ГАЗИЊА ЗА СТОЛЧИЊА

Изгледа ќе се одлага кафето во Приштина. А можеби и не.

ГАЗИЊА ЗА СТОЛЧИЊА

1 Вонредна консултативна средба на министерот Венко Филипче со Комисијата за заразни болести по регистрираните рекордни 225 позитивни на коронавирус. Изгледа ќе се одлага кафето во Приштина. А можеби и не.

2 Си мислев, си мислев, за што ли би можел јас да бидам национален координатор? Ама да звучи ептен сериозно, толку сериозно, за луѓето да си помислат којзнае овој човек што сè треба да сработи за да си ја заработи платата.

На пример, поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски е разрешен од функцијата национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка и е унапреден со нови задолженија како национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Уффф… Имав малку тешкотии со читањето. А Роберт Поповски, кој беше министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, со новата Влада доби и нова функција – национален координатор за одговорно владеење и транспарентност. За координатор за неодговорно владеење уште трааат консултациите со ДУИ.

Прво се напрегам да прочитам. Па, откако ќе прочитам, се мачам да сфатам што сакал авторот да каже. И после се прашувам: Дали сум јас многу глупав или тие се многу паметни оти, еве колку и да се трудам, не можам да смислам функции со вакви имиња.

Мора да има некој што мисли во Владата. Не мора сѐ да биде бесмислено. Дали тој што ги смислува имињата е национален кординатор за смислување имиња на функции? Иако, тука и не треба да бидеш многу длабокоумен. Едноставно е: Има повеќе газиња од столчиња.

3 Еве на пример, имам мака да ја сфатам и смислата на потребата Собранието да мора со двотретинско мнозинство да ги изгласа вонредните состојби што ги прогласуваше претседателот Стево Пендаровски за справување со коронакризата, оти Собранието беше распуштено поради распишаните избори што се одлагаа. А уште помалку ми е сфатливо дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за вонредните состојби што веќе се завршени, иако баш нивниот лидер Христијан Мицкоски со намера да ги одложува изборите бараше претседателот да прогласи вонредна состојба, а другите партии се согласуваа.

Уставот можеби е недоречен кога станува збор за вонредна состојба. Ама па, Уставот е пишуван за разумни луѓе. Кој можел во 1991 да предвиди дека некој спикер, како сега Талат Џафери, нема да го свикува Собранието шест месеци? Дури и Уставниот суд, ваков каков што е, уште во мај рече дека нема логика да расправа за нешто што веќе е завршено. А и кога зборуваме за ВМРО-ДПМНЕ и за Мицкоски, во нивните потези одамна не може да се најде логика. Освен дека тие се против сѐ, па дури и против тоа што самите го барале.

Портпаролот на партијата Димче Арсовски рече дека „да беа искористени вонредните состојби за справување со пандемијата, односно на здравствената и економската криза, ние сега веќе ќе немавме пандемија во Република Македонија и ќе немавме проблем со коронакризата“.

Кој им кажува вакви паметни работи? Оној од Будимпешта, каде што домаќинот му Виктор Орбан херметички ја затвори цела држава среде Европска унија со вонредна состојба со продолжено дејство? Сега, кога видоа дека Македонија ја пропушти историската шанса прва во светот да ја искорени пандемијата оти СДСМ ја злоупотребила вонредната состојба,  ќе му прават импичмент на Пендаровски.

Еден ден импичмент на претседателот, друг ден оставка од Мила Царовска ќе бараат… Многу работа им отвори шпицен кандидатот на пратениците. А тие не се свртеле  во Собрание.

4 Можеби некому му се смешни глупостите на Мицкоски и се забавува фаќајќи ѝ сеир на ВМРО-ДПМНЕ и битката за преземање на лидерството во партијата. Ама, при фаќањето сеир се заборава дека страната што сака да го смени Мицкоски е страната која што 11 години ја имаше заробено државата, ја ограби, сите нѐ прислушуваше, спружуваше на насловни страници, преземеше приватни бизниси и на крај го нападна и Собранието. Не знам што е тука за сеир.

И кога ќе ги прочитам луѓето што беа мозокот и рацете на тоа ВМРО-ДПМНЕ, како на пример Никола Тодоров кој елаборира партиска демократија самиот одговарајќи си на прашањето: „Како ВМРО да почне повторно да победува?“, се прашувам за кое ВМРО зборува. Па во моментов течат неколку судски процеси со сведочења како победуваше ВМРО. Кое ВМРО да почне да победува? Тоа ВМРО?

Луѓе, не збориме за убиството на Гоце Делчев 1903. Туку за 27 април 2017. Ние стварно страдаме од психопатолошка состојба на брзо колективно заборавање.

5 Нападот на Општина Центар се случи во 2013 година. Судскиот процес, прв од случаите на СЈО за шамарите што ги нарача тогашниот премиер Никола Груевски, траеше 4 години. Веројатно доволно долго за да се заборават сликите на каменување на Општината, полицајците што стоеја настрана, искршените прозорци и преплашените советници и новинари.

Судијата пресуди казна затвор само за Никола Груевски. Оти ионака е избеган, па нема да оди в затвор. Миле Јанакиески кој го организирал нападот и силеџиите што ја нападнаа Општината добија условни казни. Веројатно судијата се сожалил на Миле, оти го чекаат уште десетина процеси кои му се закануваат со неусловни казни.

Каде живеел судијата во 2013 година? Не гледал ли тогаш телевизија? На директен пренос одеше дивеењето пред Општината. Каква порака испраќа судот изрекувајќи благи казни за организиран напад на Општина? Особено што се покажа дека тој бил генерална проба за организираниот напад на Собранието четири години подоцна. Смислен по ист терк. Ќе измислиш некое здружение на граѓани, ќе му измислиш некоја тема против која ќе се организира, ќе ги платиш организаторите и ќе им купиш сендвичи на демонстрантите и – бркај работа.

Замисли утре да им текне на некои „спонтано“ организирани граѓани да го нападнат судот. Ќе ја сардисаат зградата, ќе фрлаат со камења по прозорците,  судиите како заложници ќе се кријат под маси исплашени дали ќе излезат живи, а надвор полицијата ќе си седи со скрстени раце. И тогаш ли ќе пресуди условни казни? Исто е. Нападната е државна институција.

Настрана што оние што ја нападнаа Општината дивееја поради измислен проблем – бранеа црква од уривање што никој не сакаше да ја урне. А на луѓе што би нападнале суд не треба да им измислуваш проблеми.  Многубројни се тие што имаат вистински проблеми кога ќе тргнат да истеруваат правда на суд.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира