КЛИЕНТИ СО ИДЕНТИТЕТ

И ако веќе вмровците нè пребројуваат на патриоти и предавници и се закануваат со братоубиствена војна, тогаш во веселата математика нека ги избројат и кукавиците како нивниот лидер

КЛИЕНТИ СО ИДЕНТИТЕТ

1 Зарем навистина уште мислите дека можете да сметате на совеста и демократското изјаснување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, за изгласување на амандманите на Уставот што ќе ја отворат перспективата на државата кон ЕУ и НАТО? Па и пријателите од ЕУ и НАТО, што се скршија од работа да ни помогнат да нè протнат некако во нивното друштво, уште ги држи ентузијазмот дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се издигнат над партискиот интерес и ќе обезбедат двотретинско мнозинство за усвојување на амандманите.

Мора да сте многу оптимисти ако навистина се повикувате на свеста и совеста на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Каква совест, каква демократија во партија каде што моралот одамна е избеган? Па тие не се ставени да бидат пратеници за да мислат со своја глава. Си знаат тие многу добро зошто биле ставени на пратеничките листи. И како биле ставени.

На каква свест и совест апелирате кај луѓе што потпишувале меници за да докажат лојалност кон партијата? Кога нивната партија немала доверба кон нив, зарем ние сега треба да имаме?

2 За каква демократија зборувате, за каква дебата, за каков разум кога кај некои од нив убиствата и заканите им се домашно воспитување? Пратеникот Антонијо Милошоски раскажува вицови дека баба му се заканувала дека ќе му ја скине главата. Многу вицкаст тој Антонио. Па пред две недели на суд беа пуштени снимки, од кои се слушна каков монструозен план тој имаше смислено за да му наместат фалсификувани лични карти на политички противник за да го пикнат в затвор. Пред тоа, сите слушавме како нарачуваше лустрација на судија.

И ние сега треба на неговите вицови да се смееме?

Пратеникот Илија Димовски во 21 век раскажува дека левицата и десницата ќе влезеле во братоубиствена војна како пред 100 години. Одма глави да летаат.

Додуша, што е за право, ова злосторничко друштво што го злоупотребува името ВМРО и на 24 декември 2012 и на 27 април 2017 година докажа дека се кадарни и да убиваат. И во 21 век.

3 Па уште и оној Христијан Мицкоски кој немаше храброст јавно да повика да се гласа „против“ на референдумот за името, сега треска глупости дека 1.200.000 се изјасниле „против“. Не бре. Само 37.700 биле „против“. И тие луѓе, за разлика од него не биле кукавици. Имале став. Не биле кукавици ни оние 19.221 кои направиле неважечки ливчиња. „За“ гласале 609.813 граѓани.

Не е Мицкоски глупав за да не знае дека во демократијата важат само гласовите на тие што излегле да гласаат и што може да се пребројат. И ако веќе нè пребројуваат на „патриоти“ и „предавници“, тогаш во веселата математика нека ги избројат и кукавиците како него.

Околу Македонија и Грција, НАТО и Русија водат игри како во времето на Студената војна. Од опозицијата пријателите од Западот очекуваат да покажела историска одговорност. Мицкоски го умислуваат дека тој е некаков фактор од кој зависи регионалната безбедност. А него го интересира само како да го одложи одењето на Груевски во затвор.

4 Па дајте кога веќе кажувате вицови, кажете уште некоја смешка дека таа дружина може да се издигне над партиските интереси. Демек, ќе го препознаеле моментот и ќе воделе сметка за државните интереси. Ќе покажеле историска одговорност.

Ма дај. Кога тие воделе сметка за државен интерес? Зборуваме за совесност и чесност во партија чие лидерство 11 години безмислосно ја пљачкосувало државата. Ние уште не сме виделе сè. Уште не е откриено сè што испокрале и колку зулуми на луѓе направиле. Колку фамилии зацрниле, колку бизниси уништиле. Тоа сами не можеле да го направат.

Со парите што ги украдоа од сите нас уште владеат. Како? Со стотици илјади клиенти кои се напикани по сите институции, од ниво на држава до последното општинско јавно комунално претпријатие или агенција за нишање врати. Да не мислите идеологија ги врзувала? Дека прават разлика што е десница, што е левица? Дека религијата ги споила? Семејните вредности? Евроатлантските интеграции? Парите ги врзуваат. Кому вработување, кому директорско место, кому секретарка, архиварка, копирант, кому тендерче, кому дипломатска служба во странство, кому службени патувања, кому доживотен одмор без воопшто да се појави на работа…

Две години Груевски не е не власт, а тие уште се плашат од него. Па нормално. Знаат кому му се должни. Синким Груевски извади пари од свој џеб за да ги усреќи оти многу ги сакал. Слушнавме, а еве сега веќе и на суд излегува од каде се тие пари. И како е создадена цела таа војска. Па како што се откриваат сè поголеми и поголеми криминали и притисокот врз нив ќе расте.

Не им верувам дека тие се исплашиле од заканите дека ќе ги сликале. Дека ќе ги обележеле како предавници ако излезеле на референдумот. Оти ако толку биле плашливи, ќе се плашеа и да не ги обележат дека не излегле на гласање. Не бре. Едноставно, им дојде време да си го вратат долгот. Им рече партијата да го бојкотираат референдумот за договорот со Грција и тие најревносно ја послушаа. Тие на партијата ѝ се оддолжуваа. Оти, Груевски и криминалната банда можат да се надеваат дека уште ќе бидат некој фактор во Македонија само ако има криза.

5 Тие клиенти сега раскажуваат патриотски приказни дека го бранеле идентитетот и затоа не го прифаќале договорот со Грција. Па тие својот идентитет не можеле да си го сочуваат, а не пак на државата. Тие својот идентитет си го дадоа да фигурираат како сопственици и како директори на стотици фирми со кои мафијашката фамилија ја пљачкосуваше државата. Колку пати си го ставиле сопствениот потпис за да го скријат вистинскиот сопственик? Комисиите за јавни набавки биле желботека на Груевски и на бандитите околу него.

Таа клиентелистичка инфраструктура што ВМРО-ДПМНЕ посветено ја градеше 11 години, па и во последниве две години уште ја одржува со нашите пари, е најголема закана за идентитетот. Не е името Северна Македонија.

6 Впрочем, каква е разликата меѓу клиентите на ВМРО-ДПМНЕ што не излегле да гласаат на референдумот затоа што така им рекла партијата, со членовите на СДСМ што исто така не излегле да гласаат затоа што партијата не ги вработила? Никаква. И на едните и на другите баш им било гајле за државата. Кој со намера, кој од инает.

Така што, нека не се занесува многу Зоран Заев дека коалицијата „За Европска Македонија“ ќе освои двотретинско мнозинство на предвремени избори. Особено не сега, кога и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи од ДУИ е под истрага на СЈО.

Не се освојуваат избори со пуштање багери на Водно на празник и со лажење. Не се освојуваат избори со кадри од типот на оној познат шверцер, градоначалник на Ново Село, кој иако знаеле дека е условно осуден го кандидирале. Како што не се добиваат избори со постојано наоѓање оправдување дека ништо не може да се направи оти ВМРО многу уништило. Или, кога беа опозиција да ги поддржуваат референдумите во Југоистокот против отворање рудници, а сега кога се на власт пратениците на СДСМ да велат дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат еколошките стандарди и да нема кворум за гласање за Законот за минерални суровини. Или со кадри како градоначалникот на Аеродром Златко Марин, кој доби на изборите ветувајќи дека ќе спречи натамошно узурпирање на зеленилото, а сега се правда дека не можел да го поправи тоа што го направил претходникот Ивица Конески. Па дури и неговите поддржувачи се зафркаваат дека СДСМ побрзо ќе го смени Уставот, отколку нивните градоначалници спорните ДУП-ови по општините.

Тоа е таа типична сдсмовска ароганција комбинирана со мрзеливост и импровизација каква што ја паметиме од времето на Бранко. По сите оние историски пресврти што се направени со граѓански активизам, особено на локално ниво, тие уште мислат дека ќе можат неказнето да ги мафтосуваат граѓаните само затоа што уште се актуелни зулумите на вмровците. Брзо заборавија дека режим со пенкало не се турка само со партиски клиенти. Се знае во чија рака беше пенкалото, особено на локалните избори. Пенкалото го држеа и граѓаните кои во тој момент го прифатија СДСМ како опција со која ќе куртулат од режимот на Груевски.

И ако истите тие граѓани еднаш се одважиле и се активирале, тие пак ќе се осмелат. Не се добиваат избори со сарказам од типот „Е па, тогаш ВМРО да го вратиме“. Оти, ако продолжат сдсмовците вака да се однесуваат, тие стварно ќе го вратат ВМРО.

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира