ОПАШ ОД БИК

Кој е надлежен за метлата? И зошто не е?

ОПАШ ОД БИК

1 Тоа дека пратеникот Павле Богоевски си е кабает што прекршил закон и купувал нелегални сустанци не е спорно. Самиот си призна и треба да си ја носи законската одговорност. Тоа дека Павле, оној жесток активист од Шарената револуција што се бореше за одбрана на граѓанските права, не е истиот Павле исто така не е спорно, оти како пратеник во Собранието не направил ништо за да се оствари тоа за што како граѓански активист се залагал. И несомнено, неговиот углед, особено како претседател на собраниската Мандатно-имунитетна комисија му е разнишан.

Ама, темата на муабетот не е Павле. Темата е нелегалното прислушување. И темата е дека органите на прогонот не се занимаваат со откривање кој сѐ нелегално прислушува.

Има разлика меѓу бомбите на Заев и бомбите објавени на руската мрежа Вконтакте. Заев ги објавуваше разговорите кои нелегално ги прислушувала државата. И тоа го правеше јавно, на прес-конференции, за да открие скандалозна злоупотреба на човековите права од страна на државата. А новиве бомби се продукт на нелегално прислушување од непознат прислушувач и непознат нарачател.

И затоа, сега е исто толку скандалозно како државата не може да го открие, да го казни и да го прекине ова нелегално прислушување што се случува дури и во такси. Оти, денеска бомбата е наменета за пратеник, за да се спаси пратеничкиот мандат на Груевски. Ама, утре може да биде за кој било граѓанин и за каква било уцена.

Како можеше Заев кога беше во опозиција да открие кој прислушувал? А сега кога е на власт не може да открие?

2 А кој да открие? Кој да го фати таксистот што разговорите на патниците што ги вози си ги постира на Интернет? Оливер Спасовски ли, кој, како што би рекле Англичаните, не може ни грип да фати во време на епидемија, а не пак да открие прислушување?

Кога Стево Пендаровски во предизборната претседателска кампања се пожали дека луѓе од државната администрација го следат и го сликаат, министерот за внатрешни работи Спасовски на пратенички прашања рече: „Таква работа нема. Не сакам ниту ние овде, ниту македонската јавност да се замајуваме со жолти комбиња и странски служби“.

Може нема жолти комбиња. Ама има коли со жолти табли на кои пишува „тахи“, во кои не те предупредуваат дека „заради контрола на квалитетот разговорот се снима“.  А и којзнае која прислушна опрема била уништена, а која останала. И каде е.

3 Пратеникот Павле Богоевски е претседател на собраниската комисија што треба да одлучува за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски. И такси снимката се појави баш сега. Што значи дека ќе се проблематизира угледот и интегритетот на претседателот на комисијата со тврдењето дека пратеникот е на дроги.

Мене, пак, ме интересира на кои дроги се пратениците што ќе гласаат против одземањето на мандатот на Груевски. Мора тоа да е некој разорен коктел за мозокот што трајно ти ја искривува сликата за реалноста. Инаку, со кој ум би гласал за Груевски да остане пратеник пребеган со азил во Будимпешта.

Изгледа дека тоа е истата дрога со која пратеничката група на Крсто Мукоски бара тест за наркотици за сите пратеници. Оти тие при чиста свест и со здрав памет на 27 април 2017 ги отвараа вратите за напад на Собранието.

4 На Заев му треба метла. Ама, само метлата не го решава проблемот. Треба само да се почитуваат законите. Па и за метла има закон. Само треба тој што оди на работа, да си ја врши работата. Да мете.

Впрочем, за сѐ си има закон. И за паркирање на тротоар, и за паркирање со четири жмигавци на трета лента, и за возење во парк, и за забрана за дотур на стока во одредено време, и за фрлање ѓубре, и за плукање на улица, и за палење оган, и за забрана за пушење, и за поставување летни тераси, и за диво градење, и за фрлање шут, и за бучава, и за загадување…

Ене ја Матка. На дивата платформа ставија и ограда. Оти за кајчиња беше. Па туристите преку ограда ќе скокаат во кајчињата. Сме ја спасиле Матка од минирање кога бегале фашистите во Втората светска војна. Ама, од ДУИ не може да се спаси.

Охридсконо Езеро низ што сѐ не поминало, заштитено е сосе градот од УНЕСКО, ама од градежна мафија не може да се спаси. Струга не е заштитена од УНЕСКО, ама коалицијата СДСМ-ДУИ е забетонирана, како парапетчето на местото на трските.

Откако дојдоа на власт, два пати месечно го пуштаат автопатот Миладиновци-Штип. Колку пати најавија дека за десет-петнаесет дена ќе возиме по него?

Строгиот центар на Скопје има еден асален кеј на Вардар.  Ама претворен е во улица. Оти директорите во Телеком морале да имаат пристап со коли, па покрај нив сите си возат. Дека насекаде во Дојче телеком низ светот ако канцелариите им се во пешачка зона, локалните власти им дозволуваат на вработени во приватна фирма да возат меѓу пешаците.

Пешачката улица Македонија, од пешачка зона стана двонасочна  сообраќајница. Сосе паркинзи. Уште испрекината линија да обојат по средината, па и претекнувањето да не биде казниво.

Спомениците низ центарот на Скопје не ги чистат. Оти биле вмровски. Па, тогаш што не ги урнат? За чудовишното здание-споменик на Мајка Тереза уште чекаме одговор што ќе му прават, иако е дивоградба. А и фонтаните уште не ги пуштаат. Оти пола мај помина, ама студено е.

Кучиња-скитници нѐ изедоа, а тие две години ни со нив не можат да се справат. Еден зиплајн најавија, ама и таа една жица од Кале уште не можат да пуштат, а трамвај ќе граделе. Ќе биде готов заедно со Универзалната сала. За која лани потпишаа договор. Дека оваа година ќе потпишат договор за да почнат да ја реновираат.

Две години најавуваат реновирање на Офицерскиот дом во Битола. Лани во јуни издале одобрение за санација. Ама до сега не можеле да ги соберат потписите од сите институции, вклучително и Владата. Е сега, откако ги собрале потписите, нека не ги праќаат преку битолската обиколница. Оти и таа две години е затворена.

За манастирот Курбиново, што ни ја чува фреската од 12 век на педесетденарката, уште не можат да се договорат кој е надлежен. Прво се расправаа за пари, па за проект, па не чинел проектот, па се расправаат кој ќе го поправи проектот, па умре човекот што ја водеше реставрацијата… Додека се договорат Скопје и Битола како да се спаси Ангелот од Курбиново, парискиот Нотр Дам ќе го обноват и клучот од Курбиново што го чува локален жител ќе го изгубат.  Па после ќе се расправаме кој е надлежен да направи нов клуч.

Треба уште да се набројува? Да ти се смачи од сите оправдувања што ги смислуваат и да се збудалиш кога ќе почнат да ти објаснуваат кој за што е надлежен. И зошто не е.

А бе, пред шест месеци некој ја оштетил скулптурата „Бик“ во Скопје, па цел ден им требаше да откријат кој е надлежен да ѝ се врати опашката. Го најдовме надлежниот, ама еве бикот уште нема опаш.

Пола година еден опаш за бик не можат да стават, а не пак да откријат кој нелегално го снимал Павле. А тој што му го скинал опашот на бикот не го ни бараат.

Па тие и за метлата на Заев ќе распишат тендер. За да има жалби и контражалби со рокови што треба да се пробијат. Само за да има оправдување ако нема метла.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира