1 Владата ни вика: „Тајна е како ќе ги потрошиме вашите пари. А ако ја откриеме тајната, ќе потрошиме уште повеќе од вашите пари“.
Така што, уште непочнати со градежните работи, веќе со сигурност може да се предвиди дека четирите автопатски делници што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ ќе чинат повеќе од 1,3 милијарди евра. Колку, не знаеме.
Не е дека власта веќе нема контакт со реалноста. Си имаат тие контакт со својата реалност. Во таа нивна реалност, ние треба да сме уверени дека тие ги штитат нашите интереси затоа што потпишале тајна клаузула за која, ако ни ја откријат, ќе треба да плаќаме повеќе. И во нивната реалност не е важно дали тоа се пенали или дополнителни трошоци, кога ионака не ги плаќаат од семејниот буџет.
Не е проблемот во корпорацијата „Бехтел-Енка“. Кога станува збор за приватна корпорација, таму нема идеологија ни нација. Единствената идеологија е – пари. Што е чудно приватна фирма да сака да заработи што повеќе? И што е чудно приватната фирма да си го гледа само својот интерес? Чудно е кога државата не го штити сопствениот интерес, туку интересот на корпорацијата.
Како во времињата на Љубчо Георгиевски од крајот на 1990-тите и продажбата на рафинеријата „Окта“. Пратениците гласаа за договор што не го виделе, оти беше прогласен за доверлив. Па потоа плаќавме милионски суми евра пенали. И сега сме во слична ситуација. Пратениците треба да гласаат промена на девет закони затоа што таков договор потпишала Владата, а не знаат што содржи договорот. Ако не ги изгласаат, државата ќа плаќа пенали.
Како ли одел муабетот со претставниците на „Бехтел-Енка“? Нема проблем, Собранието е наше. Ќе им ги дадеме на пратениците законите во петок, во понеделнк веќе ќе ги изгласаат. Ионака ништо не читаат, ионака гласаат како што ќе им кажеме ние. Па макар бил и закон кој пред неколку месеци Уставниот суд го прогласил за неуставен. Не верувате дека ќе гласаат како што ќе им кажеме? Ај се кладиме! Во колку да се кладиме? Па ај, во 53 милиони евра ќе се кладиме. Да не е многу!? А бе, ај. Ионака тие 53 милиони нема од џеб да ги дадеме. И да го изгубиме облогот, од буџетот ќе ви ги платиме. Па ќе вратите некако. И некому.
Тоа што Владата потпишала договор според кој треба да ги менува националните закони за да ѝ удоволи на приватна фирма, е затоа што консултантската фирма што така им ги испреговарала условите за градба на патиштата има искуство во производство на гаќи. Па главната логика во заштитата на јавниот интерес им била: Со сув газ, риба не се лови. А Владата таа логика ја прифатила, ама и ја надградила. Со гол газ риба не се лови.
2 Владата ни вика: Не прашувајте нè за пари. Ние гледаме во иднината.
Море, гледате вие само во вашите џебови. И гледате пред да паднете од власт што повеќе да соберете, за да си купите спокојно отседување кога ќе бидете во опозиција.
Ние веќе немаме дилема каква иднина нè чека со оваа СДСМДУИ власт. Во тунелот сме. Ама, тоа светло што го гледаме на крајот на тунелот не е излез. Тоа е светло од возот ВМРОЛЕВИЦА што доаѓа од спротивната насока на истиот колосек и ќе нè остави заглавени во истиов тунел. Има уште еден, паралелелен колосек, кој божем оди кон ЕУ, ама и тоа светло што го гледаме не е светлата европска иднина. Тоа е светлото на возот што доаѓа од Бугарија со толкава сила, што сака да те прегази. Да те нема.
Кој пат да го фатиш, останавме заглавени во тунелот. А светлото сè побрзо се приближува.
3 Тешко разочарување е кога гледам како истите луѓе што жестоко протестираа против дискредитацијата на неистомислениците што ја правеше ВМРО-ДПМНЕ и се бореа против тоа, сега го прават истото. Поминаа само 6-7 години од времињата кога вмровските курири нè бележеа со црвени крукчиња, па дочекавме сега СДСМ својата курирска мрежа да ја користи за дискредитација и омаловажување на секој што мисли поинаку од партијата. Спружувања на насловна допрва следуваат. Не само што ги пронајдоа, туку добро ги проучија и во пракса ги унапредуваат тефтерчињата на Мартин Протоѓер и Илија Димовски, па со неверојатна брзина ги отуѓуваат луѓето кои во Шарената револуција им верувале дека тоа зло на нечесно владеење на ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да се повтори. Да се бореа за „нема правда, нема мир“ со истата жестина со која се борат против тие што им укажуваат на грешките, немаше да дојдат до ситуација забрзано да создаваат непријатели од оние кои верувале дека делат заеднички вредности.
Штом ја доведоа партијата до тоа дереџе, не црвени елеци, туку ни црвени појаси за спасување не им помагаат. А и нам богами, согласно изборот што ни преостанува.
4 Државниот ревизор утврдил дека Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за данок на имот, нема приходи по основа на комунална такса на фирма, нема приходи од уредување на градежно земјиште… Згора на тоа, градоначалникот си зел 3.000 евра аванс од општинската каса и не ги вратил, на советниците им биле исплатени 30.000 евра иако нема евиденција дали доаѓале на седниците на Советот, а во една година биле потрошени и 10.000 евра за ручеци и коктели.
Веројатно, на овој начин локалната власт на Арачиново праќа порака до Владата да продолжи со практиките поставени од Зоран Заев, како кога од државниот буџет во 2020 година им префрли пола милион евра, да им се најдат. Свои пари не собираме, ќе ги трошиме вашите.
Еве уште една можност за вицепремиерот Артан Груби. Покрај сите координативни функции што ги има во Владата, нека го овластат и за собирање пари за Арачиново. Анџак во собраниска процедура се законите за „Бехтел-Енка“, Владата нека додаде во пакетот уште еден закон. За секој несобран денар во Арачиново на Општината да ѝ се исплати по едно евро од буџетот. Дај им пари за мир во куќа. Лекс специјалис за Арачиново.
АУДИО ПОДКАСТ