават со омразата балканските националисти откако еве,  Договорот од Преспа помина и во Парламентот на Грција? Еј, човече… Во Атина стотици приведени хулигани, повредени полицајци, запалени знамиња, солзавци… И зошто? Затоа што ние го менуваме името на нашата држава. Замисли Грците да требаше да си го сменат името. Што ќе правеа? Ќе се самозапалуваа? Тоа само покажува со кого сме имале работа.

Само снимките од дивеењата на атинскиот плоштад Синтагма би можеле да сведочат какво достигнување е Договорот од Преспа, со кој се решава еден сосема неразумен спор во чија суштина е овој апсурден национализам. Иако, такви снимки се изнагледавме од 1991 до сега. Премногу. Од минатогодишниот Давос, каде што првпат се сретнаа Заев и Ципрас, до годинашниов  Давос, и Македонија и Грција преживеаја најцрни изблици на национализам. Што е резултат на 27-те изгубени години и назадување, понекогаш и до ниво на примитивизам. До состојба на духот кога не можеш да мислиш ни за своето добро, а не пак за доброто на комшијата.

Којзнае каков шок е успехот на операцијата за помирување на Грција и Македонија кај националистите во двете земји. Којзнае каков страв чувствуваат кога се соочуваат со бесмисленоста на своето постоење.

Што ќе биде тема на наредните избори? Кај нас – го продадовте името за да влеземе во НАТО? Кај нив – ја предадовте Македонија за Грција да биде главна сила на Балканот?

И сега, како човек да не е гневен кога ќе му текне како и за што ни поминаа 27 години од животот?

2 Можам само да се надевам дека овој бран на разумност и прагматичност ќе го поклопи и национализмот и примитивизмот со кој уште се храни ДУИ, иако веќе осумнаесетта година се на власт. И ним ли ќе им требаат 27 години да се изживеат?

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими, во Собранието свика прес-конференција за да зборува само на албански јазик. Демек, сега си го имам Законот, ќе си зборам. Е, добро де. Си зборел сам на себе. Ако веќе одиме по книга, тој требаше да си обезбеди превод, оти ја претставува институцијата Собрание. Ако не обезбедил – не е вреден ни за објавување.

Да се разбереме. Не се за оправдување ни македонските националисти дека со зборување на својот јазик „Албанците ќе нѐ поклопат“. Ама однесувањето на високо позиционирани функционери на ДУИ само го потхранува тој страв. Еден национализам храни друг.

Не можам да го сфатам тој отпор да се зборува јазикот на мнозинската заедница во земјата во која си роден и живееш. За секојдневна комуникација. За самопослуга, за ургентен центар, за бензинска пумпа, за апликација за работа во приватна фирма, за аптека, за на пазар, за да одиш на свадба кај комшијата Македонец, да честиташ празник, да изразиш сочувство… Би ги сфатил некој да им бранел да го зборуваат својот јазик, да не можеле да учат на својот јазик, да не можеле да се вработуваат во државни институции… Ама, вака? Не може да знаеш англиски подобро од македонски, а живееш во Македонија. Раул Гонсалес дојде од Шпанија и научи македонски, а Ејуп Аљими од Танушевци бара од новинарите тие да си носат преведувач во Собрание ако сакаат да разберат што сакал тој да каже.

Каков примитивизам од функционер во партија на власт. А во името на партијата им стои зборот „интеграција“. Низ светот продаваат интеграција, а дома работат за гетоизација.

3 Ве поздрави претседателот на некое си крило на Беса, Биљал Касами. Што ги кочеше уставните промени оти бараше етничката припадност Албанец да стои и во личните карти. Е па, во праксата многу брзо се покажа како тоа ќе изгледа на следниов пример. Државјанин на Република Македонија со албанско етничко потекло си ја закла сопругата пред супермаркет некаде во Австрија. И кога некои медиуми објавија дека „Албанец од Македонија си ја заклал жена му во Австрија“, медиумите на албански јазик забележаа дека не е убаво да се инсистира на националноста на убиецот.

Е па, сакавте Касами да ве бележи. Ете, нека ве бележи. Тоа е неговиот голем успех за албанската кауза. Оти, ако и во пасошот и во личната карта ја пишува националноста, и во австриските вести ќе пишуваше дека Албанец/државјанин на Северна Македонија си ја заклал сопругата. Вака, во тамошните медиуми пишуваше само македонски државјанин.

4 Има ли Македонија министер за екологија? Во период кога пет града од државава се на топ листата на најзагадени градови во светот, кога сите нешто предлагаат мерки, прават протести, имаат нешто паметно да кажат, министерот Садула Дураки, познат како командант Вентиљи, како да не постои. Сигурно е некаде над облаците, високо над загадувањето, меѓу два прелета на пат за некоја егзотична дестинација. Оти обично на некое Бали, некој Пукет, Гоа, се одржуваат светски конференции за заштита на животната средина.

Барем да најдеше причина министерот за екологија некако да се обрати. Да кажеше нешто за загадувањето. Нека се обрати и на албански, ако до сега не научил македонски. Оти и на албански е исто така загаден воздухот.

5 Не се само кафеанџиите во Скопје тие што не платиле такса за зимските тераси. Туку во Охрид не платиле ни за летните. Од 38 кафеани, дури 25 не платиле за користење на јавниот простор за поставување маси и ѝ должат на Општината над 30 илјади евра.

Кога ќе ми текне дека покојниот градоначалник на Охрид лани сакаше да им ги покачи цените за користење на тротоарите и кејот, ама тие му се жалеа дека ќе им трпел бизнисот, и тој се откажа. Еј! Го користат јавниот простор заштитен од УНЕСКО. Маси имаат ставено со поглед на разгледницата од Македонија, еден од туристичките симболи на Балканот. И ним им било скапо. А државата дозволува тоа да не си го наплати. Всушност, на кафеанџиите им било сеедно дали таксата е покачена. Кога ионака не ја плаќаат.

И сега, локалната власт ги моли да платат. Апелира. Оти немало да им дадат дозвола да отвараат тераси ова лето. Бре, бре… Каков виц раскажаа. Гледам се исплашија кафеанџиите. Масите се стресоа и се удавија во Езерото.

Да имавме министер за екологија, можеше да ја одземе ингеренцијата на Општината за управување со крајбрежјето. Како што министерката за труд и социјала Мила Царовски им ги одзеде ингеренциите на Куманово и Струга да управуваат со градинките.

Ама тој проблем од Бали тешко се гледа. А од Скопје уште потешко. Оти, оваа власт најпосветено и најефикасно го брани интересот на кафеанџиите. Тоа го покажа уште од првиот ден, кога се фатија со најгорливото прашање во државата по спорот за името – леглизирање на најлоните за пушење на узурпирана јавна површина. Оти, кафеаната е институција од највисок национален интерес. И на Македонците. И на Албанците/Државјани на Република Северна Македонија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира