ОТЕЦ ОЛИВЕР

Ново прашање во епидемиолошката анкета: Дали сте биле во црква на причест или во џамија?

ОТЕЦ ОЛИВЕР

1 Неугодно ми е кога го слушам министерот за здравство Венко Филипче како апелира до верниците да ги почитуваат мерките за забавување на заразата со КОВИД-19 и се надева дека верските лидери ќе ги почитуваат мерките на Владата во вонредна состојба. Филипче е дел од извршна власт. И тоа во услови на светска вонредна ситуација. Што има да апелира? Што има да моли? Што туку се надева?

Па ако беше до апелирање и молење, зошто ни воведуваа ограничување на движење и полициски часови? Зошто ги затворија школите и градинките со наредба? Можеа само да ги замолат децата да не одат на школо и да се надеваат дека тие што сепак ќе одат нема да го пренесат вирусот. Зошто не работат кафеаните и продавниците? Што не апелираа до граѓаните да се воздржат од одење во кафеана, ако така се водела битката против пандемијата? Владата не ги замоли граѓаните да не одат по шуми и паркови. Им забрани. Зошто? За да имаат луѓето повеќе време да одат во црква и џамија?

Ова со црквите и велигденската причесна со едно лажиче е бетер од директорката на Кожната клиника која на почетокот на кризата одела болна на работа и во карантин стави 200 луѓе. Филипче тогаш викаше дека е многу разочаран од тоа што колеги ја поткопале борбата против коронавирусот. И по кратка постапка ја разреши директорката. Не ја замоли таа во иднина да не се однесува неодговорно.

Сега, не е ли разочаран од Владата во којашто седи? Не е ли разочаран од премиерот Оливер Спасовски дека за единствено неприкосновено право ја прогласи верата? Не е ли разочаран од другите министри што си премолчаа и не побараа да се затворат црквите и џамиите? И тие ја поткопуваат борбата против коронавирусот. Нив кој ќе ги разреши?

2 Поразително е сознанието дека Владата сама си ги поткопа досегашните успешни мерки за забавување на ширењето на заразата. Прв пат од независноста наваму, споредувајќи се со многу побогати од нас, почувствував дека некој стручно се занимава со проблемот, дека некој знае што прави и дека и ние имаме експерти и за вакви ситуации.

И што направи Владата во која технички нѐ управуваат трите најголеми партии во државата СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Од гол политички опортунизам, овие партии решија да не ги затвораат црквите и џамиите, како што пред тоа го затворија школите, музеите, приватните бизниси, спортските сали, кафеаните, парковите. Сѐ што презеде Владата, сиот труд на здравствените работници, на полицијата, на војската, па на крајот на краиштата и сѐ што сторивме сите ние кои дисциплинирано се прилагодивме на вонреднава состојба, ќе биде џабе ако заразата букне во следните 10 дена и ако се зголеми бројот на умрени.

Министерот Филипче е ликот на вонредната состојба, а не отецот Оливер или оџата Османи. Тој е истопорен секој ден на прес-конференции со непријатни прашања. Тој го навлекува гневот за секој починат, за секој позитивен тест на пациент, за сите редици пред супермаркетите и банките, за заразените лекари и сестри, за пропаднати тендери и непристигната хуманитарна пратка, за ограниченото движење на домашните кучиња… Утре, ако тргне на полошо поради политиканството на партиите што имаат свои претставници во техничката Влада, пак Филипче ќе биде главниот виновник.

Така што, наместо патетично да нѐ моли нас граѓаните и да апелира до верските лидери намерно да не ја шират заразата, нека му објасни на Оливер дека верата е едно, а науката друго. И во моментов, цел свет против болеста се бори со наука. Па затоа, треба да бидат затворени и црквите и џамиите, како што сѐ е затворено и како што сите ние седиме затворени. Па потоа нека им тропне на маса и на неговиот лидер Зоран Заев, ама и на Али Ахмети и на Христијан Мицкоски, кои тераат кампања преку нивните министри во техничката влада. Оти тие решиле да оди курбан сѐ што сработил до сега.

3 Како политиката ја посра сета стручност, најпластично видовме со она што ни се случува во Куманово. Градоначалникот Максим Димитриевски со пола кризен штаб се тестирал за коронавирус. По два дена ги вика на состанок во Општината и премиерот и пола влада, ама не им кажува дека се тестирале. И оп – позитивен. Типична сдсмовска игранка со подметнување. Кумановецот Оливер Спасовски едно крило, кумановецот Максим Димитриевски, друго крило. Јас ти барам  карантин, ти не ми даваш карантин. Е па, прц! Ај сега сите да си седите дома изолирани.  Новинарите што можеби сум ги заразил додека сум давал изјави без маска се колатерална штета на внатрепартиските подметнувања.

Оливер Спасовски, Бујар Османи и Венко Филипче вчера требаше да одат на седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски. Да задоцнеше резултатот од тестирањето на Максим само петнаесет минути, сега во изолација ќе беа и Пендаровски и Талат Џафери и Радмила Шеќеринска. Јак играч овој Максим.

Владата забранува движење во група повеќе од двајца, ама во Куманово заедно одат петмина – и премиер и вицепремиер и министер за образование и министер за здравство, па плус и шеф на Комисијата за заразни болести. Можам да претпоставам како сите ја лапнаа мамката на Максим. Решил да оди Бујар Османи, оти тој нели е координатор на сѐ и сешто во државата, плус одамна се немаше сликано во Куманово. Па си го зел со себе министерот за образование Арбр Адеми. Ама не бива да оди вицепремиер од ДУИ, а да не оди премиерот од СДСМ Оливер Спасовски. Башка и кумановец. Ама па сега, не бива да оди министер за образование, а да не оди министер за здравство. Па така и Филипче си влезе во здравствениот протокол што го однесе во изолација. А шефот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, веројатно отиде да не бидат само министри на терен.

Во Куманово беа петмина. Кога одеа за Дебар си се возеа седуммина. Од нив петмина од Владата – премиер, вицепремиер и целиот врв на МВР, министерот од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, дополнителната заменичка-министерка од СДСМ Славјанка Петровска и редовниот заменик од ДУИ Агим Нухиу. Тие не одат нас да нѐ чуваат од КОВИД-19. Еден од друг си се чуваат.

4 Да се стави ново прашање во епидемиолошката анкета: Дали сте биле во црква на причест или во џамија? Тоа прво беше шега, ама сега веќе е неминовност. Оти не е шега кога владиката Тимотеј, кој е портпарол на МПЦ- Охридска архиепископија изјавува дека „лажичката и причеста не придонесуваат за ширење на коронавирус. Оној што се плаши од причеста нека не пристапи“.

Зошто на верниците што одат на причест не им се дава да пополнат образец и да потпишат дека по причеста ќе одат во 14-дневна изолација? Нека ги отвори црквата и манастирите за карантин. Од причест, директно во автобус и во манастир. И тоа е право на избор. Исто како што државата ти дозволува да одиш во странство, ама те тера да потпишеш дека не смееш три месеци да се вратиш. Демократијата не подразбира само права. Има и обврски.

Црквата може да каже што сака. И Тимотеј, кој минатата недела изјави дека црквите половина од своите приходи ги прават за време на велигденските празнувања, може да каже што сака, па дури и тоа дека причестувањето со иста лажица е здраво. Ама, државата е таа што има обврска да се грижи за јавното здравје. И затоа, многу е глупаво што Владата ѝ остави на црквата, а утре ќе им остави и на џамиите, тие да решаваат како ќе се бориме против пандемија.

И на крај, што имаме? Оџа што за да добие пари вика дека ќе ги повика верниците масовно да шират коронавирус низ џамиите, владика што отворено кажува дека за пари не верува во коронавирус и министер за здравство, башка и лекар кој апелира, моли и се надева. Да умреш од смеење. Ако не се отепаш од плачење, плашејќи се каква трагедија нѐ чека.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира