ВИП ТРЕТМАН

Нема проблем. Барајте си непријатели. Ама, барем најдете ги. А не вака, јас да ви кажам, па вие мислете му ја.

ВИП ТРЕТМАН

1 Штом и премиерот Христијан Мицкоски замина на одмор, значи не е толку зорт за одбрана на интергритетот и суверенитетот на државата. Дестабилизацијата, што според неговите сознанија ја спрема ДУИ, ќе почека. Што е за право, и самиот Мицкоски најави дека дестабилизацијата ќе ни дојде наесен, ама не е фер разузнавачките сознанија што ги има да ни ги кажува предвреме. Можеше да нѐ остави барем раат да си ги истераме одморите.

Прво, во илинденскиот говор на Мечкин Камен премиерот ни откри дека „постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти“. Потоа, во два-три наврати и ги идентификуваше тие „субјекти“ како ДУИ која ќе прави дестабилизација за да ги скрие криминалите и предупреди дека „некои групи ќе бидат несвесно изманипулирани да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет“, а „ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“. По што, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека „постојат информации коишто се во насока на тоа што го говори премиерот и јавноста треба да биде запознаена со сите факти“, ама рече дека граѓаните не треба да бидат загрижени.

Го паметиме принципот на владеење на Никола Груевски – барај си непријател, држи ја нацијата на готовс и после спасувај ја државата.

Нема проблем. Барајте си непријатели. Ама, барем најдете ги.

Се сеќавате ли дека на времето, мирно, мирно, па туку по некоја зоља преку ноќ ќе се испукаше кон зградата на Владата. Па прес-конфереции, па изјави, па „дознаваме од разузнавачки извори“ и – никогаш не се откри ни кој пукал, ни зошто пукал. Навистина, поминато е бајаги време, кругот се сврти, ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, ама уште ми ѕуни во ушите онаа реплика во прислушкуваните разговори: „А војна да направиме!“, од периодот кога одлично им функционираше коалицијата со ДУИ. А за акцијата за „разбивање на терористичка група“ во Кумановско Диво Насеље во 2015, во која загинаа 8 полициски специјалци, ич муабет да не отвараме, премногу е болна таа тема.

Изгледа Мицкоски уште не сфатил дека веќе не е во опозиција. Премиер е. Под негово раководство е Министерството за внатрешни работи и едно чудо државни служби задолжени за безбедноста на државата. Сите служби во светот си имаат некакви сознанија и си ги решаваат. Тоа им е работа. Како граѓанин не очекувам од премиер на телевизија да ми кажува дека има индиции оти некој сака да ја дестабилизира државата, па и да ми најавува дека таа дестабилизација ќе се случи наесен. Од премиер очекувам да ми соопшти што презеле државните органи. Дали ги идентификувале тие што ќе прават дестабилизација, дали ги повикале на информативен разговор, дали им поднеле кривични пријави, дали ги привеле. Ако се толку сериозни индициите, белким и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го свикаше Советот за безбедност уште летово.

Таа информација ќе ми биде значајна. И таа информација ќе ме успокои. А не вака, премиерот ќе те вознемири и ќе замине на одмор.

Работава е: Јас да ви кажам, па вие мислете му ја.

2 Море, ич не му ја мислиме. Има кој да му ја мисли за безбедноста на државата и на граѓаните. Еве, новите раководни кадри во МВР се таман погодени. Заменикот-министер од Коалицијата Вреди Астрид Исеини е доктор кинезиолог, со завршен факултет за физичка култура. Новиот државен секретар на МВР Сашо Петрушевски од ЗНАМ доаѓа од местото директор на кумановските паркинзи, а пред тоа бил директор на „Чистота и зеленило“.

А Вреди, а ЗНАМ, тоа ти е. Државата може да не е стабилна, ама владината коалиција мора да биде. Кадрите се тие, поарни нема. А пленот мора да се подели.

3 Штета што министерот Тошковски го суспендираше од работа шефот на обезбедувањето на спикерот на Собранието Африм Гаши, кој репетирал пиштол во ВИП салонот на Скопскиот аеродром за да ја помине низ безбедносната контрола косовската претседателка Вјоса Османи без скениран рачен багаж.

Оние од ДУИ беа лигуши. Во Контролната кула влегуваа со картички за евиденција и тепаа со боксови. Овие новиве од Вреди се спремни да му стават на колега пиштол на глава и така да ја спроведат косовската претседателка до авион без да ѝ биде поминат телефонот на скенер. Замисли, некој си платил за ВИП салон на Скопскиот аеродром и одеднаш му дотрчува цивил со ротациони светла и му мафта со репетиран пиштол. Заложничка драма со ВИП третман. Па не ѝ бил загрозен животот на Вјоса Османи. Суетата ѝ била повредена.

Е такви полицајци ќе ја бранат државата од дестабилизација. Кои се спремни на територијата на Македонија да бијат битка за Косово.

4 Премиерот на Косово Албин Курти за инцидентот со косовската претседателка рече дека тој и Мицкоски не може да бидат и цариници и полицајци и инспекторатот на полиција и тие што го надгледуваат аеродромот итн…

Курти сам за себе нека си збори. Нашиот Мицкоски може да биде и цариник. На 20 јули, при поставување камен-темелник за градинка рече: „И да знаете, лично ќе ги гледам фактурите на царина, кога ќе се увезуваат медикаменти. Лично јас ќе седам и ќе ги гледам за да нема ненормални приходи за поединци да книжат на сметка на здравјето на граѓаните“.

Само да не се погоди баш тогаш кога ќе стигаат пратките со лекови да ѝ текне на косовската претседателка да лета од Скопје. Оти, Мицкоски рече дека следниот пат тој ќе ја придружува кога ќе патува од Скопскиот аеродром, зашто тој инцидент „предизвика чувство со коешто жалиме и не сакаме да се повтори“.  Тој вели дека лично не го користи ВИП салонот и тој како премиер, а и македонската претседателка поминуваат низ сите стандардни безбедносни проверки, ама кога ќе патува Вјоса Османи ќе му биде задоволство „да ја пречека како домаќин на аеродромот и додека не отпатува од Скопје да ја придружува во времето кое ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти“.

Ај сега. Ем премиер, ем цариник, ем аеродромско обезбедување, ем ВИП придружник. Мицкоски има некој скриен рентген за проверка на багажот, па тој ќе ја провери? Што ако ја пречека и ја испрати? Тој, како премиер што почитува безбедносни процедури, а таа како претседателка што не сака да почитува безбедносни процедури. Ќе ја теши ли во ВИП салонот додека таа тажно гледа како ѝ го поминуваат нејзиниот телефон на скенер? Што ќе ѝ вика: Не се секирајте госпоѓо претседателке, така е во цел свет, секогаш кога се лета на комерцијални летови на сите им го проверуваат личниот багаж. Еве, ако треба и мојот телефон нека го поминат на скенер.

5 Министерката за образование и наука Весна Јаневска се извини на јавноста за „лошо срочената изјава“ за учебниците по странски јазици. Можеше само да каже дека учебници за странски јазици ќе нема и во новата учебна година оти претходната власт не ги обезбедила, и тоа ќе беше сосем на линија на омилените оправданија на новата Влада. Место тоа, Јаневска избра да го каже ова:

„Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик, именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем“.

Министерката ја прегазило времето. Децата сега учат да зборуваат странски јазик од телевизија и мобилни уреди уште како бебиња, а учат и во градинка, па затоа кога се на школска возраст им требаат учебници за да учат „граматика, именки, заменки и така натаму“.

Иако, за едно има право. Граматика, именки, заменки и така натаму не им се потребни кога ќе пополнуваат формулари за иселенички визи.

6 „Министерот за  за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски оствари работна средба со Флакрон Беџети, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.Тема на денешната средба беа тековните работи во Министерството. ‘Преку разговор и добра координација, Министерството функционира за доброто на земјоделците и граѓаните’, истакна министерот“, се вели во соопштението испратено од Прес-службата на Министерството.

Работна била средбата. И за тековни активности била. И за пиар соопштение сосе фотографија до јавноста била. Никој никому не влетал со репетиран пиштол и не го натепал со тупаници. Мирољубива била, значи, средбата што ја оствариле министерот и заменикот-министер од истото министерство.

Е па, ова стварно не може да се пародира.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира