1 Ама зошто вака негативно кон Владата? Па не може секој ден салата да ги правите. Не се тие боксерска вреќа за удирање. Па има разлика. На пример, еве Хазби Лика како вицепремиер не одеше на работа. Садула Дураки барем знае интернет експлорер.
Па и судиите работат за идејата на Заев. Живот за сите. Освен за Миле Јанакиески. Ама и тој ако смисли некое оригинално извинување, од дното на срцето, па сѐ до небото, за сите сто и кусур зулуми за кои е обвинет, може ќе фати приклучок со хуриетот. За да биде во согласност со слоганот од Шарената револуција „Ќе си лежите“ и пасошот ќе му го вратат. Да може и тој да си лежи ко другите. Кој на плажа, кој во хотел во Будимпешта.
Во златна Македонија ни депресија не може да те фати. Оти ќе се скинеш од смеење од ова надојдениот живот што се истури како порој по летен дожд. Како на норма да се. Доручек, ручек, вечера, редовна доза забава за јавноста. Да има за што да се мрчи, како што би се изразил премиерот Заев. А како да не мрчиш кога секој ден ти даваат по пет-шест поводи за мрчење. Еве и да сакаш да го послушаш, како да не мрчиш кога го става Садула Дураки за заменик премиер.
2 Еве пробав да не мрчам, ама како да не им се лутиш кога го пуштија да им избега Никола Груевски? Па сега им пушта срценца по фејсбук од Будимпешта и им се мајтапи да му го чувале автопатот за Штип, да не му го уништеле асфалтот. Еееј, Груевски им игра мајтап, со неговата добро позната смисла за хумор. А бе до кај е тоа процесот на СЈО „Траекторија“? Тоа со „жутите“ и „да не е многу“, „дил ориентид“ муабетите за автопатиштата… Да беше во Шутка, наместо во хотел во Будимпешта, ќе го видевме како ќе се исмева со срценца и смајлиња. Е па сега смејте му се на шегите. И чекајте да ви се врати. Оти ве вика „лоповите од власта“. Да го реформира судството. И да ве затвори
Аааа… Извинете. Ние сме сериозна држава во која извршната власт не се меша во судската. Е па требаше да се замеша. Уште веднаш. Отпушти ги сите – од Врховен суд до архивар во Основен суд и распиши нов оглас за судии и за судски службеници. Ко да не знаевме со што судии си имаме работа. Ги чувме во бомбите. Не за џабе го викавме сваровски судство. Поарно две години да немавме судии и судења, отколку вака да нѐ прават будали.
Еве на пример, видете го образложението на пресудата за Латас со која се ослободува од обвинение оти градел нелегално. Ти од судот бараш правда и почитување на закони, а судот прави уште поголема штета од самото градење без дозвола.
Да се разбереме. Никој нормален и не очекуваше дека за три нелегално изградени куќи Латас треба да оди во затвор. Па и ослободителна пресуда – ај некако ќе се обидеш да ја сфатиш. Ама да напишеш во пресудата дека Латас не е виновен оти никој не го пријавил дека гради нелегално и да напишеш дека градењето на диво не било јавен интерес, ти е исто како кога ќе те фатат дека нешто си украл, ама ќе те ослободат оти никој не те пријавил дека си крадел.
Цела држава се испотресе да го брани Охрид од УНЕСКО оти поради дивоградбите ќе го стават на листата на загрозено светско наследство, до Баку отиде делегација да го спасува, а ваму градењето на диво не било јавен интерес, оти никој не пријавил. И после се чудиме зошто ни дивите платформи на Матка не може никој да ги урне. Иако, сите ги пријавивме.
Башка, кој граѓанин смеел во 2013 да го пријави Латас? Што ќе му се случело ако го пријавел? Кој инспектор смеел да му дојде на објект, па уште и да го урива? Најбезопасното нешто што можело да му се случи е да го спружи на насловна во „Вечер“ и да покрене хајка на вестите на „Сител“. Како што им се случуваше на многумина. Па го чувме „Ало началниче! Дагауууу…“
Којзнае кому све должат, што должат, колку дожат и зошто должат судиите и обвинителите? Ама, на крајот на денот, кабаетот за нереформираното судство ќе падне врз Заев. Смешките од типот на онаа дека судот го барал Јанакиески дома, ама судењето се одложило оти истиот суд не го нашол Јанакиески, оти го ставил во Шутка, ќе се раскажуваат како зафрканција. И пресудата за Латас ќе ја заборавиме. Ама Заев ќе го паметиме дека во негово време судството останало заробено.
3 Исто како што нема да го паметиме Рашковски. Заев ќе го паметиме. И тоа нема да го паметиме по извинувањата до небо, во име на сите околу него. И Груевски за Мијалков, кога го фатија со пиштол во рачниот багаж на Белградскиот аеродром викаше дека „очигледно му се случила грешка од небрежност, тој тоа доблесно го објасни во македонската јавност“. Ќе го паметиме Заев дека неговата партиска елита ќе ни го врати Груевски, ама, во уште полоша варијанта.
Нели е чудно дека вмровците немаат ништо сработено, немаат преземено никаква одговорност за државата, за ниту едно важно прашање немаат став, упорно го бранат криминалот и злосторствата на претходното раководство, а пак им расте рејтингот само со читањата на соопштенија од идиот камерите и појавувањето по телевизиите. Па дури и со патриотизмот и национализмот не ги бива. Мицкоски во честитката до Урсула фон дер Лајен од сестринската партија во Германија по повод номинацијата за претседател на Европската комисија пишуваше „мојата земја“.
А овие од СДСМ логицираат. За сѐ имаат мислење, ама генерално ништо не може да се реши. И се жалат дека во многу лошо време дошле на власт. И дека не може сѐ што со години било уништувано да се оправи за две години. И дека „јас работам, ама овие моиве не работат“. И малку со надлежностите се збунети. И дека што и да направат – џабе е. Типично сдсмување. Види нѐ колку сме паметни, колку сме духовити, а луѓето ни мрчат.
4 И стварно, џабе им е, кога со глупости самите си ја засенија најдобрата мерка што до сега ја донесоа – враќањето на дел од ДДВ. И го остварија ветувањето дадено во предизборната кампања. Да беше ова во времето на Груевски знаете што ќе беше? Ќе даваа дневни извештаи колку пари се вратени кај граѓаните. Гестапо новинарите од Сител и Канал 5 ќе дежураа пред супермаркетите и ќе правеа анкети со среќни граѓани кои од ќесите ќе вадеа фискални. Ставрески на плоштад ќе организираше масовно скенирање на сметките. Министерот за информатика ќе им помагаше да ја симнат апликацијата. А Груевски лично ќе ги исплаќаше првите пари.
Ама меркава била глупава. Не се исплатело да се собираат сметки. Ееее, сега за 1.500 денари ќе се мачам. Ееее, сега само за 100 денари ли ќе се цицијашам? Ама па и апликацијата сигурно не е безбедна. Па кој ми гарантира дека личните податоци нема да ми бидат злоупотребени.
Фејсбук нека ви гарантира за приватноста. И сторињата на инстаграм од плажите и софрите на секои 5 минути.
А бе за сендвич и сокче на секој митинг ги влечкаа со расипани автобуси. Ќе им ја зголемеше Владата незаконски линеарно пензијата за 500 денари, па сто прес-конференции ќе направеа за да му се заблагодарат на Груевски. На Диме Спасов му се заблагодаруваа бе! А ваму сега се хранат со малодушност – сиромашните малку ќе земеле, богатите најмногу ќе ќареле. Наместо да даваат станови само на своите. Со наградните игри и томболите од Државна лотарија.
5 Па дури и Тамара намерно на приемот на Американската амбасада ја пеела химната погрешно, без да го спомене Гоце Делчев, за да ги покриела погубните политики на Заев. И за тоа требало да оди во затвор. Ама, Американците ни смислиле пробен балон оти ќе се менувала химната, па Тамара ќе се спаси од затвор. Ама сепак ќе биде казнета. На Радио Кавадарци немало да ги пуштаат нејзините песни. „…Пред вратима спавала ко пас, кроз векове горела због нас…“
Па Христијан Мицкоски сосе цело раководство, кој обвинет, кој необвинет, беше на приемот на Кале. Како патриотите и чуварите на идентитетот не забележаа дека Тамара ја утнала строфата со Гоце Делчев и Питу Гули? Другиот ден уште и нѐ извреѓаа дека не сме сфаќале каков меѓународен заговор ни смислиле за да ни ја сотрат нацијата.
Во 2019 Американците ѝ рекле на Тамара да пее погрешно. Ама Тамара истата погрешна химна ја пееше на фудбалски меч меѓу Македонија и Белгија уште во март 2013 година. Тогаш кој ѝ рекол така да пее? Груевски лично ѝ се јавил? Мартин Протоѓер? Милошоски? Бети Канческа? Или таа операција ја терал Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ на Илија Димовски.
Море, јас се секирам, да не му рекле на Миле да ѝ се јави и за таа работа.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST