ПРЕСПИЈ И ЗАБОРАВИ

Животот ни е парализиран во процепот помеѓу две мнозинства и две несреќи.

ПРЕСПИЈ И ЗАБОРАВИ

1 Директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфи Хусеини, прво се жалеше дека немал доволно инспектори за да може да прави инспекции на сите транспортни фирми што имаат автобуси. Потоа, откако Владата му наложи да направи вонредна инспекција во фирмата „Беса транс“ во чиј автобус загинаа 45 луѓе на автопат во Бугарија, инспекторите отишле во канцелариите во Скопје и во Тетово, ама вратата била затворена и никој не им се јавувал на телефон. Па сега ќе им испратат писмо на газдите на „Беса транс“, за да им закажат термин кога инспекторите можат да одат да им направат вонреден инспекциски надзор. Ако може, де… Ако дозволи „Беса транс“. По најголемата автобуска несреќа во Европа во последните 10 години. Откако е утврдено дека автобусот во кој изгореа 45 патници, 135 пати ја поминувал државната граница со лажни документи. Во компанија чијашто лиценца за транспорт на патници експресно е одземена.

А ние, будали, бараме оставка. Од кого? Од државен службеник кој не одговара никому, освен евентуално кај лидерот од партијата што го поставила на тоа место. Па тој нема намера ни со својата работа да се занимава, а не пак оставка да дава.

2 Добро, ќе си речеш, несреќи се случуваат. Ама, поразно е што ние не учиме од нив. Самата несреќа е шок. Бројката од 45 загинати патници е шок. Ама, шок е и  сознанието дека немарното однесување на власта, која ѝ да е таа, некадарното однесување на институциите на државата и бавното судство е нешто што одамна е станато нормално. Нам ни стана обично тоа што ем неспособните ем корумпираните институции ги плаќаме и со данок во крв.

А најпоразно е што сето тоа веќе не ни пречи. Освен ретките изблици на бес и тага, ние ништо не преземаме. Се помируваме со таквото живеење во депресивна летаргија. Преживување до следната несреќа.

3 Никаква утеха не е тоа што автобусот со лажен документ за превоз возел и во земја на Евопската унија. Никаква утеха не е ни тоа што некој знак на автопатот во Бугарија бил паднат пет месеци. Демек, ете, тие се ЕУ, па исто е како кај нас. Таму барем отвараат дебати за заштитни огради, квалитет на асфалт, сигнализација, мачкини очи и чисти банкини. Кај нас те прават улав ако прашаш зошто не е искосена тревата околу патот и зошто гранките ги покриваат знаците. Де бе, глупости прашуваш. Патоказите биле исчкртани!? Бојата била избледена!? Кај нас на автопат коњи и крави трчаат, а ти си се фатил за патоказите. Ако онаа делница на автопатот кај Перник била толку несигурна оти поради лоша сигнализација одеднаш загинале 45 луѓе, тогаш кај нас делницата од Кичево до Охрид низ Дебарца одма да ја забраниме за сообраќај.

Патиштата и технички неисправните автобуси се само дел од алката на нашето ризично преживување. Па, нам животот не ни е безбеден ни дома ни на работа. Од украдените црева во хидрантите, преку неконтролираните лифтови, вселувањата во згради без технички прием, заградените противпожарни скали, блокираниот пристап од паркирани коли за противпожарни возила и брза помош, па до визбите и гаражите полни со ѓубре и којзнае што сè не, што може да биде темпирана бомба… Цели државни институции ни се вселени во административни згради за кои нема технички прием.

Ама затоа имаме стотина закони, прописи, директиви усогласени со регулативата на ЕУ и нешто помалку државни инспекторати, директорати, агенции и комисии со армија коалициско-подлизурковски испикани кадри по канцелариите, чијашто основна задача е да не бидат надлежни за тоа за што се.

Ќе се завлече и несреќата на „Беса транс“ како онаа на „Дурмо турс“ во 100 судски рочишта со вештачења, контравештачења и супервештачења и ќе си продолжиме да преживуваме до следната несреќа. Фино што имаме барем Фејсбук и Твитер. Мораме ова, мораме она, мораме вака, мораме така… Што мораме? Мораме само да умреме. Лути се, коментирај, преспиј и – заборави.

4 Ама како и сите чуда, жалоста за 45 загубени животи трае три дена. И веднаш се враќаме на најважните теми – оставката на Заев, брзите избори на Мицкоски, новото парламентарно мнозинство и Алтернатива ли е, Алијанса ли е, Беса ли е… ДУИ секако е.

Тие суштински прашања од типот колку директорски места и за која партија ќе ги спасат евроинтеграциите, не можат да ги преклопат ни големите светски проблеми – нова мутација на коронавирусот, скапа струја, скап гас, недостиг на чипови, недостиг на хартија, поскапување на храната, раст на инфлацијата…

Ама, за тоа ние не мислиме. Нам животот не ни зависи од тие светски теми. Нам животот ни е парализиран во процепот помеѓу две мнозинства и две несреќи.

5 Владата соопшти дека за да ги мотивира вработените во јавната администрација да не умрат од ковид ќе ја разгледа можноста за економски стимулации за тие што ќе решат да се вакцинираат.

Нема потреба Владата да прави којзнае какви анализи со какви стимулации би ги натерала антиваксерите да се вакцинираат. Најефикасна стимулација би била антиваксерите сами да си го плаќаат лекувањето ако заболат од ковид-19 и завршат во болница.

Инаку, ќе излезе дека оние 40 отсто што веќе се вакцинираа, а некои дури побрзаа и во странство да се вакцинираат, па дополнително ѝ заштедија на државата, се будалите кои ќе им платат на оние што се правеа паметни и досега чекаа да видат дали вакцинираните ќе умрат. Башка што, невакцинираните се изложуваат себеси и сите наоколу на ризик од зараза, ги блокираат болниците и ни го одземаат правото на сите да се лекуваме од други исто толку опасни болести. Уште Владата да донесе и одлука, како што побараа синдикатите, работодавачите да им плаќаат ПЦР тестови на тие што не сакаат да се вакцинираат, тогаш комотно можеме да прогласиме победа на антиваксерите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира