ЕПИТЕТ КРИМИНАЛЦИ

Што ќе се случи со сите нас што сме ги чуле бомбите и ете, некако не сакаме да ги заборавиме? Сите во ендек ќе завршиме? Ако веќе војна не успеат да направат.

ЕПИТЕТ КРИМИНАЛЦИ

1 Супер се ова пратенициве од новиот собраниски состав. Цела држава работи, тие одмараат уште пред да празнуваат. Особено се супер овие од новото парламентарно мнозинство на кои им се брза да изгласаат нова влада. Пратеникот Трајко Вељаноски им даде пет дена одмор и тие си прифатија ко попчиња. Штом колегата Трајко даде команда да се одмара – сите отидоа на одмор.

Чуму брзање? Нели власта е во заминување. И новиот живот во Македонија, што го најавува Заев еве веќе половина година, само што не пристигнал. А за пратениците веќе е стигнат. Ние платата редовно им ја даваме. Слободни денови за залет за празнување не им дадовме. Трајко си го послушаа. Сега и СДСМ одморени можеби уште поостри утрински сооопштенија ќе пишуваат.

2 Додека Трајко даваше одмори, неговиот кум Јован Вангеловски работеше. Првата работа за која што се фати старо-новиот претседател на Врховниот суд беше врховните судии да расправаат за иницијативата на адвокатот на експремиерот Груевски, бомбите да се прогласат за неважечки во постапките пред судовите.
Нормално. А зошто баш Вангеловски беше избран да се врати за претседател на Врховниот суд? Дојде и веднаш се фати за работатата за која и го поставија. Побрза да си ја заврши обврската пред празник.

Само, што си мисли Јово? Дали и тој како и власта мисли дека ако ги прогласи бомбите за неважечки пред празник, по празникот ќе заборавиме што сме слушале во нив? Дека ќе го заборавиме муабетот меѓу него и Миле Јанакиески, во кој тој како претседател на Врховниот суд му нарачува документи како докази на министерот кој е рекордер во СЈО по бројот на покренати истраги?

Освен, ако Вангеловски нема намера со следната пресуда на Врховниот суд да ни се избрише меморијата. И така, ќе го снема криминалот за кој слушавме во бомбите. И сѐ ќе си биде како што си било за време на неговиот прв мандат, за кој исто така во бомбите слушнавме како го практикувал.

Еве, да речеме дека Врховниот суд ќе ги забрани бомбите по барање на адвокатот на експремиерот. Што ќе се случи со истрагите на СЈО? Што ќе се случи со сите документи што постојат? Вклучително и со документите што Вангеловски му ги барал на Јанакиески. Што ќе се случи со сведоците на СЈО? Што ќе се случи со сите нас што сме ги чуле бомбите и ете, некако не сакаме да ги заборавиме?
Сите во ендек ќе завршиме? Ако веќе војна не успеат да направат.

3 Сите имаат некаков коментар за банкарскиот службеник што украл 3 милиони евра од банка. А за овие што украдоа 5 милијарди евра од државата си ќутат. Уште и ги бранат. Четириесет дена излегуваат на улици и скандираат: „Малку ни зедовте. Сакаме уште да нè крадете!“

Овој со трите милиони веднаш го фатија и го ставија во притвор. А за овие што украдоа пет милијарди цел свет се покрена да ни помогне да ги фатиме апашите. И тие не само што се на слобода, туку и се моќни. Тоа значи дека никому не му пречи што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат да владеат како да немало избори предизвикани токму поради сомнежите за нивните кражби.

4 Пратеникот Трајко Вељаноски на колегата Павле Богоевски му изброил дека на собраниската говорница шест пати ги спомнал зборовите криминал и криминалци и рече дека не треба така лесно „да се користи тој епитет“.

Божем Павле му дава комплименти на Трајко.

Зборот „криминал“ сам за себе не е епитет. Оти зборовите „криминал“ и „криминалци“ се именки. А епитетите се најчесто придавки. И епитетот се употребува за сликовито да истакне некое својство на именката. На пример – на именката власт ѝ додаваш придавка за да опишеш – каква власт.

Впрочем, и американскот линвист Виктор Фридман направи научна анализа на јазикот што се користи во бомбите. Еден од најзначајните слависти во светот и проучувач на македонскиот јазик изброил дека во објавените прислушувани телефонски разговори начесто употребуван збор е „пари“ – 110 пати. Зборовите „апси“ и „уапси“ се употребуваат 13 пати. Меѓу шампионите е и зборот „глуп“. Тој се користи 50 пати.

Фридман при претставувањето на истражувањето есента минатата година рече дека јазикот во бомбите е „корпус кој може да даде огромен број заклучоци за говорот на современата македонска елита, што е многу важно за лингвистите“.

Е па сега, кога ќе ви текне дека Трајко Вељаноски е современа македонска елита, не е за чудење ако не знае што е придавка, а што е именка. Но, уште помалку е за чудење и ако мисли дека незаслужено на оваа власт ѝ се доделува епитетот „криминална“. Оти, не знаеме според стандардите на Трајко и на неговите, уште колку разговори треба да чуеме и уште колку пари треба да украде власта за таа да го заслужи епитетот „криминална“.

5 Додека Никола Груевски беше мандатар, неговиот долгогодишен и сегашен партнер Али Ахмети, по една од многуте анализирачки сеанси во Мала Речица изјави. „Не знам во кој правец одиме“.
Сега, кога од гласачите е притиснат да му откаже љубов на Груевски, Ахмети неволно тргнал кон правец на Зоран Заев, ама заглавил. Па вика: „Не гледам светло на крајот на тунелот“.

Не се гледа светло на крајот на тунелот, оти таму е застанат токму Ахмети. Како карпа цврсто во одбрана на Груевски. Ем Ахмети билда национализам со некакви платформи за правата на Албанците, ем го зајакнува патриотизамот на Груевски кој демек се брани од албанските платформи на Ахмети. Ем заедно владеат, ем Груевски не му се лути.

Ахмети упорно се прави божем не е од тука. Како да не е токму тој лицето што го држи исклучено копчето за светло. Како да не зависи од него дали не само тој, туку и сите ние ќе го видиме светлото. И тоа не само на крајот на тунелот. Туку и во тунелот во кој нè возат неговата ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ со години.

И уште нè возат.

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира