ЗБОГУМ, ЧАРЛИ

Сѐ по закон, шефе.

ЗБОГУМ, ЧАРЛИ

1 Да се ставеа сите настани што ни се случија минатава недела во сценарио за филм, тоа сценарио немаше да помине. Оти во текот на дејството има многу дупки. За приказната да има логичен тек фалат детали од истрагата за случајот „Рекет“, во кој шоуменот и неформален газда на телевизија Боки 13 и бизнисменот од времето на дуетот Камчев-Мијалков, Зоки Кичевскиот, се осомничени за рекетирање на бизнисмени со тргување со влијание врз Специјалното обвинителство.

Тоа Специјално обвинителство беше формирано затоа што не работеше обичното обвинителство.  Кој ќе ја истражи сега вистината за евентуалната вмешаност на Специјалното обвинителство во рекетирањето луѓе кои се под истрага баш на тоа обвинителство?  Сведоци сме на уште една смрт на институциите. И како на тоа да гледаме со оптимизам, кој упорно го шири премиерот Зоран Заев? Оти нели, секој крај си има шанса за нов почеток. Ама од каде да почнеме сега, откако единствената институција која даваше надеж за чесност и кадарност умре? И најважно – со кого да почнеме?

Ние имаме доволно институции. Ама немаме кадарни луѓе во институциите. Имаме и закони. Ама нема кој да ги спроведува законите. Собранието може и 200 нови закони да донесе, а Владата може да измисли уште 100 нови институции, па ете дури и Суперспецијално обвинителство да формира. Ама што фајде, ако луѓето во тие институции се неспособни да ги спроведат законите. А под способност се подразбира не само професионална кадарност, туку и морален интегритет.

Не е поразот во разочарувањето и чувството на изневереност од Катица Јанева и од СЈО што деновиве масовно се манифестира и што се фрлаат маичките со трите „чарлиеви ангели“. Поразот е што и овој случај покажува дека во ова општество нема здраво ткиво. Ниту во политиката, ниту во бизнисот, ниту во правосудството, ниту во новинарството, ниту во културата, спортот, естрадата…. Па ни во општата јавност. Ужасно е сознанието дека целиот општествен живот ни е гнил. Дека корупцијата е ендемска.  И ја има насекаде. Почнувајќи од она што себеси се смета за елита, па до обичниот граѓанин кој фаќа врски за кинење казна за погрешно паркирање.

2 Впрочем, сомнежот за професионалната кадарност излезе и во овој мал, навидум безначаен детаљ. Додека обвинителката Вилма Русковска даваше изјава пред новинарите пред скалите во судот по распитот на Боки 13, самиот Боки 13 под полициска придружба, излегувајќи од распитот, влета пред камерите и ѝ рече на обвинителката дека лаже. Добро, никој ли не помисли дека осомничениот не мора баш да го вадат додека обвинителката дава изјава пред камери? Или, ако веќе толку им се брзаше да го изнесат, дека во судот има и други скали? Детаљот е небитен. Ама и тој кажува за капацитетот на институциите.

3 Што имаме сега во сценариото „Збогум, Чарли“? Специјална обвинителка против која нема истрага, ама ѝ е одземен телефонот за да се испита нејзината евентуална вмешаност во рекет поврзан со нејзините истраги. Имаме и избеган осуден поранешен премиер, до скоро пратеник и актуелен почесен претседател на најголемата опозициска партија. Имаме телевизија создадена со пари за кои никој ниту праша, ниту пак институциите истражија од каде се. Имаме бизнисмен осомничен од СЈО, кој бил рекетиран од тој што се пријавувал како газда на телевизијата, користејќи ја блискоста со специјалната обвинителка. И имаме Врховен суд чијшто претседател го знаат под прекарот Превара, што го укинува притворот за бизнисменот во случајот на СЈО.

И што ни остана нам како граѓани кои живееме во овој филм? Па нели е глупаво со клетви да си ја поганиме душата.

4 Работната недела почна со трилер во еден ден. Прво премиерот закажа лидерска средба за иднината на СЈО, за пописот и за Изборниот законик. Прес-конференцијата уште не беше завршена, а Катица Јанева веќе си даде оставка. И додека се читаше оставката, стигна веста дека Боки 13 и компањонот Зоран Кичевскиот биле уапсени.

До крајот на денот, за ептен да ни се убие надежта, стаса веста дека советникот од ДУИ во Општина Охрид Нефи Усеини кој изгради дивоградба во центарот на градот, на чие отвoрање дојде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко исто така од ДУИ, со својата градежна фирма конкурирал на тендерот за уривање на дивоградбите. И бидејќи сето ова не било доволно незаконски, следниот ден се јави Антикорупциската комисија со мислење дека општинскиот советник што изградил дивоградба, не може да учествува во уривањето на дивоградбите, затоа што како советник во Општината има конфликт на интереси. И така, кругот се затвори. Тој не е кабает оти како општински советник гради дивоградби. Туку е кабает ако како советник се јави на тендер на Општината да урива дивоградби.

Сѐ по закон, шефе.

5 Таман се соземавме од драматичните секвенци, другиот ден се појави вицепремиерот Бујар Османи и кажа виц: „ДУИ е најголем непријател на селективната правда. Во секој говор претседателот на партијата Али Ахмети ја споменува селективната правда како канцер на општеството“.

И додека се смееме на вицот што го кажува вицепремиерот, неговата партија е спремна да ја турне Владата ако се урнат дивите платформи на Матка и ако се урне дивата пицерија на советникот од Охрид. А ако му фали нешто на моќникот од Чаир кој погрешно паркирал па полицајката морала да се удри од пајакот, можно е и митралез да запука.

Два дена подоцна, за и овие од СДСМ да не бидат покуси од коалициониот партнер, и тие кажаа виц: Централниот одбор донесе Декларација за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.

СДСМ и ДУИ навистина имаат смисла за хумор. Владејачки партии се. Две години се на власт. Зошто на некого што е на власт му треба декларација за нешто што му е во опис на работните задачи?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира