ИЗВОЗ НА КРИМИНАЛЦИ

Се развеа знамето на НАТО. Држава имаме. И пак се поставува прашањето: А што да правиме со државата?

ИЗВОЗ НА КРИМИНАЛЦИ

1 Вака-така, со туркање, со притисоци, со молење, со убедување, со помош, со напад на Собранието, со референдум, со промена на името, со бојкот, со промена на Устав, со 49 пратеници што станаа 80, се крена знамето на НАТО. Конечно, имаме гарант за државата. Никој не може да ни ја земе, ниту да ни ја оспори. Арно ама, помина церемонијата и си се вративме на секојдневието. Во големата слика – имаме држава.  Во малата слика одново се поставува прашањето – што да правиме со државава?

Толку беше од големата слика. Пола саат траеше. Си се вративме на традиционалните вредности и старите добри навики од сè да се прави политичка криза. Ние без драма не сме навикнати да живееме. Ќе има предвремени избори на 12 април, ама може нема да има избори. ВМРО-ДПМНЕ излегува од Собранието, па не излегува. ДУИ нема да гласа за Законот за јавно обвинителство, па ќе гласа. Талат Џафери ќе свика седница за разрешување на Рашела Мизрахи, па нема да се гласа за разрешувањето. СДСМ ќе се заканува дека ќе направи ново мнозинство, и ќе го откачи ДУИ, па после ќе се смират толку многу, што и Али Ахмети ќе мора за пола саат да довози од Кичево до Скопје. Крсто Мукоски ќе стане херој на денот за да го брани образот на ВМРО-то што не е под контрола на избеганиот во Будимпешта. А одбраната на ВМРО контролирано од Будимпешта, во Собранието спадна само на осомничениот Антонијо Милошоски и неговите сликички.

Настрана темата за дневната драма, ВМРО-то на Мицкоски си има и тема за секоја прилика. Преспанскиот договор. И – името ќе го вратиме. Како ќе го вратите? Со дипломатска активност. Американците и европските партнери одвај некако ја стабилизираа земјава за да ја бутнат во НАТО, па сега допрва ќе отвараат затворени прашања што ќе ги покренува вмровската дипломатија. Веројатно со идниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, искусниот преговарач за она „горна – долна, пред заграда, по заграда“. И со коалициониот партнер ДУИ. Таман, како што е забрефтан Бујар Османи, и во идната Влада на Мицкоски може да биде вицепремиер за европски интеграции. Па ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со забрзани реформи ќе ја стават земјава на брзата лента за влез во ЕУ.

Ај Мицкоски што лаже дека ќе го избрише „Северна“ од името. Туку, што има луѓе што му ја поддржуваат лагата. А има и такви што му веруваат.  Тој вицови кажува, а тие сериозно го сфаќаат.

2 Може техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи да плаќа казни секој пат кога ќе држи прес-конференција пред таблата со „Република Македонија“. Особено што нејзината партија има собрано 5 милиони евра донации само од уплатите што се предмет на случајот на СЈО „Талир“. Суштината на прекршокот не е дали ќе плати казна или не. Суштината е дека министерка од партија што се спрема да биде владејачка го крши главниот закон – Уставот.

Каква порака кон граѓаните испраќа јавен функционер што вика: јас имам право да го кршам Уставот затоа што не го почитувам? Не плаќам даноци, затоа што не ми се допаѓа законот. Ќе крадам затоа што не ми се допаѓа Кривичниот закон.

Тоа не е само нецивилизациско однесување. Тоа е вовед во анархија. Ние од ВМРО-ДПМНЕ ни паркинг нема да плаќаме. Оти ќе дојдеме на власт.

3 Има ли виновник за тоа што нема обрасци за пасоши? Никој не предвидел дека баш годинава истекуваат 10 години откако почнаа да се вадат биометриски документи? Не е важно тоа што некој со својата неработа ти го крши уставното право на слободно движење. Важно, и тој државен службеник што не предвидел дека годинава ќе има повеќе луѓе на кои ќе им требаат нови документи ќе си добие К-15.

Исто е и со Законот за јавно обвинителство кој Владата го испрати во Собранието во две верзии. Во 9 сабајлето стасала една верзија, а во 11 вечерта приметиле дека таа верзија има грешки. Им требаa 12 саати да увидат, за Владата да соопшти дека „за жал беа направени ситни технички грешки“. Законот за кој дури и коалицијата се стресе.

Кој ги направил грешките? Дактилографката, курирот, преведувачите, чистачите…  Или оние бројни советници. Има ли име тој што ги прави грешките? Има ли раководител на сектор што ги проверува текстовите пред испраќање? Има ли некој што е казнет за такви грешки, за да не се повторуваат? Исто како што казнуваат во приватни фирми. Па, година и пол отекоа со фамозниот закон, нели со него ЕУ чекала да испратиме добар сигнал, а владината служба испратила погрешна верзија до Собранието.

Се развеа знамето на НАТО. Држава имаме. И пак се поставува прашањето: А што да правиме со државата?

4 При ратификацијата на Протоколот за НАТО, техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека Македонија извезува стабилност.

Откако извезовме работници, лекари, ИТ инженери и друга квалификувана работна сила, редно беше да почнеме да извезуваме и стабилност. Ама, во меѓувреме ги извезовме и Никола Груевски, Никола Бошковски, Горан Грујевски, Игор Спасов, Агим Красниќи… Така што, следниот пат кога Оливер Спасовски ќе се фали, нека рече: Го дуплиравме успехот. Ние извезуваме стабилност. А извезуваме и криминалци.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари