САМОУБИСТВО ОД ЗАСЕДА

Граѓаните се најголеми непријатели на партиите

САМОУБИСТВО ОД ЗАСЕДА

1 Бреј, бреј, колку се вознемири власта за последниве протести. Мислев дека прашањето за граѓански активизам го затворивме во 2015 година кога ВМРО-ДПМНЕ ни црташе крукчиња на сликите додека протестиравме, кога тоа, не било баш така. Па која хистерија се дига за протестите на средношколците поттикнати од глобалното еко движење „Петоци за иднината“ („Fridays For Future”) мислиш ги читаш старите соопштенија излезени од озлогласениот Центар за комуникации на Илија Димовски во 2015.

Па уште и тврдоглаво продолжуваат со тврдењата дека протестите се партиски, а не граѓански. Очекувано е дека секоја партија, особено кога е во опозиција, се обидува да се залепи за некој протест на граѓаните и да го киднапира. Тоа се случувало и ќе се случува. Ама, ако како власт првиот рефлекс по најава за протест ти е да бараш виновник, а не да пробаш да сослушаш и да увидиш проблем, тогаш ние како граѓани навистина имаме проблем. А власта има уште поголем проблем.

Колку за потсетување, дел од оние средношколци што во 2015 година кампуваа пред Министерството за образование и протестираа против режимот на Груевски, по три години станаа гласачи, па излегоа на референдумот за промена на името за влез во НАТО. Многу родители тогаш ги поддржаа своите деца. Тие граѓани му требаа ли на СДСМ како гласачи против ВМРО-ДПМНЕ? Знаат ли пишувачите на соопштенија во СДСМ дека некои од овие средношколци што сега протестираат за здрава животна средина ќе бидат полнолетни уште во април вгодина? И дека голем дел од нив за три-четири години ќе бидат активни гласачи? Како СДСМ ќе ги придобие да гласаат за него? Со тоа што ќе ги направи малоумни? Ќе им каже дека не мислат со своја глава и дека некој од некоја партија треба да им каже како треба да мислат? Ќе ги плаши со неоправдани изостаноци и лоши директори како што ги плашеше Никола Груевски?

Не можам да поверувам дека по четири години го пишувам истото  што сум го пишувал во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Не можам да поверувам дека партијата која и тоа како офајди од граѓански протести и активизам сега им ја навредува интелигенцијата на граѓаните. Тоа покажува тотален политички аматеризам. СДСМ си ја сече гранката на која седи. Така не се владее. А ни избори не се добиваат. Тоа е политичко самоубиство.

2 До толку се изгубени, што во партиско соопштение за протестите околу носењето на нов ДУП за Трнодол во скопската општина Карпош напишаа дека тие биле координирани од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица. Ееееј… Левица ја воскреснуваат со целото членство од три и пол луѓе за да нѐ убедат дека граѓаните на Трнодол не знаат во какво маало сакаат да живеат, туку дошле од Левица и заедно со ВМРО-ДПМНЕ им го испиле умот. Дека граѓаните во маалото не можат сами да сакаат да живеат како и до сега, без згради, во ниски индивидуални куќи и дека се плашат оти ќе се урне ридот, туку треба да дојде некој од опозициона партија да им каже како сакаат да живеат. Башка,  како да му веруваат на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев дека гаранција за безбедност на ридот е тоа што во текстуалниот дел на планот ќе се напишело градежниците да мораат да ставаат силни потпорни ѕидови, кога во исто време се носи закон за легализација на дивоградби? И кога многу е поевтино да се потплати некој инспектор или службеник во општина или министерство, отколку да се гради скап потпорен ѕид од кој не ќе може да се ќари.

Па уште и на увид на планот им носат граѓани од други населби да глумат комшии, провокатори и рекетари за да прават неред. Оти жителите во мирно маало што си живеат по куќи и дворови нема да ги препознаат тие што не им се комшии. И оти, ако владејачката партија им кажала дека треба да живеат со високи згради во соседството, тоа треба да го прифатат, инаку ќе им се врати ВМРО-ДПМНЕ па секако ќе им изгради згради без да ги праша, ко што им градеше во Ново Лисиче, Аеродром, строгиот центар на Скопје, Дебар Маало, Панорама, Кисела Вода…

Како излезе, и поарно да не прашуваш. Оти, ако прашаш ќе добиеш бокс од некое партиско другарче. Фина правна поука чувме од Груевски на времето: „Два-три шамари, не е кривично, прекршочно е…“

3 На 25 декември, СДСМ ќе отвори јавна расправа за промена на изборниот модел. На месец и пол пред распуштање на Собранието. И на една недела пред техничка влада. Колку да кажат дека го ставиле законот на дневен ред. Ќе го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ дека поднел 6.000 амандмани. И ќе го озборуваат коалицискиот партнер ДУИ дека поднел 5.000 амандмани, и дека уште 3.734 треба да се преведуваат на албански. А во меѓувреме имаат уште 100 закони за носење. И Законот за одбрана нема да може да се изгласа оти ВМРО-ДПМНЕ нема да го гласа за инает. Плус и Законот за обвинителството пак ќе го актуелизираат.

А бе ајде… Ако толку им беше важна промената на изборниот модел, тогаш што правеа три години? Една изборна единица им беше изборно ветување. Да почнеа со време, може и ќе го истуркаа законот да стаса до овие избори. Сега ќе се караат на говорница, ќе фрчат сооопштенија и изјави, ДУИ ќе се заканува со војни, со тепачки, со блокади, со Мицкоски… Божем не знаеме како се прави коалиција, зошто се прави коалиција, како се прават пратенички листи, кој влегува на пратеничка листа….

Аууу, променава на изборниот систем ќе ни ги загрози партиските елити. Ај ќе глумиме дека ќе го менуваме.

Ама ова веќе не е ни глума. Знаеме дека партиите лесно се договараат кога имаат заеднички интерес. Затоа и никој не се вознемирува.

4 Власта претера со потценување на интелигенцијата на граѓаните. После им е криво кога им викаат дека се исти како ВМРО-ДПМНЕ. И треба да им е криво. Многу е страшно да си ист како ВМРО-ДПМНЕ.

Не се исти по начинот на владеење. Можете да замислите во времето на Груевски, Коце Трајановски да сменеше директор на гимназија оти им го загрозувал правото на протест на средношколците, како што градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја разреши директорката на „Никола Карев“? Не се исти и по тоа што постигнаа на меѓународна сцена. Не се исти и по транпарентноста на трошењето на буџетот. Не се исти и по прашањето на почитување на човекови права, грижа за деца и ранливи групи, слобода на говор… Еве ги, гласни се луѓето во партијата што се срамат од партиските соопштенија за протестите.

Ама по начинот како ги омаловажуваат тие што не мислат како што ќе каже партијата се исти. Граѓаните што му помогнаа на Заев да дојде на власт и му дадоа поддршка за НАТО и за промена на името уште не му ги забораваат зулумите на Груевското ВМРО. Ама, многу, многу му се лутат на СДСМ.

Сега имаме протести против загадување. Вчера имавме Дуповден во Карпош.  Утре може ќе има друг Дуповден којзнае каде низ Македонија. Задутре ќе се протестира за плати на уметниците, за образование, за здравство, за третман на животни, за спас на реки, за езера, за слободни тротоари… Секогаш има повод за протест. Граѓаните сакаат да живеат поубаво. И секогаш ќе сакаат. И опозицијата секогаш ќе сака да го киднапира граѓанското незадоволство за да ќари. Ама, политички е неодговорно од власта, кога има некој проблем, наместо да го решава проблемот, да бара виновник кај граѓанинот што сака да му се реши тој проблем. Зошто? Затоа што неговиот протест ќе им ја загрози удобноста што им ја дала партијата.

Излегува дека граѓаните се најголеми непријатели на партиите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари