ПАНДЕВ И ЕЛМАС

Најголем предизвик во 2022 ќе биде како со љубезност и домашно воспитание да ја победиме омразата

ПАНДЕВ И ЕЛМАС

Многу сакам 2022 да не биде историска година за Македонија. Колумнава за еден месец ќе наполни 31 година, и навистина веќе ми е збоктисано да пишувам за историски настани, историски датуми, историски избори, историски несреќи, историски извештаи, историски самити, историски собраниски седници…

И аман луѓе, со усул малку. Малку домашно воспитание. Не гледате ли дека политичарите нè доведоа до ситуација да не знаеме да си честитаме. Политичката битка не мора да биде блуење омраза. Не мора критиката да биде истурање отров. Работава – смрт или слобода. Страшно е кога нишката што ги поврзува не им е идеологијата, туку токсичната омраза која извира од првиот човек па сè до последниот трол на социјалните мрежи и кога таквиот тон на комуникација станува нормален. 

Направив избор од 12 колумни за настани за кои мислев дека ја одбележаа (повторно историската) 2021. Насловот е ист како и колумната објавена на 4 април, инспирирана од сликата на насмеаните и гушнати Пандев и Елмас по победата над Германија среде Германија. Тоа е сликата на Македонија. И штета е што забораваме на таа слика, па се сеќаваме на неа само во моменти на успех.

Драги мои, па нас омразата ќе нè дотепа.

И најголем предизвик во 2022 ќе биде како со љубезност да ја победиме омразата.

Ви посакувам весели празници и многу животни радости во 2022. 

Да сме живи, здрави и вечно млади.

Ваш Горан

 

 

 

АУДИО ЧЕСТИТКА – AUDIO PODCAST

15 јануари

Како и да е, Бугарија со ветото им ја заврши валканата работа на евроскептиците. И на оние во земјите-членки на ЕУ. И на нашите дома. А богами, и на власта фино ќе ѝ се погоди. Кој да ти мисли сега на борба против корупција, ефикасна јавна администрација, транспарентно владеење, урбанистички планови, чист воздух и чисти води, кога приоритетно прашање е колку пати Бучковски го поминал Деве Баир. Башка, ионака сѐ си е како што треба. Ако ги читаш изјавите на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, ќе си помислиш дека живееш во Шведска. А во исто време, неговиот колега Артан Груби организира приватна журка за партиски другарчиња во службени простории на Министерството за ништо.

Во меѓувреме, премиерот Заев најави дека колите со бугарски регистарски таблички ќе се регистрираат со 50 проценти намалени давачки. Има мајмуни што почитувале закон и плаќаат полна цена и има мангупи кои не почитуваат закон и ќе плаќаат половина цена. МВР објави дека цели камиони бетономешалки на фирми на луѓе од власта со години не биле регистрирани, а чесните граѓани крпат рати на банкарски картички да си ги регистрираат колите.

Со колкава казна за примерните граѓани ќе се компензира оваа награда за безобразните?

Изгради диво, ќе ти ја легализираат дивоградбата. Узурпирај тротоар за тераса на кафеана, ќе ти ја легализираат сосе греењето што си го ставил. Пушти даски за платформа во езеро, ќе ти ги легализираат кога ќе стане кафеана. Не плаќај данок на имот, ќе те замолат да им платиш на рати. Испери пари во некое Белизе, врати ги божем во инвестиција, ќе ти ги легализираат…

Целата битка со недисциплинираните се сведе на легализација на недисциплината.

26 февруари

Замислете, да сте некој дојденец и онака од страна да сте следеле како полицијата, судот и обвинителството како муви без глави ја решаваат кризата кога им исчезна Мијалков неколку дена пред изрекувањето пресуда. Не знаеш што е посмешно. Дали нивното однесување тогаш, или нивните објаснувања откако избеганиот се појави пред Обвинителството да си го земе решението за домашен притвор. Една изолација и веднаш паника да се дигало.

Би сакал да верувам дека „правда ќе има – и уште повеќе“, како што вели Заев. Аман, се изначекавме на таа правда уште од првиот ден кога почна да ги објавува бомбите.

26 март

Стотици, ако не и илјадници македонски граѓанки и граѓани деновиве ја одбележуваат годишнината од приемот во НАТО во халите на Белградското сајмиште, чекајќи да бидат вакцинирани против ковид-19. Заедно со граѓаните на Србија, кои исто така деновиве одбележуваат годишнина од бомбардирањето на НАТО. Ќе биде интересно да се види дали за еден викенд Србија извакцинирала повеќе Македонци, отколку што Македонија ги извакцинирала дома лекарите за месец и пол. И тоа пак – со вакцини подарени од Србија.

Звучи иронично? Звучи грубо? Звучи ужасно? Да. Ама така е. Барем за мене лично, кој длабоко верува во западните вредности, во солидарноста и во принципите што на хартија ги промовира Европската унија, ова е исклучително болно разочарување.

Некако, како да умира европската идеја во Македонија. Зошто? Затоа што по којзнае кој пат Европската унија нè напушти, нè изневери, не ги исполни ветувањата. Едноставно, не се покажа како партнер на кого можеш да сметаш дека ќе ти се најде.

Што добивме ние за лојалноста кон ЕУ? Вето од Бугарија. И после ни е криво дека македонските граѓани во Белград по примената вакцина се сликаат пред плакатот на којшто пишува „Хвала Србија“. А ние толку би сакале и копнееме да се сликаме покрај „ЕУ за тебе“.

Од Србија добивме вакцини. А од ЕУ што добивме? Каракачанов го добивме.

Па сум решил да ме вакцинира „диктаторот“ Вучиќ, кога „демократот“ Борисов не ме признава ни за жив.

2 април

Колку и да звучи патетично, онаа слика на насмеани и гушнати Пандев и Елмас по победата над Германија среде Германија е сликата на вистинската Македонија. Штета е што забораваме на таа слика, па се сеќаваме на неа само во моменти на успех.

Описот на сликата е патетичен. Ама сликата е вистинска. Двајца македонски фудбалери од различна националност играат за својата земја и се радуваат на успехот во Дуизбург, во исто време додека во Скопје странските амбасадори ги охрабруваат политичарите да не се испозаколат меѓу себе во Собранието. Ама, во таа репрезентација во која играат луѓе од сите националности и вери, фудбалерите се одбрани по квалитет. А во Собранието пратениците се избрани според неквалитет. Во репрезентација треба да знаат да шутираат и да бранат. Во Собранието пратениците не треба ништо да знаат. Треба само да го слушаат шефот на партијата и да се сликаат со него.

Ние не сме навикнати на успеси. И само кога ретко ќе ни се случи нешто такво, сфаќаме колку сме отруени. Изненадени сме дека знаеме да се радуваме и да се гордееме. Кога некој политичар ти дал причина да се радуваш? Кога ти се случило да се почувствуваш горд на својата земја поради некој политичар?

Пандев и Елмас како се гушкаат – тоа е реалниот живот. А партиите и политичарите се тука за да создаваат проблеми за потоа да ни ги решаваат проблемите. Трагедијата е што немаме повеќе такви успеси како победата над Германија, не само во фудбалот, туку и на сите други полиња. Да имаме за што да се радуваме, баш ќе ни биде гајле за политика.

16 април

Да послушаше Заев уште пред две години, кога медиумите почнаа да објавуваат документи за кабаетите на тогашниот генерален секретар на Владата, а до пред неколку дена секретар за „што и да е“  Драги Рашковски, најмалку што можеше да направи беше да го отпушти од функцијата. А тој го бранеше. И уште го брани.

Сега нема да гори само Рашковски. Сега ќе гори и партијата.

28 мај

Матурантот Тони Сали почина на 19 години. Десет години се бореше со државата да добие матичен број. Управата за водење матични книги не му издаваше извод на родени. И – си умре Тони. Не се знае од што. Го нема. Ама, како никогаш и да не постоел.

Сè е по закон во оваа држава каде што се креираат матични броеви на непостоечки граѓани, се издаваат по неколку лични карти на различни адреси на исти луѓе за крадење на избори, за пари се издаваат регуларни фалсификат пасоши на белосветски криминалци, ама ете – баш за Тони од Шутка кој бил сиромашен одличен ученик и добивал награди, никој во државата не успеал да најде решение.

Како ли ќе живеат со смртта на Тони сите оние службеници што 15 години го малтретирале детето и неговите родители со точки и запирки, ги маткале од шалтер на шалтер, од институција до институција и ги убедувале дека – такви се законите, а законите мора да се почитуваат?

Имаат ли тие луѓе душа? Или имаат само партиска книшка?

11 јуни

Просто ми е неверојатно како СДСМ успеа да стравува дека ќе ги изгуби изборите. Колку треба да си неталентиран за владеење за да дојдеш до дереџе ова ВМРО-ДПМНЕ да те победи? Со ништо. Со викање „Уа!“.

16 јули

Шест судења на случаи на СЈО за високопрофилен криминал и корупција се вратени на почеток по четири години влечкање.

Ова се случува за време на владеење на политичка гарнитура која ги доби изборите водејќи се од ентузијазмот на граѓанките и граѓаните желни за промени кои ги искажаа во слоганот „Нема правда, нема мир“. Е па, нема правда. А мирот е купен со партиски вработувања. Бакшишот не е евидентиран, зашто на него не се плаќа данок.

13 август

Можеби беше во право премиерот Зоран Заев дека системот функционира и не мора премиерот да е тука, ама ете тој почувствувал дека граѓаните имаат потреба да го видат, па го прекина одморот во Грција кога домашните пожарникари не можеа да ги скротат пожарите во Малешевијата. Кој воопшто верува во системот? Тие приказни ни на Фејсбук веќе не поминуваат. Дури и тие чиј ангажман е да ставаат лајкови на социјалните мрежи не веруваат дека системот функционира, ама сетики се надеваат дека по изборите ќе бидат наградени со 30 проценти.

Никој не верува дека системот функционира дури ни кога кога ќе го види премиерот на телевизија, тука, а не пак уште кога ќе ти соопшти дека ја координира кризата од странство преку телефон и интернет. Што координирал? Партиските директори што исто така беа на плажа, или послушните градоначалници кои парите што ги добиваат ги потрошиле за службени коли и плати за партиски вработувања, наместо за општинска инфраструктура која ќе биде подготвена за кризна состојба?

Па после се чудиме дека странците ни се мешале во политиката. Па како да не се мешаат, кога тие прават сè – од мировни договори и партиски дијалози па до чистење ѓубре и гасење пожари. И буквално. Имаме среќа што нашето постоење и стабилност се поклопува со нивниот стратешки интерес, инаку ќе нè оставеа да изгориме.

Нам ни оставија само закони сами да си донесеме, лични документи да отпечатиме и ред да ставиме. Закони имаме, за документи ќе почекаме нов тендер, а ред не можеме да воспоставиме. Во која земја ставаат столпчиња за да ги спасат тротоарите и велосипедските патеки од коли? И пак ги кршат столпчињата. И за тоа никој не е казнет. А не е казнет ни никој што не казнува за тоа неказнување.

И што прави власта? Оваа врвна неспособност, од најмалото општинско претпријатие до највисоките функционери на државно ниво, ќе ја награди со 30 проценти за „исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес“.

10 септември

И покрај сета тага, гнев и очај што ме обзеде по ужасниот пожар во тетовскиот Ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе, немам што да кажам. Занемев од сознанието дека ова нема крај.

Како човек да каже нешто паметно, кога паметта не доаѓа ни по толку ненаучени лекции со трагедии предизвикани од јавашлук? Како да ти дојде памет, кога рефлексот на политичарите им е да бараат оправдание, а не да го решат проблемот?

Оставка на министерот Филипче е најмал проблем. Таа во овој момент би бил симболичен гест, кој ќе предизвика катарза кај тие што му ја бараат и разочарување кај тие што го поддржуваат. Ќе даде оставка, и – што?

Лично мислам дека можеше да ја понуди од морални причини. Оти и без да се чека истрагата се гледа дека имало сериозни системски пропусти.

Од друга страна, разбирливо ми е и зошто премиерот Зоран Заев не би му ја прифатил оставката. Непродуктивно е среде пандемија да остане нефункционален здравствениот ресор.

Оставката на Филипче не би била гаранција дека вакви трагични пропусти нема да се повторат. Како да бараш гаранција, кога самиот министер вика: „Не можам да го разрешам директорот додека не се утврди одговорност“. Зошто? Затоа што е поставен од партија.

Крајно, не е ни важно дали директорот, или директорката ги поставила оваа, или онаа партија и со кој лидер тие се блиски. Важно е дали се покажале способни, или неспособни. Најстрашно е што и тие што се покажале неспособни, партијата ги штити. Тоа е системскиот пропуст. А Венко, како истуреното лице на тој систем, таа практика ја прифатил. Така што, нека ѝ се заблагодари на политиката што од „Слушај го Венко“ на почетокот на пандемијата дојде до дереџе на „Оставка за Венко“.

22 октомври

Еј, ќе се повтори злото!? Па, сега ли ви текна? Граѓаните што ве донесоа на власт четири години ве предупредуваа: Внимавајте, злото ќе се повтори.

И сега, граѓаните треба да се плашат дека ќе се врати злосторничка партија што испокраде сè – од избори па надолу и чие раководство не се ни извини за зулумите на бегалецот во Будимпешта, за организираниот напад на Собранието, за масовното прислушување, за животот во страв, за рекетирањето, за уништените медиуми, за партиското грабнување на државата… Со што покажа владејачката СДСМ дека се плаши да не се врати ВМРО?

Зарем сега СДСМ со ВМРО да го споредувам?

Уште ли не разбираат дека немаме веќе трпение да толерираме владеење само за партиски интерес? Уморни сме. Резигнирани. Кога по секое пуштање на бомбите Заев извикуваше „Да не дозволиме ова зло да се повтори“, стварно верувавме дека тоа зло нема да се повтори. Тие луѓе што сега не излегоа да гласаат, пред 4 години гласаа со надеж за промени. Сега двете најголеми партии се во пад. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори доби 50.000 помалку гласови отколку на локалните избори во 2017. А СДСМ падна за близу 180.000 гласачи. Всушност, најголемиот пораз на СДСМ е што ни ја уби надежта.

Нема што Заев да се чуди зошто изгубил толку гласови, дури и во средини каде што СДСМ традиционално победувал. Нема што тука многу да се филозофира. Ти на граѓаните им го одземаш квалитетот на живот, а граѓаните ти ги одземаат гласовите.

26 ноември

Добро, ќе си речеш, несреќи се случуваат. Ама, поразно е што ние не учиме од нив. Самата несреќа е шок. Бројката од 45 загинати патници е шок. Ама, шок е и  сознанието дека немарното однесување на власта, која ѝ да е таа, некадарното однесување на институциите на државата и бавното судство е нешто што одамна е станато нормално. Нам ни стана обично тоа што ем неспособните ем корумпираните институции ги плаќаме и со данок во крв.

А најпоразно е што сето тоа веќе не ни пречи. Освен ретките изблици на бес и тага, ние ништо не преземаме. Се помируваме со таквото живеење во депресивна летаргија. Преживување до следната несреќа.

Ќе се завлече и несреќата на „Беса транс“ како онаа на „Дурмо турс“ во 100 судски рочишта со вештачења, контравештачења и супервештачења и ќе си продолжиме да преживуваме до следната несреќа. Фино што имаме барем Фејсбук и Твитер. Мораме ова, мораме она, мораме вака, мораме така… Што мораме? Мораме само да умреме. Лути се, коментирај, преспиј и – заборави.

Како и сите чуда, жалоста за 45 загубени животи трае три дена. И веднаш се враќаме на најважните теми – оставката на Заев, брзите избори на Мицкоски, новото парламентарно мнозинство и Алтернатива ли е, Алијанса ли е, Беса ли е… ДУИ секако е.

Тие суштински прашања од типот колку директорски места и за која партија ќе ги спасат евроинтеграциите, не можат да ги преклопат ни големите светски проблеми – нова мутација на коронавирусот, скапа струја, скап гас, недостиг на чипови, недостиг на хартија, поскапување на храната, раст на инфлацијата…

Ама нам животот не ни зависи од тие светски теми. Нам животот ни е парализиран во процепот помеѓу две мнозинства и две несреќи.

10 декември

Да не се занесуваме. Не е ниту до цар Самоил, ниту до Гоце Делчев. А уште помалку е пак за Бугарите што немаат права во Македонија. За разлика од Македонците што ги имаат правата во Бугарија. Тоа се само оправданија да продолжи бугарската офанзива за дестабилизација на Македонија.

Офанзивата против Македонија е дополнително засилена со изјавите од официјална Софија дека Албанија треба да се издвои во процесот и може да ги почне преговорите со ЕУ. Како да не знаеме каква дестабилизација би било тоа за Македонија. А тие сигурно знаат.

Ова се потези на класична непријателска земја. Бугарија не ни крие дека има територијални претензии кон Македонија и сè што не успеала со векови да реализира, сака да го оствари сега. И тоа како земја-членка на ЕУ.

И ако навистина е валидна последната анкета дека 70 проценти од Бугарите го оправдуваат ветото за Македонија, тогаш ние со соседиве сме во студена војна. И тешко е дека од таа војна Македонија ќе излезе неповредена.

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира