ВРАЌАЊЕ ОД МАРС

Се вратија жолтите комбиња

ВРАЌАЊЕ ОД МАРС

1 Уф, каква бурна недела. Русија и Америка се пред војна во Сирија. Марк Закерберг сведочеше пред Конгресот на САД за кражбата на лични податоци на милиони корисници на Фејсбук. А ВМРО-ДПМНЕ се врати од Марс. И директно слета во Собранието на Македонија.

Следејќи ги дискусиите на вмровците за време на расправата за интерпелацијата на Владата може да си помислиш дека тие до сега не живееле тука. Таа партија не постоела. Тие не биле на власт до пред само 10 месеци, и тоа цели 11 години. Море, никогаш не биле на власт. И сега, одеднаш, паднати од Марс, сфаќаат дека ситуацијата во Македонија не чини. Замислете, умирале бебиња. И јавната администрација била партизирана. Лекарите се иселувале. Судиите биле од партиски тефтерчиња. Леле, леле во каква катастрофална држава ги лансирале, кој ли имал срце толку да ја уништи.

Дојдовме до дереџе Даниела Рангелова да ја слушаме да вика дека ситуацијата била катастрофална. Онаа Даниела што е обвинета за шамарите и за насилствата во Општина Центар. Илија Димовски ни кажува дека СДСМ брзо ќе падне од власт на избори. Оној Илија што го судат за низа изборни нерегуларности и местенки. Никола Груевски ни кажува дека оваа влада е најлошата влада во историјата на независна Македонија. Оној Никола што беше премиер на најдобрата влада во историјата на Македонија. Кој веќе ни самиот не може да испофати за што го судат, дали за шамари, дали за местење избори, дали оти сите нè прислушувал, дали за она на „М“, дали за течењето низ ногавици, дали затоа што имал дилема „да не е многу“.

Кој збори за демократија и подобар живот? Кој се жали на уништена држава? Пратениците што се гушкаа со напаѓачите на Собранието на 27 април. Некои од нив веќе се обвинети како организатори на нападот. Во куќен притвор се, чекаат судење.

Во предвечерието на годишнината од организираниот напад на Собранието, таа партија сега ја молат да се врати на местото на злочинот. Да ги гласаат реформските закони. Истите луѓе кои на 27 април сакаа да ја убијат Македонија, сега ќе работеле за доброто на Македонија. Како и ние да сме паднати од Марс, па не знаеме со кого си имаме работа.

2 Премиерот Зоран Заев се закани дека на некои административци кои клателе врата и земале плата ќе морал да им се заблагодари и да ги отпушти од работа.

Колку пати ќе им се заблагодари? Еднаш? Два пати? Три пати? Оти, административците што се примени според Рамковниот договор и 10 години земаат плата, а не клатат ни врата, не се задоволни само од едно заблагодарување.

Сто вработени од оние 900 на кои Владата им понудила работно место по 10 години земање државна плата, одбиле да ги потпишат договорите за работа. Па сега ќе им дадат втора шанса. А зошто само втора? Нека им дадат и трета, и четврта… Не оди сега мирот со ДУИ да се урива поради само две шанси.

На нас будалите, што изминатите 10 години сме се скршиле од работа за и ним да им ги плаќаме пензиските придонеси и здравствените осигурувања, Владата не ни дава втора шанса. Уште и даноците ќе ни ги зголемат. Баш ме интересира колкумина и од овие што ја прифатиле првата шанса и потпишале договори сега ќе земат боледувања и ќе побараат неплатени одмори. Да си дотераат на раат до пензија.

Логичното прашање е зошто некому што не сака да работи би му давале втора шанса? Иако, уште пологично ми е прашањето и зошто воопшто ги примаме на работа, кога земјава функционирала без тие административци цели 10 години?

3 Заев на административците ќе им се заблагодарува, ама советниците ќе ги наградува. Оти, тоа се најспособните советници во историјата на советништвото на премиерот. Толку се способни, што немале конкуренција на конкурсите на кои се јавиле. Затоа и се викаат посебни советници.

Љубе Бошковски ќе биде посебен советник за странски инвестиции во Кабинетот на премиерот. Ама тоа не е сè. Во Кабинетот на Заев ќе има и посебен советник за транспорт и врски. И посебен советник за мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурни комуникации. И посебен советник за спроведување на Рамковниот договор. И посебен советник за млади и спорт.

Сите овие посебни советници биле, или „прворангиран од пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите на објавениот конкурс“, или „единствен кој ги исполнувал условите на објавениот конкурс“.

Значи, стварно најдобрите ги избрале.

Инаку, што била предноста на Љубе Бошковски што успеал во силна конкуренција да биде „прворангиран од пријавените кои ги исполнуваат условите“? Дали се барало кандидатот да има ресторан во Хрватска? Или одлучувачки фактор кај комисијата имало тоа што кандидатот кога бил министер повредил новинарка со жабица за време на полициска вежба? Попосебен кандидат од брат Љубе – здравје. Можеби има, ама не се јавиле на конкурсот.

4 Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја повлече одлуката за забраната за автомобили на Водно.

Оправданието е дека се жалеле некои граѓани што не можеле да се качат пешки и сопствениците на четири кафеани оти им паднал прометот. Сега ќе наплаќал паркинг, а тие што ќе биле паркирани по патот ќе ги дигал пајак. Фино. Бил ли Петре некогаш на средно Водно кога има гужва со паркирани коли? Оти, на таа гужва уште пајак фали. Сосе автобусите.

Нејсе. Петре беше по ум во Виена, во Париз, во Загреб, за да види како се управува со главни градови. Што научи таму? Дека градските власти ги сервисираат интересите на помала група граѓани, кои не се задоволни од одлуката што громогласно ја поздрави мнозинството граѓани. И дека комерцијалниот интерес е поважен од јавниот интерес.

Градот Скопје најави дека ќе ги бележи со жолта линија тротоарите до каде кафеанџиите ќе можат да ги поставуваат масите и столиците. И тоа е супер одлука. Така е насекаде во светот. Оти тротоарите се за движење на пешаците. Тоа во нормални држави е дефиниција за тротоар. Ама што правиме ако некои граѓани пак се побунат?

Да му дадеме и на Петре втора шанса, како што им даваме на рамковните. Белким нема да ја повлече и оваа одлука кога сиромашките кафеанџии ќе му се пожалат дека им страда спечалот.

5 Според анализата на Здружението на млади аналитичари и истражувачи кое собрало податоци од 799 основни и подрачни училишта, во 440 училишта нема библиотека, а во 30 училишта нема ни санитарни јазли.

Во 21 век, во Македонија штотуку откриена од Марсовците, ај што учениците во повеќе од половина од училиштата немаат ни што, ни каде да читаат, туку во 30 училишта немаат ни каде да одат по нужда.

378.000 евра чини изградба на санитарните јазли вкупно во сите училишта што немаат. Отприлика колку двата карусела што Марсовците ги спуштија во центарот на Скопје. Без платите на административците што ги вклучуваат во струја и кинат карти.

6 Пратеникот Никола Груевски бара изземање на судиите што го судат, оти не знае дали и тие биле прислушувани. Се жали дека намерно секој ден му закажуваат судења за да не може да оди во Собрание за да си ја врши работата како пратеник. А судењата за „Титаник“ каде што е обвинет за изборни измами му ги закажуваат во денови кога има преговори за името, за да се дефокусирала јавноста.

Се врати ВМРО-ДПМНЕ од Марс. Се вратија и жолтите комбиња на Груевски.

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари