ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ

Ќе се пеат песни за клетите Американци, Германци, Холанѓани, Британци, кои тргнале во решителна офанзива да го скршат херојскиот отпор на македонските граѓани и нивните водачи, и конечно да им ја стабилизираат државата.

ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ

1 Ова што сега ни се случува, сигурно ќе биде опеано во некое идно народно творештво. Ќе се пеат песни што го величаат отпорот на Македонецот да направи вистинска држава. Дваесет и осум години збориме дека сакаме да влеземе во клубот на сериозни држави и таман, на два-три месеци пред влезот во НАТО, ние уште со последните сили јуначки се бориме да немаме држава. Овие последни денови на отпорот заслужуваат барем еден споменик некаде на падините на Пржино. Или барем спомен-плоча на зградата на СЈО на Рузвелтова во Скопје со натпис „Во оваа зграда умре надежта за правда“ и еден вечен оган пред Собранието, таму под коњот на Никола Карев, кој ќе нѐ потсетува на херојската борба на ВМРО-ДПМНЕ да го спаси Никола Груевски и разбојниците од затвор со тоа што нема да профункционира правдата во државата.

Ќе даваме отпор до последниот здив. И надежта дека нема да имаме правна државе ќе трае сѐ додека почесниот претседател на најбогатата партија во Европа честита празници на Фејсбук од Будимпешта. Оти ние сакаме да нѐ крадат, да нѐ прислушкуваат, да нѐ фрлаат во ендек, да нѐ влечат за уши на гласање, да нѐ ставаат во тефтерчиња за вработување, да ни удираат по два-три шамари… Оти нам ни е поважно да не се казнува криминалот, отколку да влеземе во НАТО и во ЕУ.

И најлесно ни е да мудросериме дека сите се исти, за да не ризикуваме нешто да ни се смени во животот. Евентуално на поарно.

Ќе се пеат песни за клетите Американци, Германци, Холанѓани, Британци, па со себап, ако веќе и Макрон го убедиле да одобри датум за преговори за ЕУ, ќе се пее и за клетите Французи. Кои тргнале во решителна офанзива и одлучни се во намерата да го скршат херојскиот отпор на македонските граѓани и нивните водачи и конечно да им ја стабилизираат државата.

2 Стварно, не знам со кој памет Зоран Заев седеше седум часа и преговараше со Христијан Мицкоски за Законот за јавно обвинителство. Што ли зборел со човекот кој и не крие што му е целта – да го спаси од затвор раководството на неговата партија за криминалите и злочините што ги правеле додека беа на власт? Што муабет може да прави со Антонијо Милошоски, чија единствена врска со правото е тоа што бараше да се лустрира судија што му пречел на татко му да купува државен имот за без пари низ Кичево? Или со Илија Димовски, чија врска со правото е тоа што цела деценија студираше на Правниот факултет? А и Антонијо и Илија се обвинети и осомничени баш врз основа на тоа што се слушна во бомбите.

Граѓаните, особено оние што од „морална висина“ гледаат на стварноста ама не би презеле одговорност за ништо, се разочарани оти преговорите не успеале. А замислете да успееја. Колку ли ќе беа разочарани тогаш? Што ќе беше ако Заев и Мицкоски се договореа? И што би можеле да се договарат, кога Мицкоски бара со закон да не се гонат криминалците од ВМРО-ДПМНЕ? Ќе се договореа ли дека бомбите нема да важат? Дека тоа што сме го слушнале во бомбите не сме го слушнале? Дека криминалот за кој има докази нема да се гони?

Или, ќе се договореа дека немало ни бомби. Оти немало ни незаконско прислушување.

3 Странците што го кршат отпорот на Македонецот да има своја држава, упорно повторуваат дека мора да има завршница на судските процеси што излегоа од бомбите. И темата на муабетот е дали треба да се процесуира криминалот кој го чувме. Нив не ги интересира дали таа институција ќе се вика СЈО или ЈО, или Обвинителство за организиран криминал, или за висок криминал. Нив не ги интересира дали тој или таа што во иднина ќе ги гони криминалаците од највисок ранг ќе се вика Катица Јанева или Љубомир Јовески.

Странците прашуваат: Кај ви е судската разрешница за криминалите кои се веќе процесуирани? Кај ви се обвиненијата за истрагите што ви се започнати? Кај ви е битката против криминал и корупција на високи функционери? Кај ви е битката против неказнивост за сите, а особено за државните службеници и избрани функционери? Тоа е суштината на проблемот, а не замајувањето на јавноста со седумчасовни ноќни седенки.

И стварно е разочарувачки дека одговор на тие прашања не бараме ние, граѓаните што тука живееме, туку странците. Оти на Американците им треба правда во Македонија. А нам не ни треба. Оти Холанѓаните барале да се казнуваат политичарите што ги крадат македонските граѓани. А на македонските граѓани баш им е гајле. Оти граѓаните и си ги гласаат своите политичари за тие да ги крадат. И за да си имаат муабет во кафеана дека „сите се исти“.

4 Кога Заев излегуваше на прес конференции за да ги пушта прислушуваните разговори за кои велеше дека се обезбедени од свиркач  во УБК имаше спремено папки и ги делеше на јавноста. Зошто Христијан Мицкоски не обезбеди папки за јавноста од материјалите за кои вели дека му ги дал свиркач од Јавното обвинителство? Што му значеше тоа дека ќе ги даде кога ќе треба? Е па, кога ќе треба? Кога ќе се спогоди да се убијат предметите против раководството на неговата партија? Не бе, Мицко. Ние сакаме да ја знаеме содржината и од твоите папки. Зошто ги чуваш? За порамнување со СДСМ?

Цел доказен материјал, сосе бомбите премина од СЈО во Јавното обвинителство. Во институцијата за која Мицкоски се фали дека во неа има свиркач што работи за ВМРО-ДПМНЕ. И во институција од која доказите протекоа во италијански весник и во македонски пропагандни портали.

Фино  што од Обвинителството предупредија дека изнесувањето материјали од истрага е кривично дело. Ама, не видовме дека го фатија тој што го направил кривичното дело. Што да очекуваме сега од свиркачот во Обвинителството? Покрај записниците од сведоците за „Рекет“ да пушта и бомби од прислушувањето на Груевски и Мијалков?

Туку, што правиме муабет за „свиркачот“ од Обвинителството кого уште не можат да го фатат, кога ни во МВР уште не можат да го најдат службеникот што влегол во досието за сообраќајни прекршоци на министерката за финансии Нина Ангеловска и го објавил на Интернет. Па добро бе, па кај нас во редакција може да се утврди кој последен се логирал во системот и што работел, а во МВР не може!?

Ако е така, тогаш  ние стварно одбиваме да имаме држава. Затоа и отпорот многу тешко го кршат и Американците и ЕУ со здружени сили.

5 Всушност, сето ова е само уште едно од многуте замајувања на ВМРО-ДПМНЕ да купува време и да го одлага одењето в затвор на нејзиното раководство. А, нѐ замајуваат од февруари 2015.

Чуму им е расправата за разрешување на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на пленарна седница во Собранието, еден ден пред истекувањето на нејзиниот мандат? Вечерта ќе ја разрешат, а сабајлето ионака немаше да биде шефица.

Сакате ли да знаете како ќе изгледа седницата?

Влатко Ѓорчев ќе се јави најмалку два пати, да зборува за намалениот број првачиња во источна Македонија. Димитар Стевананџија ќе зборува за ланскиот откуп на тутунот. Весна Пемова ќе зборува за откупот на грозјето. Павлинче Честојнова ќе зборува за субвенциите за лозјата. Лилјана Затуроска ќе се осврне на струшката депонија. Илија Димовски ќе го учи Талат Џафери како се води седница. А Талат Џафери ќе им вика да се држат до темата за дискусија.

Ако немате попаметна работа овие убави последни денови од летото, гледајте ги. Јакнете го отпорот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари