СЛИКА ЗА ПАСОШ

Дали кога ги вработуваат по партиски заслуги во државни институции, им викаат дека некогаш треба да го вклучат и мозокот?

СЛИКА ЗА ПАСОШ

1 На тројца од осомничените, од деветмината што во МВР ги фатија за издавање фалсификувани оригинални пасоши, судот како мерка за претпазливост им ги одзел пасошите. Дека тие направиле фалсификат пасоши за 214 луѓе низ светот, а за себе не успеале да си направат.

За нас како граѓани, воопшто не е важно кој прв дознал за криминалното издавање пасоши, кој објавил, како објавил, зошто објавил, дали истрагата е пробиена предвреме како што обвинува СДСМ, или МВР сакало да ја забошоти, како што обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Партиите можат да се натегаат до недоглед. Да се обвинуваат кој кога е вработен, на која позиција е вработен, со кое образование и со колку стаж е примен во МВР, на чиј партиски список бил предложен за вработување… Со сите овие партиски препукувања само се разводнува суштината. А суштината е дека со години во МВР имало криминална банда. И дека таа криминална банда со години била следена не само од домашните органи на прогонот, туку и од американските безбедносни служби и од Интерпол. А Американците сигурно не ги интересирало да ги фатат нашите чиновници што сликаат за пасош во зградата на МРТВ.

Е сега, логично е прашањето зошто на Христијан Мицкоски би му одговарало да ја пробие истрагата која се водела и со регионалната канцеларија за истраги и безбедност на САД? Иако, кога е Мицкоски во прашање, со него секогаш е тешко да се најде логика. Не минираше белким меѓународна акција само за да може на пресови да вика „Уа, Заев!“. Којзнае уште колку ајдуци со македонски пасоши останаа неоткриени.

Башка, ако на ВМРО-ДПМНЕ им беше до фалење, ете им го Наќе Чулев. Тој ја наследил големата истрага кога беше технички министер за внатрешни работи во техничката влада пред изборите, па уште тогаш можеше да ги фати ситните риби, ако баш тие им биле за фаќање. Што ѝ е битен на Америка службеникот од пасошко во Скопје?

Од друга страна пак, логично е прашањето зошто Оливер Спасовски, кој безмалку 5 години е министер за внатрешни работи, не успеа да го разбие тоа дувло во срцевината на државата? Па, пред само десетина дена му ја пробија акцијата за фаќање на наркобосови. Ја фатија само ситната боранија од дилери. Дури и дрогата успеале да ја скријат. Пред тоа, ги фатија фалсификуваните дозволи. Пред тоа фалсификуваните дипломи. Пред тоа, државјанствата и матичните броеви со повеќе лични карти и фантомски гласачи. Се држеа за рачиња и си гласаа, нели?

Кого сè вработуваат во МВР? Во други земји за да влезеш во полиција ќе те истресат од гаќи, кај нас од затвор излегуваш осуден за дрога и одма те распоредуваат во оддел за недозволена трговија со дрога. Од планина ги симнаа и на рехабилитација и ресоцијализација во МВР ги испратија. Како сакаш? Сакаш по рамковен договор, сакаш по партиски список, сакаш по локалпатриотизам, по роднински врски… Па си викаш, ако можам во полиција да најдам работа со фалсификувана диплома, тогаш зошто да не фалсификувам и пасоши за бенифициран стаж. Ионака, партијата ќе ме заштити. Ако не е партијата, ќе се повикаме на правилна етничка застапеност.

А ние па наивни, се чудиме зошто им избегал Никола Груевски.

2 Забележувате дека кај нас дури и класична криминална активност мора да биде поврзана со обвинувања меѓу партиите. Тие не зборуваат за криминалци. Тие зборуваат дали криминалците биле од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ или од ДУИ.

Е па, баш поради тоа што кај нас дури и криминалците мора да се партиски, па сè се прави за да ѝ донесе политички ќар на партијата, без да се води сметка за интересот на државата, ме плаши дека и овој меѓународен скандал ќе заврши со политичко пазарење. Ќе се сликаат заедно на некоја лидерска средба. Да не си притребаат во некоја идна коалиција.

И затоа, баш ми е гајле што имаат да кажат за службениците во пасошко по ова прашање СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ пак – ич. Ако МВР и обвинителството застанат на ситниве риби што ги притворија, ако ова не заврши со судска разврска, тогаш тоа ќе биде уште еден политички договор на штета на државата. И тогаш сите фејбук статуси за фатени путери и испиени чаши вода – фрлете ги низ вода. Без прочистено МВР – државата е фрлена во вода.

3 Секое чудо за три дена. Мислите дека некој ќе се сеќава на трагичната приказна за овчарот од Кратовско, кого лекар од Брзата помош пет часа го носел на импровизирана носилка низ снег и непристепен терен? Некој човек таму, нема заслуги за партијата, па затоа и не го познаваме, паднал во снегот и премрзнал. И некој млад лекар се амбицирал да го спасува, па ги вознемирувал и им ѕвонел на телефоните на надлежните. Па ѕвонел кај градоначалникот, ѕвонел во полиција, ѕвонел во пожарната, ѕвонел во Центарот за управување со кризи… Барал да му испратат трактор или теренско возило, а тие немале. Ама лекарот не побарал хеликоптер. Па, арно што не го обвинија дека ова е докторска грешка. Зарем мислите дека некој друг што е поставен од партија смее да биде крив.

Којзнае колку има случаи на небрежност на државните служби. Немаше да дознаеме ни за овој случај, ако лекарот не се вознемирел и не објавел на Фејсбук. Сите што требало да ја примат информацијата, ја примиле. Ама, никој не ја испроцесирал. Ме интересира, дали кога ги вработуваат по партиски заслуги во државни институции, им викаат дека некогаш треба да го вклучат и мозокот?

Знаете колку е напредната вештачката интелигенција, нели? Ама од  партиската интелигенција, не само што не се бара ни мозок да вклучи, туку не се бара ни процедурите за работа да се прочитаат. Баш им е гајле ним и за овчарот и за лекарот. Тие си нашле државна работа, своето гајле си го пребрале.

4 Владата одбива да ги објави имињата на 58 советници на кои месечно им плаќа хонорари. Велат дека ако им ги објават имињата на тие што се плаќаат за пишување соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, монтажери, советници за геодезија , преведувачи, советници за евроинтеграции…ќе им биде нарушена приватноста.

Е сега, бидејќи Владата е многу транспарентна, не ги кажува имињата, ама ги кажува работните задачи за кои ги плаќаме. Меѓу тие пишувачи на соопштенија од пресови има и советник за борба против ковид-19. Ако за другите советници нема оправдание зошто Владата им ги крие имињата, тогаш за советникот за ковид има логика зошто го држат во тајност. Им е страв да не ни го земат другите поразвиени демократии што сакаат да го применат нашиот модел во борбата против ковид-19 – НАТО војска се вакцинира со руски вакцини, подарок од Србија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира