ШАШАВ КАУЧ

Намалете со очекувањата од животот во Македонија.

ШАШАВ КАУЧ

1 Заев вика дека е логично тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од притвор во Шутка ги предала предметите од СЈО кај  јавниот обвинител Љубомир Јовески. Што е логично? Па нели тоа СЈО беше измислено затоа што Јавното обвинителство не сакаше да ги процесуира предметите што ги слушнавме во бомбите?  Нели предметот „Монструм“ за злочинот кај Смилковско Езеро СЈО го презеде од Јавното обвинителство и сега е во процес на второ судење? Сега ќе го вратат предметот назад, од таму од каде што го преземаа и ќе оди на трето судење? Што му е логично на Заев, кога на 27 април 2017 година му ја скршија главата само за да не се откријат криминалите кои требаше да ги истражува СЈО, а пред тоа не сакаше да ги истражува Јавното обвинителство? Што е логично, кога ова Јавно обвинителство што ќе ги преземе предметите од бомбите им се закануваше на новинарите што  ги објавуваа нелегално прислушкуваните разговори дека ќе ги стави в затвор? Што е логично, кога пред четири години по цели ноќи состанчеа со меѓународната во онаа европска вила во Пржино за да го смислат Специјалното јавно обвинителство?  Што протести, марширања се направија за тоа СЈО, што маици се испечатија, колку боја се испотроши… Два пати избори одлагавме во 2016. Па Марко Зврлески, шефот на тоа обвинителство што сега ќе ги преземе случаите на СЈО, со месеци не можеа да го сменат во Собранието. Што е сменето во тоа обвинителство, освен шефот, па сега, откако дојде живот и тоа стана кадарно да ги процесуира предметите што не сакаше ни да ги отвори во времето на Груевски?

Којзнае, во оваа држава можеби и е логично вака да заврши Специјалното јавно обвинителство, специјално направено да лови криминал на функционери. Ќе беше нелогично тие предмети да завршеа со пресуди.

2 А можеби и не треба да се прашуваме што е логично, туку што е практично. И можеби имаме преголеми очекувања од оваа власт. Си правиме бајрам на умот без контакт со реалноста. А во реалноста, шоуменот Боки 13 е ѕвездата околу која се вртела цела политичка, бизнис и правосудна елита. Во таа реалност Орце Камчев е жртва, оти морал да плаќа мито за да биде ослободен од обвинение. Во таа реалност, специјална обвинителка покренувала истраги за да може да ќари ако ги ослободи осомничените и обвинетите. И како капак на сѐ, во таа реалност за судбината на СЈО одлучуваат пратеници осомничени и обвинети баш од тоа СЈО. И како капак над капакот, Специјалната обвинителка од притвор, му дава наредба на Државниот обвинител, кој наредил да ја притворат, да ги преземе нејзините предмети, и тој ја прифаќа наредбата.

Колку и да не сакам да се сеќавам на Ѓорѓе Иванов, пак се враќаме на неговата легендарна изјава дека ова е космодиск демократија. Звучи шашаво, ама функционира.

Реалноста е камионот со кој се изнесуваше каучот на Специјалната обвинителка подарен од шоуменот во знак на благодарност од бизнисменот.

Намалете со очекувањата од животот во Македонија.

3 Воопшто не е проблем да се штрајкува. Тоа е уставно загарантирано право. И воопшто не е проблем наставниците да штрајкуваат на првиот ден од школската година, оти баш тогаш мислеле дека ќе ги соберат симпатиите од граѓаните. Легитимно право е да се штрајкува и за плати повисоки од веќе покачените за 10 отсто во последните две години.

Ама, додека дебатиравме на темата дали првачињата биле разочарани и дали наставниците испорачале квалитетна настава и за тие 10 проценти, заборавивме дека пред само три години медиумите не смееја ни да објавуваат кога имаше штрајк на кого било во државна служба. Не само што медиумите не смееја да известуваат, туку на штрајкувачите им се носеа заменски наставници од други школи, им се проверуваше семејното стебло за да им се закануваат дека ќе им ги избркаат роднините ако имаат државна работа, се правеа списоци со неподобни наставници по општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ, се пуштаа смс-ови со закани… Ај наставниците. Туку и учениците чии родители работеа во државна служба не смееја да протестираат. Ги заклучуваа во гимназиите.

И сега што? Ќе заборавиме дека не се сите исти. Ама, уште попоразително е што за голем успех ќе сметаме дека некому дозволиле да штрајкува без притисоци и последици.

Тажна е таа земја што е доведена до дереџе да го смета за успех остварувањето на уставно загарантираното право.

4 Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски два пати се извини, затоа што на фејсбук статус ја нарече новата министерка за финансии Нина Ангеловска „џирло девојка“ и „групировка“. Ама, извинувањето не беше извинување. Туку беше во смисла – извинете што не сте ме разбрале добро. Демек – не сум јас виновен оти изнапишав гадости, вие сте криви што не сте ме сфатиле.

Воопшто не ме изненадува сексистичкиот и простачки статус на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е одраз на сето тоа што неговата партија го промовираше за време на 11-годишното владеење. Таа хистерија, ширење омраза и простотилак спакуван во божем хумористични досетки со сексуална алузија на ниво на духовитоста на Груевски стана нормален тон на комуникација. Тие не се срамат од тоа. Тоа за нив е нормален јазик на изразување, кој од нивните центри за пропаганда се пресели во медиумите и на социјалните мрежи.

Да сме некое фино, цивилизирано општество и во некое убаво цивилизациско време, би зборувале за одговорност за јавно изречен збор.  Порано имаше само весник, радио и телевизија. Сега имаме стотици дилетантски медиуми, пропагандни центри за ширење лажни вести, партиски ботови задолжени за навреди и лаги и илјадници неписмени и збунети луѓе на Фејсбук, Твитер, Инстаграм… Знаете ли колку пати се мултиплицира секоја изговорена или напишана злоба?

Затоа и одговорноста е мултиплицирано поголема.

5 Но, да се соочиме со реалноста. Да видиме каде завршуваат зборовите што ги кажуваат политичарите, јавните личности, експертите, носители на јавни функции… Во кој контекст одекнуваат нивните зборови, кога на агрегаторите на вести читаме наслови што бликаат од простачки пуританизам и бесмисленост. Скандалозно – ги покажа гаќичките. Ги прошета новите гради. Го покажа меѓуножјето. Сите жени ѝ завидуваат на нејзиното бујно деколте. Се појави и го запали интернетот.

Што значи тоа „го запали интернетот“? Дека читателите се манијаци? Како ги покажа гаќичките? Ги соблече и мавташе од прозорец?  Како се шетаат гради?

Пред некој ден прочитав ваков наслов:  Што имаат заедничко принцот Хари и сопругата на Пендаровски. И – што имаат заедничко? Двајцата ги поврзувала љубовта. Како ги поврзувала? Имале иста љубов што се викала Меган. Принцот многу си ја сакал жена му што се вика Меган Маркл. А првата дама Елизабета Ѓоргиевска многу си ја сакала колата –  „рено меган“. И сето тоа спакувано како истражувачка сторија, сосе слики, сосе коли, сосе сѐ…

Во јавност каде што оваа информација е вредна за објавување, што мислите, како ќе одекне кога порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски ќе ја нарече министерката за финансии „групировка“? Ќе одекне нормално. И очекувано.

И затоа, многу ми пречи оти и премиерот Заев „откачи“ па почна да зборува за „педери“ и „паламудење“. Оти „му пукнал филмот“. И  – „народски се изразувал“. И оти „на простаци морал да им се обраќа простачки за да го разбереле на нивниот јазик“. Со тоа, само им помага на вмровците што ниту за геј права се секираат, ниту пак жени во политиката почитуваат, да ја шират хистеријата и омразата исто ко што ја ширеа за времето на Груевски. И тоа да биде нормално.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира