НАГАЗНА МИНА

Си го губиме времето со Бугарија. А од нив можеме да научиме само како да украдеме милијарда евра од пристапните фондови на ЕУ.

НАГАЗНА МИНА

1 Како тргнале Бугарите, може и трет пат за една година ќе одат на вонредни избори затоа што имаат проблем дека постоиме. Бугарската владина коалиција се распаѓа поради Македонија и Македонците. Лидерот на коалиционата владејачка партија „Има таков народ“ Слави Трифонов, вели дека је напуштаат коалицијата поради „Македонија и фактот дека државата веќе нема пари“.

Па може ли да има поголем комплимент за нас од признанието дека на Бугарите им се поважни Македонците отколку сопствената држава? Малтретирањето на Македонија со ветото за почеток на преговори со ЕУ им е поважно од тоа што државата им останала без пари.

Ќе го преживееме и овој јуни без почеток на преговори со ЕУ. И декември ќе го преживееме. Ама, ајде веќе доста си го губиме времето со Бугарите.

Проба Зоран Заев со Бојко Борисов, со сервилност, со умилкување, со братко, братче, пријателче – не ја бива. Проба Димитар Ковачевски технократски, со харвардскиот студент Кирил Петков и со неговите работни групи, ама кога не ја бива работата – не ја бива. Џабе се развезуваа министри и државни службеници натака-навака по дупките преку Деве Баир. Нека се фатат со попаметна работа. Не можеме ние да ги решаваме домашните проблеми ни на Бугарија ни на Европската унија.

За некои луѓе и за некои работи не вреди да се губи ни време ни енергија. Нека си изберат Бугарите Влада на која сопствената држава ќе им биде поважна од ветото за Македонија, па тогаш ќе правиме муабет.

2 Пред неколку дена, шведската амбасадорка на прославата на националниот ден на Шведска, на микрофон, гласно ја пееше македонската химна, па кога виде како несигурно си се погледнувавме меѓу нас, да не е срамота и ние да запееме, почна да мавта со раката како на концерт, ајде, ајде и вие… „Македонците се борат за свои правдини“, пее Швеѓанката, а ние срамежливо почнавме да си ги мрмориме стиховите, колку да ѝ направиме атер.

Пред два месеца, на прославата на роденденот на холандскиот крал, амбасадорот имаше покането хармоникаш од Холандија, облечен во традиционална облека сосе кломпите на нозе, кој не само што ја отсвире, туку си ја испеа химната на македонски јазик, и тоа цела, прописно, од почеток до крај сосе „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански…“ Ние пак се погледнувавме меѓу себе кој ќе се охрабри да запее, си промрморевме, а Холанѓаните пред тоа на цел глас си ја отпеаја нивната химна.

Па нам поголем предизвик од датумот за почеток на преговори со ЕУ ни е како да се ослободиме од патолошката потреба некој постојано да ни потврдува дека постоиме. Суверена земја сме,  членка на Обединетите нации, членка на НАТО, со своја култура, со свое творештво на македонски јазик, со национални спортски тимови, со рамноправно членство во стотици меѓународни организации од сите области. Зарем тоа не е доволна причина за среќа, па секој ден ни треба потврда дека постоиме, макар и од некој шоумен што направил партија во Бугарија?

Баталете ја Бугарија. Си имаме ние наша држава за водење и развивање. Си имаме и пријатели кои сакаат да ни помогнат. Дај да им обрнеме повеќе внимание додека уште сакаат да ни помогнат. Дај со нив да правиме работни групи, да не си ги арчиме умовите со цар Самоил.

Четири години немаме амбасадор во Вашингтон, оти СДСМ и ДУИ не можат да се нагодат кому да му угодат да оди да живее во Америка. Дваесет новинарски екипи се источкаа во Софија да известуваат како се фолира новата влада на Петков, а почетокот на Стратешкиот дијалог со САД е сосема неважен во однос на тоа што битолскиот командир на полицијата ѝ го рапортирал на бугарската министерка Теодора Генчовска до каде е истрагата за потпалувањето на вратата на клубот „Ванчо Михајлов“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц доаѓа во посета на две двојки од главни градови: Белград – Приштина и Скопје – Софија. Самиот избор на дестинациите е преседан што укажува дека проблемот на безбедноста на Европа не се само „дивјаците од Западен Балкан“ туку и власта во главниот град на земја – членка на ЕУ. Ама кај нас поважно е што ќе каже Каракачанов, пропаднат политичар што не го есапат ни во Бугарија. Да не правиме муабет дека Германија ни е најголем трговски партнер и дека дневно има по 4-5 летови до германски градови, наспроти авиончето на Петков што не издржа да лета ни два месеца два пати неделно. Оти не ни имало потреба да лета.

Што правиме со Обединетото кралство, докажано пријателска земја која за време на нејзиното претседавање со ЕУ, кога Британците уште беа членки на Унијата, во декември 2005 се избори Македонија да го добие кандидатскиот статус? И чија дипломатија во 1992 година, кога беа претседавачи на тогашната Европската заедница, ја извлече Македонија од грчката замка никогаш да не бидеме признаени и ја префрли топката од бирократскиот Брисел во Обединетите нации.

Тоа што Бугарија го блокира нашето членство во ЕУ не мора нужно да ни ги блокира односите со другите земји на ЕУ кои секојдневно докажуваат дека се пријателски.

Еве на пример Холандија. Од прогласувањето на независна Македонија досега, Холандија е најголемиот донатор од земјите-членки на ЕУ. Врзи се со нив, учи владеење на правото, учи како да заработуваш од земјоделие десет пати повеќе отколку сега. Врзи се со Естонија, учи како да ја дигитализираш јавната служба. Од Шведска и од Данска научи како да се бориш против корупција и како да бидеш транспарентен при трошењето на јавните пари. Од Финска учи како да го реформираш образованието. Врзи се со Полска, Словачка, Чешка, таму и јазикот ти го учат и те почитуваат и словенското културно наследство ќе го споделиш со пријатели. Од Австрија учи планински и езерски туризам, рециклирање на ѓубре, алтернативна енергија… Од Италија учи како самите да си го сочуваме културното наследство. Радувај се на успехот на Хрватска и учи како успеа земјата што последна ја примија во ЕУ да ги претекне Бугарија и Романија, да го воведе еврото и да влезе во Шенген зоната. Барем тие и Словенците се наши, уште знаат понекогаш да запеат и македонска песна.

Сите тие земји рекоа дека ја сакаат Македонија во ЕУ. Сите уште во 2020 рекоа дека сме ги исполниле условите за почеток на преговори со нив. И сите рекоа дека ќе ѝ помогнат на Македонија да влезе во ЕУ. Од сите има што да се научи и многу има да се научи, со сите има што да се сподели. А нашиве политичари си го губат времето со Бугарија. Ми се чини намерно, оти од Бугарија можеме да научиме само како да украдеме милијарда евра од пристапните фондови на ЕУ.

3 Кога за атер на добрососедство ќе дозволиш државен врв на земја што не те признава за жив да ти отвара клуб со име на фашистички соработник и непријател на Македонците, само прашање на време беше кога таа темпирана бомба ќе експлодира. Самото отварање на клуб со име „Ванчо Михајлов“ во битолското еврејско маало, од каде бугарската фашистичка администрација во март 1943 година ги депортираше Евреите во концентрациониот логор Треблинка, е провокација за градот низ чие шеталиште во паркот се наредени бистите на загинатите партизани во антифашистичката војна. Впрочем, клубот и беше отворен за да биде закачка уште кога  премиерот Петков го отвараше, а потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова среде Битола се чудеше „кои се тие Македонци, што е тоа македонски јазик“.

Дали пејачот Ламбе Алабаковски го запалил фитилот и кој ќе одговара, кој протестира и зошто протестира, какви знамиња вее и чии портрети пали веќе преминува во фаза на естрада. Главното прашање е како оваа држава погрешно толкувајќи што е добрососедство дозволи да се отвори клуб со име на фашист и непријател на македонскиот народ? Ова е наша држава. И во наша држава ние кажуваме дали смее да се велича име на фашистички соработник.

Па Бугарите сами си кажуваат дека ним им е многу поважно Македонија да изгори, отколку Бугарија да не банкротира. А ние самите си поставивме руско-бугарска нагазна мина среде Битола.

4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја пропушта најголемата и веројатно последна шанса да се исчисти од криминалите и злосторствата што неговата партија ги правеше во времето кога на власт беше Никола Груевски. Имаше 5 години да се огради од тој криминал, но не сака. Неправосилната пресуда на Судот за конфискација на имотот на партијата ја нарече политички прогон, иако за време на судскиот процес се докажа дека имотот на партијата е стекнат со злоупотреба на власта и на партиските фондови. Па сега ќе го јуначи членството, викајќи дека во Македонија нема демократија.

Кога нема демократија? Кога партијата што е на власт краде, гради лускузно седиште и купува имоти низ државата? Или кога украденото се враќа на тие од кои што е украдено?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира