ТРАЈКО ДА ПЛАТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:94:"МВРима37колииеденмерцедес.Инитуедналаданива

    1 Кога Уставен суд одбива да се бави со својата работа, тоа сите нас нè чини пари. Значи – наши пари. Зборуваме конкретно. Не зборуваме за апстрактни поими како што се достоинство, интегритет, чест, чист образ, Устав, закон, правда, право, стручност, знаење, независно судство… И црн понеделник. Зборуваме за конкретна цифра. 30.000 евра.

    На шест новинари државата треба да им исплати отштета од по 5.000 евра, затоа што на 24 декември, 2012 година собраниското обезбедување насила ги избрка од новинарската галерија, за да не известуваат кога полицијата со влечење ги изнесуваше пратениците од опозицијата  при гласањето за Буџетот. Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека на новинарите им било загрозено уставното право за слобода на јавно изразување.

    Пресудата во Европскиот суд за човекови права дојде откако Уставниот суд на Република Македонија се прогласи ненадлежен да одлучува по барањето на шестмината новинари да им се заштитат уставните права.

    Да се разбереме. Кога ќе се каже државата треба да им плати, тоа значи дека ние сите ќе одвоиме од уста и ќе треба да им платиме. А зошто ние да платиме? Кога ќе ја утнеш работата, сам си ја плаќаш штетата. Не бараш сите други да ти платат.

    Ај сега уставните судии, особено тие што гласале да се прогласат ненадлежни да го штитат Уставот,  нека си ги викнат новинарите и нека им исплатат по пет илјади евра од дома. Ако им е многу, нека му се јават и на Трајко Вељаноски, кој како тогашен претседател на Собранието му наредил на обезбедувањето да ги исфрли новинарите. Трајко нека плати. А ако тој се потрошил за донации за партијата, па во моментов нема доволно, тогаш нека му помогнат и тогашните министри Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески кои командуваа со акцијата. А ако и тие не сакаат да платат, нека плати тој што им нареди да ги исфрлат и новинарите. Ама, уште не знаеме кој е. Оти и обвинителот Марко Зврлевски не се мешаше во својата работа, па не откривме кој нареди да се скрши Уставот. Па и Марко нека плати.

    2 За разлика од македонските судии што по секоја цена гледаат да не се мешаат во својата работа, во САД судиите пресудија против извршната наредба на претседателот Трамп за забраната за влез на патници од седум претежно муслимански земји.

    Научија ли нешто нашиве судии, кога американската амбасада ги носеше на студиски патувања низ Америка? Не научија дека нивната работа е да ја штитат правдата, а не лидерот? Не научија дека интегритетот е поважен од лојалноста кон владејачката партија?  Не научија дека  достоинството и образот не се мерат со плусовите и  штиклирањето во тефтерчето на лидерот на партијата?

    Е па, не научија. Таму не научиле ништо. Оти дома биле презафатени со учење како да се стане судија со сваровски маки.

    3 Али Ахмети му барал на Зоран Заев писмени гаранции пред да одлучи дали ДУИ ќе коалицира со СДСМ за состав на нова влада. Заев рече дека ќе му испрати писмена гаранција.

    На нотар ли ќе ги заверуваат потписите?Која гаранција ќе биде валидна? Нотарката Ермира Мехмети ли ќе им удира печати? Или нотарот Антонијо Милошоски? Или пак нотарот Ивица Коневски, за посигурно.

    4 Во Охрид протестира ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што СЈО викнало на распит околу 200 луѓе кои донирале на партиската сметка за изборите во 2014 година. Протестите се показна вежба за предупредувањето на Никола Груевски, дека ако СДСМ направи влада ќе се соочи со проблеми во иднина.

    Донирањето на партија не е проблем. Особено ако донаторот има платено данок. И може да го документира потеклото на парите. Да се уплати од домашната заштеда на партијата не е казниво со закон. Казниво со закон е ако партијата на власт злоупотреби државни пари и потоа ги пере така што ги уплаќа на партиска сметка во вид на донации од поединци.

    СЈО не ги испитува донациите. Испитува сомнеж за злоупотреба на државни пари преку партиски донации.  Веројатно Катица Јанева во бомбите слушнала нешто што ние не сме слушнале, или не сме го разбрале. И овие што се викнати на распит не се криминалци, како што самите сакаат да се претстават. Тие се сведоци во истрага за евентуален криминал.

    Меѓу донаторите имало и починати лица. Можеби многу ја сакале партијата, ама не до толку за да станат од гроб на повик со смс и во еден ден да им се придружат на сопартијците и да тркнат до банка да донираат. Греота. Умреле, а можеби и не знаеле дека имаат толку пари. Или во тестамент запишале „ВМРО до гроП . И потака“.

    5 А фактот дека и на списокот на донатори на СДСМ се појавуваат актуелни пратеници е сосема друг муабет.

    Зошто некој што е на пратеничка листа треба да донира за партијата? Без оглед дали партијата се вика ВМРО, СДСМ, ДУИ или не знам како. Си го купуваат пратеничкото место? Или веќе е востановена практиката дека штом партијата ти дава работа, бизнис, привилегии… тогаш мора и да ѝ вратиш со пари.

    Идејата е практиката да престане, а не да продолжи. Од таква практика сме дојдени на ова дереџе.

    6 Ај што стана нормална практика дека ако партијата ти дава, ти треба да ѝ вратиш. Ама, уште не можам да го сварам како нормален фактот дека Драгиша Милетиќ бара сожалување од јавноста, оти останал без работа и мисли дека му се прекршени правата. Вели дека бил отпуштен од работа во ЕЛЕМ – од политички причини. А како беше примен? Од неполитички причини? На конкурс со најдобри студенти? Или оти успеа на време да му го даде печатот на неговата партија на Стевчо Јакимовски да се кандидира за градоначалник за да се приклони од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ.

    Милетиќ две години не доаѓал на работа. Ама откако прејде на друга страна, во ЕЛЕМ им требале само три дена да сфатат дека не доаѓа на работа, па го отпуштиле. Штета. Таков добар стручњак за странски инвестиции и комуникации изгубиле, сега треба друг да бараат во партијата.

    Случајот Милетиќ најпластично го отсликува партиското заложништво и клиентилизам.  Живееме во држава во која е нормално  човек да го вработат со политичка заслуга и нормално е да не оди на работа, а да зема плата. Ама, кога од политички причини ќе го избркаат од работа што му ја измислиле исто така  од политички причини, тогаш тоа веќе станува политички реваншизам. И сите ние непривилегираните што плаќаме за неговата привилегија треба да го жалиме.

    7 Ова странциве малку како да не зафркаваат со колите што му ги подаруваат на Министерството за внатрешни работи. Тие изгледа не слушнале во сечените, лепените и монтирани материјали што ги објавуваше Заев дека истото тоа МВР купило мерцедес од  безмалку 600.000 евра.

    Што е ова сега евтини коли што ни даваат? Тоа не е донација. Тоа е вежба по математика колку коли може да се купат за истите пари.

    Прво, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер ја предаде донацијата на германската влада од четири коли вредни 60.000 евра. Што е тоа? Десетина од мерцедесот. Потоа Јоханес Хан ја предаде донацијата од ЕУ во 33 коли вредни 800.000 евра. Што е одвај мерцедес и пол.

    Е па, толку ни била силата. За 20 години сме можеле да купиме еден мерцедес од 600.000 евра. 800.000 не сме можеле да собереме.

    И сега МВР има 37 коли и само еден мерцедес. И ниту една лада нива. Оти, за разлика од ЕУ и САД, Русија не се меша во внатрешните работи на Македонија.

    Всушност, МВР има само една кола. Која не е за покажување. Го чувме Груевски како ѝ зборува на Јанкуловска: „Кај што ме чекаат куп новинари ќе си одам со старата… или, ако е на пат ќе одам со новото, а некаде таму ќе се пребацам у друго и така до локални…“.

    Ама со една кола не се постигнува сè. Башка што, овие коли може да се покажат на новинари. А мерцедесот се вози само таму каде што нема новинари. Макар што, на кое дереџе е македонсково новинарство, може слободно да се вози кај што сака. И да го види, никој ништо нема да го праша.

    8 Деветгодишното девојче Тамара, што Министерството за здравство не го испрати на лекување во странство оти ја чуваа за маркетинг за да ја сликаат во центарот за сколиози, почина пред две години. А јавното обвинителство на Марко Зврлевски во четвртокот изјави дека „Обвинителството презема интензивни дејствија за расветлување на случајот со починатото дете“.

    Ако за умрено дете, резултатите на Зврлевски по интензивни дејствија што траат веќе две години се – нула, тогаш нека не се прашува зошто Македонија имаше потреба од СЈО.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира