ОТРУЕНИ, АМА НАСМЕАНИ

Ако гласачите не бараат чист воздух, зошто тогаш партиите би им го нуделе?

    ОТРУЕНИ, АМА НАСМЕАНИ

    1 Ако чекаме премиерот да ни каже дека воздухот во Скопје е чист, иако штипе за нос од смрдеа затоа што заспиваме и се будиме во чад од запалени депонии, тогаш како граѓани сме дојдени до тешко психопатолошко дереџе. А премиерот сфатил со кого си има работа и затоа може да ни кажува дека воздухот само изгледа загадено, ама параметрите не се толку алармантни. Што е алармантна загаденост? Уште не паѓаме како зашеметени муви по улици. Само уште да ги ставиме розовите очила, па и чадот ќе ни се гледа розов. Како што ни е розова иднината.

    Нели, владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборнава кампања за локалните избори ни вели „Најдоброто допрва доаѓа“. Само треба да почекаме истиве што се на власт во скопските општини веќе четири години, заедно со централната власт што има апсолутна моќ повеќе од една година, пак да победат на избори за да ги средат и депониите.

    Премиерот Христијан Мицкоски вели: „Вистинското прашање е кому одговара сето ова“. Па тој треба да одговори на тоа прашање. Па ни вели: „Знаете кому одговара ваква ситуација“. Не знаеме. Од каде да знаеме? Ај сега, со теории на заговор ќе се правда, за на крај математички прецизно да констатира: „Чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што директори се кадри на ДУИ се случуваат вакви работи“.

    Стварно? Чудно е? Ама, најчудно е како власта со стабилно мнозинство во Собранието и со апсолутна доминација во сите државни институции и во најголемиот број Општини ја решава еколошкава катастрофа со теории за заговор.

    Сигурно има луѓе што му веруваат на Мицкоски дека платата им расте, иако со тие пари секој месец можеш да купиш сѐ помалку. Или, и да не му веруваат, си нашле некој есап дека тоа не им пречи. Ама, каде ли најдоа есап во тоа што ги убедува дека воздухот не е загаден, а се гушат? Со помалку храна, со помалку кафеана, со помалку патување, со помалку култура… се живее. Ама се живее ли, бре, без воздух?

    Одамна престанав да се чудам како граѓаните се навлекуваат на приоритети што им ги наметнуваат партиите. До гуша сме во ѓубре, ама си викаме: ќути може и полошо, ѓубрето да нѐ затрупа преку глава. И ако лидерот каже дека воздухот е чист, тогаш нема што да дебатираш дали е чист, или загаден. Па и да е загаден, дали е доволно алармантно загаден. Така нѐ научиле. Власта да ни кажува што ни се приоритетите за живот.

    Партиите реагираат на тоа што им го бараат гласачите. Ако гласачите не бараат чист воздух, зошто тогаш партиите би им го нуделе?

    2 Помина празникот 8 Септември, Ден на независноста. Овој празник најмногу го сакам. Веројатно затоа што сум современик на историските денови од 1991, распадот на Југославија, формирањето на новата суверена држава, преминот од комунизам во капитализам, ме врзуваат многу спомени, ме преплавуваат емоции, а и горд сум што сум бил не само известувач, туку и  директен учесник во многу тогашни случувања.

    Којзнае, можеби социјалните мрежи ја зголемуваат потребата за егзибиционизам. Ама кога ќе прочитам: „Ние не заслужуваме држава“ или „Македонијо, ти не нѐ заслужуваш“, едноставно снеможувам од сознанието дека баш за Денот на независноста многумина имаат потреба за отровен цинизам кон својата земја. Ние навистина сме отруени од ѓубре и токсичен воздух, ама толку ли сме отруени со омраза кон самите себе, па и празникот ни пречи?

    Па празник е, бре. Ден за радост. Макар еднаш годишно.

    Јас заслужувам да имам држава. И не се согласувам со колективна одговорност. Сум останал тука да живеам, да работам, еве речиси 35 години, упорно секој петок фаќам белешки за историјата на мојата држава и аполутно не се согласувам дека Македонија не ме заслужува. Па на крајот на краиштата, што е Македонија? Па ние сме Македонија. И што е тоа: „Извини Македонијо, те разочаравме“? Уште едно оправдување за сопствената неспособност? И уште едно оправдување за понизноста кон тие што сме ги избрале да ни ги трошат парите и на кои им ја обезбедуваме платата.

    3 Политичарите знаат со какви граѓани си имаат работа, па затоа и оваа година, како и сите претходни, прославата на Денот на независноста помина тажно. Лидерите на владејачките и опозициските партии напишаа по некоја честитка со празни зборови без никакво значење, власта си организираше приредба на која сама си аплудираше и однесоа по некое цвеќе на гробовите на починатите претседатели. Најживо беше во колоните на границата со Грција. И највесело во грчките таверни.

    Многу добро знае и премиерот Мицкоски со кого си има работа. Затоа и можеше да си дозволи свеченоста по повод Денот на независноста да ја закаже во 10 часот сабајле, за да може навреме да го фати авионот за Будимпешта, да ги однесе синовите на фудбал. Па на уште нерасонетите гости во Филхармонијата им држеше предизборен партиски говор за предавства, за црвени линии, за прислушување и за чистки.

    За волја на вистината, тоа не е ништо ново. И неговиот претходник Никола Груевски на сите државни празници наместо за заедништво и обединување ни кажуваше кои се вистински патриоти, а кои се предавници.

    На празник очекувам лидерите што сме ги избрале да ја водат државата да повикаат на единство, а не да се пресметуваат со опозицијата и да се караат со сите што им пречат да владеат неконтролирано. Па барем на празник не нѐ вознемирувајте со политички пресметки. Барем на празник дајте ни спокојство и надеж. Ајде барем на празник да се радуваме.

    4 Кога веќе кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Карпош се најде во официјалната владина делегација заедно со премиер, заменик-премиер, министер за здравство и директор на Фондот за здравство да врши увид во градежните активности на операционите сали во болницата „8 Септември“, не ќе беше лошо да направи увид и на градилиштето од онаа грдосија од 17 ката непосредено до болницата и Брзата помош. Да направи проценка, што ќе ги снајде граѓаните, и не само на неговата општина, кога во таа грдосија ќе се населат 400 станови и кога ќе проработи трговскиот центар. Негова одговорност ќе биде да обезбеди непречен пристап за сите нас, да не умираме на пат до болницата.

    Што бара кандидат за градоначалник на увид на операциони сали во болница? Дека болницата е на територија на неговата општина? Па што не го викнаа актуелниот градоначалник? Што не ја викнаа градоначалничката на Скопје, старата Воена болница сега е „градска“. Што не ја викнаа и кандидатката на СДСМ за градоначалничка? Кога веќе на таков настан се викаат кандидати за градоначалници, можеби таа ќе им беше попрактична при надзорот на операционите сали оти е анестезиолог. Ќе си се разбереа со колегата директор по докторска линија.

    Па барем салите да беа реновирани за толкава медиумска помпа. Туку, ај ќе измислуваме настани незаконски да го промовираме нашиот кандидат за градоначалник, затоа што кампањата за локални избори законски не е почната. Ни се може. Наш е директорот на болницата. Штом тој е наш, тоа ти е исто како сите доктори во болницата да се наши.

    А пациентите? Ееее, пациентите секако се важни. Ама кандидатот е најважен.

    5 Европската унија од 12 октомври воведува нов систем за регистрирање на влез и излез на граничните премини.

    По 34 години од прогласувањето независна македонска држава, денеска наместо да зборуваме за отварање поглавја во преговорите за ЕУ, ние зборуваме како ќе нѐ сликаат и ќе ни земаат отисоци на прстите кога ќе патуваме во ЕУ.

    Насмејте се. Да излеземе убави на сликите.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира