ПУШЕЊЕ СО ЈАЗИК

Се надевам дека Албанците сега се среќни дека барем на албански јазик ќе се удираат во пајакот

ПУШЕЊЕ СО ЈАЗИК

1 Многумина имаат мислење за Законот за употреба за јазиците, иако верувам дека не ни знаат што е напишано во него. Многумина се против законот, оти мислат дека со правата на Албанците да зборат на својот јазик им е загрозено нивното право. Многумина, едноставно, не ги ни интересира што пишува во законот. Многумина веруваат дека што и да пишува, сигурно нема да се почитува, како што се случува со скоро сите закони во Македонија.

Но, верувам дека најголемиот дел од сите споменати се најмногу загрижени од начинот на кој беше донесен законот во Собранието. Кој сака да биде изложен на насилство? Кој сака да биде понижен?

Мораше ли ДУИ да инсистира законот да биде изгласан баш на 14 март, демек на годишнината од почетокот на конфликтот со нападот од тетовскиото Кале во 2001 година? Датум кој Македонците ги боли. Така ли се се негуваат искрени односи со пријатели и комшии? Така ли се гради довербата кај партнерот со кого што, демек, сте решиле да одите заедно во ЕУ и НАТО? Уцени го Заев, врати си го стариот партнер Груевски во игра. Па на сето тоа и помпезната објава на Фејсбук на Али Ахмети, дека гласот што го дал го посветува на албанските маченици. Сигурно и тој самиот си се брои меѓу мачениците, заедно со сите министри и директори од ДУИ што се извртеа на власт последниве 17 години. И сосе 1.600-те рамковни што ги плаќаме за да седат дома. Мачна им е судбината.

2 Не е до законот. Не е ни до јазикот. Мачнината, барем кај нас што не сме од ДУИ, ама не сме ни од СДСМ ни од ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа од разочараноста дека во оваа држава силата ја отепува правдата. Не е ни до однесувањето на Ахмети и неговите, кои како размазено дете во продавница бесрамно се дерат за ссите да ги чујат и да ги сожалуваат: „Сакам, сакам, многу сакам!“. Не ме потресува ни понижувањето на Заев и неговите пратеници. Возрасни се. Сами решиле и сигурно знаат што прават. Ете, му направија видео обраќање и ни го пуштија нашминкан и напудрен, како на времето кога Груевски нѐ вадеше од памет на сите телевизии.

Она што предизвикува гнев е правната несигурност со која продолжуваме да живееме. Па, кога дури ни во Собрание не може точно да се види кој како гласал, па Џафери раскажува дека некој закаснил 10 секунди, зарем ќе се надеваме оти АКМИС системот ќе проработи во судовите? Ќе го даделе законот на Уставен суд. Е, дури сега ми олесна, кога ми текна на кој Уставен суд ќе го дадат. И како капак на сѐ, ќе се појави Ѓорге Иванов. Да те убие во поим. Да ни каже дека за да го заштити Уставот, ќе го скрши Уставот.

Тоа е човекот што беше генератор на кризата. Аболицираше осомничени за тешки криминали само затоа што се функционери во  партијата што го постави за претседател. И не го даваше мандатот на Заев затоа што не е од неговата партија.  И притоа, глумеше дека го штити унитарниот карактер на државата.

3 И конечно, еве Законот е изгласан. Ќе се опуштат ли сега Ахмети и неговите маченици? И ќе почнат ли со дело да ја почитуваат оваа држава како своја? Или останаа уште некупени чоколатца на касата за размазените деца.

4 Единствено беше забавен театралниот настап на Груевски, кој ќе беше поефектен ако наместо да фрла вода, му удреше на Талат Џафери две-три шлаканици, ама од оние појаките. Особено што ова беше прв пат да се види Груевски како на залезот на политичката кариера се појавува барем на еден битен настан, оти како премиер секогаш кога беше густо, го немаше. Кога требаше да се потпише Законот за амнестија на обвинетите за Хашките случаи, го намести тогашниот вицепремиер Васко Наумовски да го потпише. Кога требаше да се признае Косово, потписот го стави Ивица Боцевски. Сега барем сам му се силеше на Џафери. Па тоа нѐ  потсети на бомбите, во кои слушавме како неговите пратеници со ДУИ го носеа Законот за јазици уште во 2011 година. И на сликата од јануари 2017, кога зад завесата од прозорецот на Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ ѕиркаше дали ќе му дојде Ахмети за заедно да ја направат Владата.

5 За волја на вистината, ние не го измисливме ова силување на политиката врз правдата. Нам тоа ни го покажаа замјите членки на НАТО и ЕУ, кои не ја почитуваат пресудата на Хашкиот суд во спорот кој го добивме со Грција.

Смислата и легитимитетот на ваквото однесување, во најголемиот спор од кој ни зависат и членството во ЕУ и НАТО, ја дадоа баш ЕУ и НАТО. Тие ни викаат дека пресудата е право, а тоа што не нѐ примаат во ЕУ и НАТО поради спорот за името е политика.

Така, и во македонското Собрание политиката излезе посилна од правото.

6 Истото парламентарно мнозинство веќе другиот ден легализираше грабеж на јавен простор. Дозволија проширување на кафеаните на наша сметка. Тоа го спакуваа во некаков закон со кој божем се легализира пушењето на кафеанските тераси.

Дозволеното пушењето е само маска за грабеж. Прво ќе извадиш маси на тротоарот. Па ќе ги околчиш со саксии. Па ќе ставиш платформа под масите. Па ќе ставиш најлони. Па најлоните ќе ги замениш со стакла. Кај и да ѐ, стаклото ќе стане цигла. И сето тоа е на јавен простор кој ние сме го платиле. Како што, на пример, ги преплативме со над милион евра двете Боемски улици во Скопје, ама не остана простор каде можеме да се движиме без да не згази кола.

Значи, сега пушачот има право да седи во кафеана и да пуши. Ама, ако пушачот е инвалид и сака да се движи во инвалидска количка, нема право да се движи по тротоар. Бидејќи грабежот на јавниот простор, маскиран како задоволство од  пушењето, во оваа земја е поважно од слободата на движењето, слободно можеме да си шетаме по ќерамиди.

7 Затоа, не ме загрижува тоа што  некој ќе зборува албански повеќе отколку што зборувал до сега. Ама, многу ме загрижува дека во оваа држава нема владеење на правото. И сѐ повеќе губам надеж дека некогаш ќе има. Притоа, не е важно дали зборуваме за право на јазик, или право на пушење.

Не ме чуди што полицајката признала дека се удрила во пајак кога сакала да го казни функционерот на ДУИ Беќир Асани. Нам Бечо ни е судбина. Сите ние ќе продолжиме сами да си се удираме во пајак. Се надевам дека Албанците сега се среќни дека барем на албански јазик ќе се удираат во пајакот. Оти, најголем дострел на оваа Влада е секој да може да се удира во пајакот на свој јазик. И да пуши. Слободно.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари