1 Баш е забавно да се прават шеги на сметка на магариња. И на тие што продаваат магарешко млеко од 50 до 100 евра за литар им е смешно дека таму некаде во Македонија некој голем сезнајко лови корупција со правење вицови. И фризерница убаво се лепи за наслов. Иако, не знам зошто фризер би било професија за мајтап кога и фризерите си одат во Германија, исто како лекарите и сестрите. Сите занаетчии избегаа. Само ние паметните и вицкастите од социјалните мрежи ќе останеме тука.
Баш ми е гајле за Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ниту ја знам, ниту ја познавам. Дури и ме изнервира оти за новинарски текст веднаш се закани со тужби. Башка, и со арогантниот настап непримерен за јавен службеник чија работа е постојано под надзор и отчет пред јавноста. Ама, кога веќе се отвори муабетот дали парите за проекти одобрени од Брисел ги добиле вистинските луѓе и како се потрошени, фино ќе беше власта да почекаше што ќе открие формалната истрага. А не вицепремиерот Љупчо Николовски да бара оставка од Димова или да предлага нејзино разрешување само врз основа на фејсбук статуси. Па тие вмровските тролови можат и за него сешто да изнапишат. Тогаш ќе треба Заев и од него да бара оставка само врз основа на тоа што некој пишувал на фејсбук и на твитер.
Љупчо е вицепремиер задолжен за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и за човечки ресурси, ама изгледа малку повеќе се внесе во функцијата. Па стана и истражител и обвинител и судија. Утврдувањето на одговорноста треба да дојде врз основа на истрага, а не да биде политичка одлука заснована само на новинарски текстови и завидливи коментари и зафрканции на социјални мрежи. Јас барем така ја сфаќам суштината на мултидисциплинарната функција на Љупчо.
Брисел не бара од Владата да ја разреши директорката. Брисел бара да се утврдат фактите. Не е работа на вицепремиерот тој да кажува кој е корумпиран. Негова работа е да ги менува практиките за да нема корупција.
2 И кога веќе сме тргнале со раскажување вицови за магариња и коњи, еве уште еден: ВМРО-ДПМНЕ организира протест на тема „Како се трошат европските пари“. Ги средија македонските, па сега до европските пари им дошло.
3 Цел свет одново се затвора, бројките на заболени од ковид-19 растат насекаде, сите држави носат дополнителни рестриктивни мерки за ограничување на ширењето на пандемијата, само во Македонија чекаме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се согласат Собранието да работи онлајн.
На пример, дали ќе се донесат законски измени за задолжително носење маски и на отворено ќе зависи од тоа дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе смислат убедливо објаснување зошто не сакаат да работат онлајн. Децата уште од прво одделение ги научија да учат онлајн секој ден, ама пратеничката Дафина Стојаноска на телевизија кажа: „А што ако пратеникот нема услови од дома да следи онлајн седница?“ Башка што, замислете, ги тераат онлајн да учествуваат на расправа за закони што ним не им се допаѓаат. Пратеничката Стојаноска и тоа го кажа: „Предлагајте закони како што сакаме ние и ќе дискутираме дали да прифатиме да работиме онлајн“. Па уште и полемизира. Вика: „Како може лекарите да одат на работа, и текстилните работнички исто така, а пратениците да работат од дома!?“
Да беше ова нормално време, можеби и ќе се смеевме на изјавите на Стојаноска. Може да замислите како одговорно си ја сфаќа функцијата една пратеничка. И од такви нам ни зависи животот.
Партиската мантра е оваа: „Вие имате тенко мнозинство, ако двајца ви се разболат или одат во изолација, ние ќе ве зафркаваме. Нема да работи Собранието. Нема да носите закони. Заев е мафијаш, Венко да си даде оставка, а во Лајка ќе ги убивате кучињата“.
Прво ги одлагаа изборите за да нема Собрание и функционално владеење за одговорност во коронаризата. Во техничката влада, чекајќи ги изборите, ги блокираа парите од Светска банка за монтажните ковид-центри. Сега ги блокираат здравствените мерки. Синким, закониве што треба да се донесат за спречување на ширење на заразата, СДСМ и ДУИ само за своите гласачи си ги носат. ВМРО-вските гласачи изгледа живеат на некоја друга планета, каде што нема нема коронавирус.
Па откако Собранието нема да може да ги изгласа мерките, ни со физичко присуство, ни онлајн, ќе протестираат зошто не се донесени нови мерки. И ќе прашуваат зошто доцнат монтажните болници? Е па, доцнат. Прашајте си ја дополнителната заменичка-министерка за финансии во техничката Влада Гордана Димитриеска-Кочоска, што не го потпишуваше кредитот од Светска банка за инает на Заев и на Филипче. Ако не ѝ одговара на партијата, баш ни е гајле за граѓаните.
Ништо чудно следниот протест со коли Мицкоски да го организира против Собранието што не носи мерки да се намалат последиците од пандемијата со ковид-19. Против себе. И тоа е можно. Исто како што сега, во расправата за ребаланс на буџетот, велат дека викенд без ДДВ е популистичка мерка на власта. А тие до пред само една недела бараа не еден, туку пет викенди без ДДВ. И се жалеа дека СДСМ им ја украл идејата.
Ако се отворат училиштата за настава, зошто се отвараат, зошто не се учи онлајн. Ако се воведе карантин, зошто се воведува, ако не се воведува, што чека власта, зошто не презема мерки. Ако предвреме се купат вакцини, зошто се трошат пари за вакцина што ја нема, ако нема вакцина кога ќе се појави, зошто Владата не мислела навреме и не купила вакцини…
Не сум Миле. Ама сум контра.
4 Што можеш да очекуваш од луѓе кои на починат лекар му прават лажни профили на социјалните мрежи со украдени фотографии од неговиот личен профил и ги канат неговите пријатели повторно да го заследат? Зошто го прават тоа? Оти бил функционер во младината на СДСМ.
Тоа се истите луѓе од троловските фабрики што во 2017 им правеа некролози на странските амбасадори. Тоа е методот на работа. Нивниот ангажман е по нарачка и по команда да шират лажни вести и омраза по социјалните мрежи.
Тука не збориме за етика и за морал, за култура на однесување, за домашно воспитување. Дури, не збориме ни за болен ум. Ова е злоба за пари. Инаку кој нормален со семејство, со пријатели, со хоби, со животни секирации, со некаков ангажман, со човечки емоции, со радости и со тагувања, би седнал на компјутер туку-така да смислува гадотии? Ова е зло што се поттикнува и се шири со пари.
Лебот што го носат дома им е производ на злоба. Децата си ги хранат со пари од злоба направени.
Тука ни Господ не помага.
5 Владата ќе се обиде повторно да го приватизира јавното претпријатие „Македонски пошти“. Таму 16 години се менуваат директори – кадри на ДУИ. Би можеле да ги продадат и „Македонски железници“. И „Македонија пат“. И таму се долгогодишни кадри на ДУИ.
И претпријатието што ги водеше аеродромите во Скопје и Охрид пред да ги дадат под концесија беше управувано од директор на ДУИ.
Излегува дека ДУИ им доаѓа како стечаен управник пред продажба.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST