СТРУШКА ОЛИМПИЈАДА

Законот важи само за тие што сакаат да го почитуваат. И соодветно на тоа, само за нив има и казни.

СТРУШКА ОЛИМПИЈАДА

1 Баш ми е гајле дека некојси Оливер Спасовски, како човек, е разочаран од масовниот верски собир во Струга во време на вонредна состојба поради пандемијата со корнавирус. И јас сум разочаран. Ама Оливер Спасовски е премиер на преодна влада на која ѝ се погоди да владее во време на пандемија, во вонредна состојба и без контрола од Собранието. Од што се разочарал граѓанинот Оливер? Дека во секуларна држава црквата е посилна од владата? Јас на пример, од тоа сум разочаран.  И тоа многу. Дека вчера беше причеста со едно лажиче и литијата низ Струга, а утре ќе бидат отворените џамии во време кога во цел свет, а и кај нас, се забранети групирања на повеќе луѓе. Зошто? Затоа што државата тоа им го дозволува на верските лидери. Зошто? Затоа што ќе има избори.

Тоа кокетирање на политичарите со верата ќе нѐ отепа – и буквално. Полицајците на литијата во Струга само ги спроведуваа верниците како што спроведуваат навивачи кога одат на стадион. Којзнае, можеби имале задача да спречат некој сериозен инцидент. На пример, тепачка кој прв да ги баци иконите што ги носеа поповите. Или некој да не ги украде моштите на светецот. Благодарение на мерките на полицијата, Струга е благословена. Стружани ќе ги држи имунитет од коронавирус цела година. До следното шетање на моштите. А може и нема да ги држи. Е, тогаш нека му ја мислат лекарите и медицинските сестри. Оти поповите, освен молитви, во тој случај ќе нема што да понудат.

2 Оваа година се одложи и одржувањето на Олимпијадата. Ама, струшката литија не смееше да се одложи. Таа традиција можеби не е постара од Олимписките игри, ама сигурно е многу позначајна штом за неа вреди и да се умре.

Што си мислат? Господ ја донесе, Господ ќе ја однесе короната? Ама и колку човечки животи ќе однесе? Деведесет граѓани веќе умреа како последица од компликации од новиот коронавирус. Не може ни саглам погреб да се организира. На стотици луѓе најблиските им се во странство и не знаат кога ќе успеат да се видат. Баби и дедовци два месеца не си ги имаат гушнато внуците. Децата не слават матурски, не се знае ни во септември дали ќе има школо. Свадби нема, ќе ги дезинфицираат бидермаерите. До лекар може да стасаш само ако имаш коронавирус, нема ни прегледи, ни операции. Луѓе остануваат без работа и плата. Авиони не летаат, фудбал не се игра, меѓународни фестивали се откажуваат, граници се затворени. Цел свет застана. Само Тимотеј мора да шета со иконите.

Во оваа држава законот важи само за тие што сакаат да го почитуваат. И соодветно на тоа, само за нив има и казни.

3 Искрено, стварно ми е мачно секогаш кога се отвара муабет за Бугарија и за нејзиниот однос кон Македонија. И мачно ми е кога тука ќе се фатиме на јадицата на разни каракачановци и нивните двојници во Македонија, па по којзнае кој пат предизборна тема стануваат приказните за македонскиот јазик, за Гоце Делчев, за Илинден, за ВМРО, за Тито, за македонските Евреи и за фашистичката окупација. На крајот на краиштата, што има ново и изненадувачки во изјавите што сега доаѓаат од Софија, а што не сме ги слушале со децении?

Ново е тоа што сега барем имаме некаков Договор за добрососедство, со кој сме се договориле дека ќе се договараме. Дека со политика, со дипломатија и со наука ќе ги решаваме сите отворени прашања. И – најзначајното. Новото е дека благодарение, не само на Преспанскиот договор со Грција, туку и на договорот со Бугарија, веќе сме членка на НАТО. Поарно отколку пред 30 години, нели?

Е сега, Бугарија вика дека кога сакаат ќе нѐ блокираат на патот кон ЕУ. И стварно е така. Затоа што им се може. Поголеми се и посилни се. Тие се во ЕУ, ние сакаме да бидеме во ЕУ. Малку ни беше што 30 години бевме фрустрирани од Грција. Па сега ајде и Бугарија нека нѐ кочи.

За да ја надминеме таа фрустрација не е доволно само Бојко Борисов да пушта македонска музика во кола и да нѐ нарекува  „браќа и сестри“. Оти, вистински браќа и сестри не се омаловажуваат и ним не им се закануваш со сила. Реално, нас Бугарија нѐ навредува. Таа недоверба што ја имаме кон официјална Софија не е падната од Марс. Таа недоверба е базирана на лошо искуство. Кога ние во историјата сме виделе нешто добро од Бугарија?

Конечно, да сме биле ние добри соседи, немаше ни да има потреба да се потпишува Договор за добрососедство.

4 Ама, мене воопшто не ме загрижува Бугарија. Ме загрижува дека во предизборието повторно ВМРО-ДПМНЕ наметнува тема за кавга. И дома и со комшиите. Среде најголема светска криза предизвикана од пандемија ќе одиме на избори со Гоце Делчев. И со дебати за македонскиот јазик што е запишан во личната карта на државата во Обединетите нации. А што му остана на Мицкоски, освен пак да ги оспорува Преспанскиот договор и  Договорот со Бугарија и тоа да му биде изборна платформа?

Ај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ можам да го разберам. Ама па, што му требаше на претседателот на државата Стево Пендаровски да тргне по паметот на Мицкоски?

Стево Пендаровски како граѓанин може да каже дека „ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборувам да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба ЕУ“. Ама, граѓанинот Стево Пендаровски веќе не е професор на факултет. Тој е претседател на држава. И ако претседател на држава вика „тогаш не ни треба ЕУ“, очекувам да ни каже што тој ќе ни понуди ако не е ЕУ. Русија ли ќе биде? Кина ли ќе биде? Неврзаните ли ќе ги оживуваме?

Граѓанинот Стево Пендаровски има право да ѝ се лути на Бугарија. Исто како што и јас ѝ се лутам. Ама, со лутење проблемот не си заминува. Можеш колку сакаш да плачеш и да викаш „Не ви играм“, ама со тоа нема да го решиш проблемот.

Државник со лутење проблем не решава. Напротив, уште повеќе го продлабочува. Јас не очекувам Бојко Борисов да се грижи за нашата иднина. Очекувам нашите лидери да се грижат за нашата иднина. А тоа што ме загрижува, е дека нашите лидери немаат консенузус што е наш државен интерес. А уште помалку, како тој интерес да се спроведе.

5 СДСМ побара министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да си даде оставка оти полицијата не ја спречила масовноста на струшката литија, а и самиот Чулев организирал масовна прослава на 7 Мај,  празникот на полицијата.

Како може Чулев да даде оставка? Кому ќе му ја даде? Нема Собрание. Или, сдсмовците очекуваат Чулев самиот да се повлече. Зошто би се повлекол? Сега да се повлече, кога сними толку убав рекламен спот!?

Полицијата не интервенирала на литијата во Струга оти ѝ било страв од клетвите на верниците. Снимање спотови не е толку страшно.

Сигурно избеганиот од Будимпешта им рекол: Види, Ердоган што убав спот направил со амбулантни возила, зошто вие не снимите со полициски коли? Да се потсети народот дека во полицијата има вмровски министер.

Башка, спотот чинел 300 евра. Со 100 полициски коли. Три евра по кола. Сосе трошоци за гуми, бензин и додаток за прекувремена работа на полицајците. Зошто вртеа околу крстот на Тодор Петров и околу споменикот на Васил Чакаларов што пука со кубурот? За да се знае дека е долга раката на ВМРО-МВРО.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира