НОВИЧОК КАЗАЧОК

И сега, кога прв пат историските интереси ни се поклопуваат со тие на големите сили, што ќе прави исплашениот, себичниот, инаетливиот, завидливиот, нетолерантниот Македонец? Ќе бојкотира.

НОВИЧОК КАЗАЧОК

1 И викате, можеме ние дворот сами да си го исчистиме, а? Не треба никој од надвор да ни кажува што треба да правиме. Не ни требаат ни НАТО, ни ЕУ, сами ќе си ја средиме државата. Само треба да сме сложни, разумни, отворени за дебата, да го почитуваме мислењето на другиот, да владее правото… Да бе. Ептен. Видовме како можеме сами дворот да си го исчистиме. Пред некој ден во скопски Аеродром, каде што цела зграда беше евакуирана поради засмрдени пелени.

Ај што зградата беше  евакуирана. Туку, на државните институции им требаа шест часа да откријат од каде доаѓа реата во влезот која штипела за очи и за грло. Прво, пожарните коли не можеа да пристапат од паркирани возила и столпчиња. Потоа, полицајци без маски влегуваа во влезот за да го откријат изворот на отровниот гас. Брзата помош стоеше на безбедна далечина чекајќи некој да се онесвести. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов им правеше друштво на вознемирените станари и заедно со нив се чудеше што да прави. Градоначалникот на Аеродром Златко Марин не се ни појави.

И додека се ширеа теории дали Русите и нас нѐ нападнале како Британците со боен отров „новичок“, оти уште веднаш беше исклучена можноста некој да готви со многу лук, зградата ја нападнаа специјалните единици на АРМ за атомско, биолошко и хемиско оружје.

Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои треба да се први во вакви случаи, воопшто не дојдоа. А и да дојдеа ќе им беше џабе, оти немаат опрема за откривање гасови. Опрема има Државниот инспекторат за екологија, ама ни тие не дојдоа. Па шест часа подоцна, мораше да се покрене војската за да се утврди што мака имаат станарите во зградата.

И на крај, кога се утврди дека нападот со боен отров доаѓа од внатре, од стан во кој соседите со месеци складирале искористени пелени, станарите не веруваа, па градоначалникот Шилегов мораше да им пушта и видеоснимка за со свои очи да видат. Оти никој не им верува на институциите.

Само за илустрација што значат овие шест часа за откривање на пелени. На 26 јули 1963 година кога беше земјотресот во Скопје, војската излезе на улица и спасуваше луѓе само половина час по катастрофата. Сите што се родени после 1990-тите веројатно не можат ни да замислат таков степен на ефикасност на државата.

2 Е, толку од способноста на државата Македонија. А сега малку и за македонштината што излезе на виделина во овој случај.

Станарите се однесувале типично македонски. Над дваесет години знаат за проблемот со комшијата, ама не преземаат акција. „Што па сега јас ќе се јавувам? Друг нека се јави. Ај ќути си, не се мешај“. Плус, цело време се жалат. Има ли помакедонско однесување од тоа? И озборуваат: „Што имаме едни комшии на втори кат, па, па па…“ Или фаќаат сеир: „Греота се луѓето…“ Ама, никој не се нафаќа да помогне. Или барем да се јави во институција што може да помогне. Оти пак доаѓаме до она: Што не се јави некој друг? Оти нели ние како Македонци сме многу фини, топли луѓе, срдечни, гостопримливи…

Еден случај со смрдеа во зграда покажа како Македонија како држава опстојува сама. И какви сме ние. Исплашени, нетолерантни и неодговорни. И чекаме проблемот сам од себе да се реши. Или да дојде некој друг да ни го реши.  За да може пак маана да му најдеме.

3 Како што му наоѓаат маана на цел западен свет на кој сакаме да му се придружиме тие што сакаат да не успее референдумот.

Трамп му прати писмо на Ѓорге Иванов, потпретседателот на САД Пенс го прими Заев, секретарот за одбрана Матис се прошета на еден ден навака-натака од Вашингтон до Скопје, државниот секретар Помпео го прими Никола Димитров, високиот службеник на Стејт департментот Вес Мичел во Скопје е почесто отколку Хојт Ји… За Хан веќе не ни објавуваме кога доаѓа. Могерини е наша. Сите оние Холанѓани, Норвежани, Австријци, Италијанци, Луксембуржани не можеме да ги дорегистрираме. Тереза Меј веќе ја заборавивме, ама министерот за Европа сер Ален Данкан штотуку нѐ потсети дека и британски премиер дошол да ни даде поддршка. Од Германија дојде најтесниот состав на Владата – канцеларката Меркел, министериот за надворешни работи Хајко Мас и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен. Оној министерот за европски прашања Михаил Рот веќе не го ни броиме дека дошол.

Македонија повторно е во центарот на геостратешките интереси на големите сили. Ама, прв пат тие интереси се поклопуваат со македонскиот интерес. Оти, големите сили имале интерес за Македонија и во Букурешт 1913. Ама нивните интереси не биле исти со интересите на македонскиот народ.

И сега, кога прв пат историските интереси ни се поклопуваат, што ќе прави исплашениот, себичниот, инаетливиот, завидливиот, нетолерантниот Македонец? Ќе бојкотира.

4 Како што ќе бојкотирал и пратеникот Трајко Вељаноски, кој не ја пушташе фотелјата во Собранието до 27 април минатата година, па дојдоа и насилници да му ја чуваат. И немало да гласа за договорот со Грција. Ги слушнавме во прислушуваните разговори Јанкулоска и Груевски како се координираат да го спасат син му од грчки затвор кога го фатиле со дрога на граница. Тој ќе го бојкотирал договорот со Грција. А којзнае што сѐ бил спремен да договори со Грците за да го спаси синот кога одеше на судење во Кукуш. Тогаш Грција фина му била.

Додуша, слушнавме какви идеи за промена на името имал и Антонијо Милошоски, најгласниот бојкотирач. Па сега и други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со патетики ни кажуваат дека Македонија им била вечна љубов и идеал. Синким на нас, кои имаме само македонски пасоши, а за разлика од нив и децата ни имаат македонски пасоши, Грција и Бугарија ни се вечна љубов.

Па уште и Јохан Тарчуловски херојски се нуди со кама да го убиеле неговите Македонци, ако гласал за уставни измени. А што можеш да очекуваш од црна вмровштина. Само за колење, убивање и предавства зборуваат. Од 19 век до денеска.

И нивниот лидер Христијан Мицкоски не може да го каже партискиот став за референдумот. Ама затоа може да се расфрла со патетични цитати за убиства.

ВМРО и организацијата се историско наследство за сите нас. А овие што ни го украдоа ВМРО за да си го стават во името на партијата, и во тоа име ја покрадоа и ја опустошија државата, сега ни го крадат и патриотизмот. И како многу пати во историјата, повторно се на погрешната страна. Оти, баш им е ним гајле за Македонија. Ко што му беше гајле на Ванчо Михајлов, кој кога партизаните за прв пат се изборија за македонската држава, избега со фашистот Анте Павелиќ во Италија.

Се кријат зад патриотски патос и наводна саможртва за да го скријат единствениот свој интерес. Да не одат в затвор. Ќе убивале тие и во 21 век. Па би ја убиле и Македонија за да се спасат.

Е па, слободно бојкотирајте. Поддржете ги криминалците и измамниците.

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира