1 Во годината кога се прославува 75-годишнината на АСНОМ, атмосферата во Македонија пред Илинден, барем според соопштенијата на полицијата и изјавите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, беа како да се чекаше финална пресметка меѓу хулигански групи.
Па дали е општеството толку поделено од омраза што систематски се хранеше во оние 11 години вмровска власт, што на најголемиот празник Илинден треба да му се радуваме скришно?
Нормално е дека МВР е спремно да спречи насилство и нереди. Тоа му е работа. Впрочем, насилство и говор на омраза треба да спречуваат институциите секогаш, не само на празник. Ама, можете ли да замислите полициите во САД или во Франција да издаваат вакви соопштенија кога нивните граѓани ги слават Денот на Независноста 4 Јули, или Денот на Републиката 14 Јули? И можете ли да си замислите што би се случило со тој што ќе се обиде макар и да се заканува дека ќе ја расипе централната прослава со насилство?
2 Јас воопшто не сум разочаран од тоа како Орце Камчев го урна правниот систем во државата и го направи најголемиот политички потрес за владата на Зоран Заев. Од Орце тоа и го очекував. Да ги употреби сите можни мерки, знаења, влијанија и пари за да се спаси од кривично гонење како осомничен од СЈО во случајот „Империја“. Па и желудниците да им ги стеснува. Исто како што во декември 2005 година се спаси од затвор кога беше осомничен за даночно затајување. „Сѐ по закон шефе“, често знае да кажа легалистот Орце Камчев.
Јас сум разочаран од Специјалното јавно обвинителство. Како успеаја, со сиот свој ум, знаење, пари и поддршка од цела меѓународна заедница и цела демократска јавност, од својот осомничен да направат сведок, и тоа жртва. Не очекував дека на сите дипломи, правосудни испити, обуки, студиски патувања по Америки, Италии, Франции ќе паднат на чантите и егзибиционизмот на еден измамник како Боки 13. Сѐ што им требаше имаа, моќ имаа, почит имаа… Само естрадниот момент ли им фалел во животот?
И не сум разочаран само од СЈО. Туку и од политичари, видни адвокати, угледни новинари, бизнисмени… Елитата на едно општество. А бе, по 750.000 евра уплаќале на име на авторски хонорар за една измислена организација со помпезно име – демек меѓународен сојуз. Еј, бизнисмениве што треба да ја мрднат економијата… Па пратеници и министри му се поклонуваа како на крал со тоа круната и кралските наметки, а тој ги местеше до себе за да ги фати камерата додека им ја пушташе државната химна. Да стојат мирно, построени до кралот. А тие што не можеле да му направат чест во живо, му се јавуваа со видеопорака.
И – што се случи? Кралот прдна. И ја засмрде цела држава.
3 Тоа деталите за форматирање телефони, бришење компјутери, боледувања и на Специјалната обвинителка и на осомничените, синот, девојката на синот, директорката на клиниката што ѝ дала боледување на Катица…, тоа е обична забава за Фејсбук.
Суштината на приказнава е следнава: Олигарх осомничен за тежок криминал дал поткуп за да не биде кривично гонет. Не ги бележел парите за поткуп, оти немал доверба во МВР и во правосудството, па немал каде да пријави. Арно ама, откако поткупот дал ефект и пасошот му бил вратен, на осомничениот му се вратила довербата во системот и го пријавил рекетот кај премиерот. И сега ќе си ги бара назад парите што ги дал за поткуп. Сосе чантата во која биле спакувани. Генијално.
Сега ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уште еден месец ќе се пимплаат со партиски работни групи, ќе преговараат за иднината на случаите на СЈО со Антонијо Милошоски, осомничен во истрага на СЈО, Бујар Османи од ДУИ, исто така осомничен во истрага на СЈО, ќе бара неселективна правда за сите, експерти ќе анализираат каква врска има тој закон со добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, ќе се јави со соопштение и некоја од амбасадите дека не смее да се дозволи неказнивост… Кој колку може ќе се спаси. Некој со боледувања, некој со затруднувања, некој со бегање од државата, некој со обезбедување двотретинско мнозинство во Собрание, некој со личен дил со судии, некој со личен дил со обвинители… Ќе си лежат неколкумина, колку за пи-ар и за фаќање сеир. И тоа е обична забава за Фејсбук. Суштината е – СЈО е мртво.
Останува уште Зоран Заев и Христијан Мицкоски да се договорат да го истуркаат Орце Камчев за нов Специјален обвинител и дај да завршиме со оваа хистерија од разочараност како во државава нема правда. Нема подобар кандидат од Орце. Очигледно е, тој најдобро знае како да направи сѐ да биде по закон.
Немавте правда? Е па, еве ви мир.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST