1 Ајде уште еднаш да се обидеме да ја сфатиме суштината на случајот „Рекет“. Тоа е коруптивна афера која го турна Специјалното обвинителство што требаше да открие две работи. Прво, кој стои зад масовното нелегално прислушување од времето на Никола Груевски. И второ, дали има корупција и друг тежок криминал во тоа што се слуша во разговорите.
И, бидејќи никој не одговара за нелегалното прислушување од тоа време, не ме изненадува тоа што прислушувани разговори од ова време станаа стандарден начин на забава на граѓанството. Не ме изненадува ни сведочењето на брачната двојка Камчеви во стилот „кого удрам не жалам“.
Случаите на СЈО се заглавени по судовите, а целата приказна со жртвата Орце Камчев, со неговото другарче Зоран Милески-Кичевскиот, со шоуменот Боки 13 и со неизживеаната Специјална обвинителка Катица Јанева личи на едно реално шоу. Судските рочиштата за „Рекет“, сосе нивниот третман во медиумите и со придружните озборувања на другарчињата на Орце пуштени на Јутјуб се совршена естрадизација на македонскиот правосуден систем.
Ама што добиваме ние од овој сеир, со вакво обвинителство и судство, освен уште една потврда дека правосудниот систем ни е катастрофа?
Во оваа приказна за македонската потрага по правда очигледно нема позитивен лик. Притоа, не верувам дека судиите и обвинителите се толку неспособни. Напротив. Баш мислам дека и тоа како се способни со своето знаење, влијание и моќ и со правничките финти да успеат да ги заматкаат процесите. И сето тоа да биде – „сѐ по закон, шефе“. Каде е достоинството и угледот на судиите и обвинителите за што гледаме по разни странски ТВ серии и филмови? Никаде. Тие во Македонија се заборавени во некоја фиока, заедно сосе заборавените предмети. Или, меѓу листовите на партиските тефтерчиња. А ние будали, чекаме да ја дознаеме вистината. Бараме правдина. Правиме сериозни муабети за „владеење на правото“. Ха. Ај дајте уште некој виц. И на кој канал на Јутјуб може да го чуеме.
2 Оваа колумна ја пишувам додека сум во Њу Орлеанс, во сојузната американска држава Луизијана, и сакам да споделам една приказна што ми се виде интересна и за правдата што ја бараат граѓаните, и за судството и за власта и за улогата на медиумите.
По катастрофалната поплава во 2005 предизвикана од ураганот Катрина, кога само во Њу Орлеанс и околината загинале над 1.200 луѓе, граѓаните стануваат многу поодговорни и многу покритички настроени кон власта. Њу Орлеанс го сочинуваат седум помали градови, еве да речеме општини, и би го споредил со Скопје и десетте општини. Во периодот по Катрина, додека доаѓала помошта за обнова на градот, тројца од седумте градоначалници на општините во Њу Орлеанс завршиле в затвор. Сите поради корупција и злоупотреба на службена должност. Биле осомничени за многу злоупотреби, ама ги осудиле за бизарни дела. Едниот купил кола за девојката со општински пари. Друг ја вработил жена му како психијатар, а таа немала диплома. Трет возел пијан и ја скршил рампата каде што се плаќа мостарина. Кога го фатиле, полицаецот го препознал и му се јавил на началникот и го пуштил. Арно ама, на суд го гонела компанијата што управува со мостот и патиштата затоа што направил штета кршејќи ја рампата. Градоначалникот завршил в затвор, а полицаецот и началникот останале без работа.
Уште еден пример. Во август 2017, Њу Орлеанс го фатила нова поплава оти одеднаш наврнал многу дожд. Градоначалникот дал изјава дека тоа што градот е поплавен е „божја волја“. Арно ама, по два дена медиумите откриле дека од 120 пумпни станици што треба да ја испумпаат водата, не работеле седум. Градоначалникот се извинил и реклол дека ќе испита зошто се случил таков пропуст. По два дена медиумите откриваат дека не биле 7, туку не работеле 22 пумпи. Тогаш градоначаникот го отпуштил одговорниот за односи со јавноста, оти лажел. Ама, уште два дена подоца, новинарите откриваат и дека од 5 турбини кои произведуваат струја за одводните пумпи, работела само една. Градоначалникот ги отпуштил и директорите на фирмите што се задолжени за системот за заштита на градот од поплави.
Њу Орлеанс е ранлив затоа што цело време е во опасност од поплави. На зима му се заканува водата од Мисисипи, на лето доаѓаат ураганите. Сегашната градоначалничка е од Демократската партија, градската власт ја држат демократите, а власта во државата Луизијана е во рацете на републиканците. Ама на граѓаните на Њу Орлеанс, кои уште се опоравуваат од катастрофата кога затаила ем заштитата на градот, ем координацијата помеѓу федералната власт во Вашингтон, сојузната власт во Луизијана и локалната власт во Њу Орлеанс, викаат: „Не ми е гајле дали е републиканец, дали е демократ… Гајле ми е кој ќе ме заштити од поплава“.
И ние сме ранливи. И ние сме поминале многу Катрини. Поплавата во Стајковци, поплавата во Шипковица, загадувањето во Скопје, Битола, Тетово, автобуската несреќа кај Ласкарци… Пропорционално споредено, можеби и потрагични од онаа американската. Ама, клучната разлика меѓу нас и Њу Орлеанс е што во САД и на централно и на локално ниво функционираат судовите, па многу полесно е граѓаните да бидат одговорни и да бараат одговорност и од политичарите. Па кога ќе земеш, нам цело Охридско Езеро, и тоа заштитено од УНЕСКО, ни е перманентна Катрина. А струшкиот градоначалник Рамиз Мерко уште и си игра мајтап со централната власт, оти му се може.
Полесно им е на Американците да истераат правда, каде што судиите и обвинителите не се прават недоветни оти сопственото достоинство и углед им е многу поважно од врските и познанствата со угледните криминалци. И каде што лидерот на партијата што е во опозиција, како нашиот Христијан Мицкоски, не вика дека е политички прогон ако ги фатат функционерите како крадат, дури и кога претходникот е избеган од правдата во странство. И каде што не може ни во хумористична серија да се замисли некој градоначалник како што е скопскиот Петре Шилегов да му одговори на незадоволен граѓанин „Ич не ме гласај!“. И каде што си го немаат ДУИ да биде коалиционен партнер на секоја влада. И конечно, каде што единственото очекување на граѓаните од партиите не е да најдат работа во државна служба.
3 Премиерот Зоран Заев ќе чисти заедно со јавната администрација. Со чистење в сабота, административците ќе одработуваат за 2 јануари. Ехеее, да е само еден ден за одработување. Башка, 2 јануари се паѓа в четврток. И што, в петок, одморени и освежени ќе дојдат на работа!?
Министерот за администрација и информатика Дамјан Манчевски не кажа дали ќе чистат и тие 1.600 административци што примаат плата, а не доаѓаат на работа. Или, тие баш на 2 јануари ќе дојдат на работа? И после на 3 јануари пак нема да доаѓаат за да си ја заработат платата.
Мислев дека Манчевски требаше да организира реформа за да добиеме ефикасна и способна јавна администрација, а не да организира чистење. Оти е министер, а не директор на комунално претпријатие.
А Заев требаше да ја исчисти јавната администрација, а не да чисти заедно со неа.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST