МАЛА НЕПРИЈАТНОСТ

Космичка правда ли е? Или навистина каменот од блиску доаѓа?

МАЛА НЕПРИЈАТНОСТ

1 „Мијалков јавно кажа дека направил грешка од небрежност, а со тоа покажа една доблест, тоа е некарактеристично за СДСМ, тие постојано прават грешки и се обидуваат да ги затрупаат со лаги, манипулации“. Ова го кажа Никола Груевски во октомври 2015 година на интервју за Канал 5, кога како премиер го бранеше братучедот кој беше фатен со пиштол на аеродромот во Белград кога менувал авион за Загреб.

Сашо Мијалков тогаш веќе не беше ни директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Си даде оставка по трагичната операција на полицијата во кумановско Диво насеље во мај истата година, кога загинаа 8 полицајци. На обичниот патник кого пред пет години ни обезбедувањето на Скопскиот аеродром не се осмелуваше да го помине на детектор за оружје пред да се качи на комерцијален лет, сега во главата му се врти песната „Шутка не ти бега, Никола“. Осуден е на 12 години затвор за масовното нелегално прислушување што се правело во државната институција каде што беше директор. Веќе ја одлежува казната во притвор во Шутка.

Некако, уште не ми се верува дека случајот со прислушувањето кој предизвика огромни политички потреси и промени конечно заврши. Како да сум во пострауматски шок. Уште не можам да се опуштам и оптимистички да се надевам за некој нов почеток.

Замислете, да сте некој дојденец и онака од страна да сте следеле како полицијата, судот и обвинителството како муви без глави ја решаваат кризата кога им исчезна Мијалков неколку дена пред изрекувањето пресуда. Не знаеш што е посмешно. Дали нивното однесување тогаш, или нивните објаснувања откако избеганиот се појави пред Обвинителството да си го земе решението за домашен притвор. Една изолација и веднаш паника да се дигало.  Башка што, човекот пак имаше доблест како во 2015. Пак ѝ се извини на јавноста, ама овој пат и на Владата, на премиерот, министрите, правосудните органи за непријатностите што ги доживеале додека имал температура над 40. Кому му дошло до телефон и до вести на телевизија ако имаш треска и се плашиш да не си добил ковид-19 по вторпат?

Би сакал да верувам дека „правда ќе има – и уште повеќе“, како што вели Заев. Аман, се изначекавме на таа правда уште од првиот ден кога почна да ги објавува бомбите. Би сакал да верувам и дека ја извлекле поуката од случајот со бегството на Груевски, како што исто така рече Заев. И дека иако системот со бегството на Мијалков малку затаил, како што се правдаше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кога премиерот се налутил и силно треснал на маса, системот пак профункционирал.

2 Море ќути, и покрај „малата непријатност“ работата се заврши. Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека е „исклучително задоволен и горд што настанот имаше свој позитивен епилог“. Иако пред тоа бил „силно засегнат од последните случувања изминативе денови кои ја разбрануваа јавноста и за момент ја поткопаа довербата во институциите“. За момент!? Верува ли Маричиќ во ова што го зборува? Или мисли дека сме глупави. Оти ние ништо не знаеме, па тие ни кажаа. Ама како ни раскажаа што се случувало, поарно да си седевме во незнаење. Па, тој момент на недоверба кон институциите трае само триесет години.

Чудно функционира мозокот на политичарите. Ќе смислат нешто, ќе го кажат и бидејќи упорно ќе го повторуваат си мислат дека ние го прифаќаме како единствена вистина. Падот на секоја власт почнува оној момент кога ќе почне да мисли дека народот е глупав.

3 Сашо Мијалков дочека Канал 5 и Сител, каде што слушавме дека им беше главен уредник на вестите и каде што тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ истури милиони наши пари, први да го емитуваат неговото спроведување во Шутка. Космичка правда ли е? Или навистина каменот од блиску доаѓа?

4 Добро, зошто Бујар Османи оди во Бугарија на месец дена пред избори? Кому глуми кооперативност? Па после секое негово одење во Софија, неговата колешка Екатерина Захариева излегува на телевизија со навреди. Го испрати и уште рано-рано сабајлечки се појави на телевизија да зборува дека тукашните политичари не знаеле како функционира ЕУ и дека тоа не било исто што и Југославија.

Навистина, имав решено да ги игнорирам глупостите на Захариева оти очигледно има некоја лична фрустрација со нас. Не е нормално кога зборува за Македонија толку често да ја споменува Југославија, Тито и Србија. Таа не е ниту необразована, ниту пак глупава жена. Ама ете, ѝ се погоди моментот да ги истресува евентуалните фрустрации. И притоа да глуми дека тоа е добро за ЕУ и за стабилноста на регионот.

Па триесет години се поминати од распадот на Југославија. Децата си растат, младите не знаат српски јазик, никому веќе не му се интересни, ниту пак нешто им значат тинејџерските прииказни за „Југословени и три червени“, борците против бугарските фашистички окупатори изумреа, нивните наследници си бркаат работа, некои за подобар живот во Германиите и Шведските земаа и бугарски пасоши, фирми се отворија од двете страни на границата, луѓето си скијаат во Боровец, си се опиваат во Банско, си се бањаат во Сандански… И што? Сè си беше супер и сè си одеше кон подобро, додека Захариева и неколку политичари како неа не ги извадија личните фрустрации како џокер за следните избори. Неколкумина во Бугарија по паметот на Каракачанов се измочаа на сето што и без договор за добосоедство си го изградија луѓето од двете страни на границата.

5 И навистина, како што вели Захариева, ЕУ не е исто што и Југославија. Комшиите од ЕУ ветија вакцини, па не ги испорачаа. А комшиите од бивша Југославија ветија и ги испорачаа.

6 Втората пратка вакцини што ни ги подари Србија, на граничниот премин Табановце лично ја подигна министерот Венко Филипче. Буквално. Ја носеше кутијата од багажникот на српската кола до нашето комбе заедно со колегата Златибор Лончар.

Го гледам доктор Филипче и по којзнае кој пат се чудам – што сè е во состојба да направи угледен неврохирург кога ќе стане политичар. Така им се чудам на сите лекари што стануваат политичари. Оти, во моите очи да бидеш хирург е многу позначајно отколку да бидеш политичар.

Нејсе. Кај што се сликаат по граници, кај ги префрлаат пакетите од една кола во друга, синким Србите немаат зелен картон па не можат да извозат до Скопје, кај што проверува дали вратите на фрижидерите добро дихтуваат, ама па мора ли за тој пусти политички пиар и пакети да претоварува? Па речи им таму на тие што те советуваат: Извини, ама јас не ти ја дигам кутијава. Смисли нешто друго за гласачите.

Башка што, Венко може секој ден да ни кажува до каде е процедурата за потпишување договори, да пренесе на раце уште десет кутии, па и да провери да не случајно некој донирал и пиво во фрижидерите, ама тоа не го менува фактот дека ние уште немаме датум кога ќе почне масовната вакцинација.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира