1 „Нема никој посилен од државата, ни функционер, ни верски лидер, ни институција“, изјави премиерот Оливер Спасовски на прашање дали има притисок врз Владата околу полицискиот час за празниците Рамазан бајрам и Свети Кирил и Методиј заради заштита од кронавирусот. И така е. Во теорија, нема никој посилен од државата. Ама во праксата, истиот премиер пред продолжениот викенд за Велигденските празнувања ги стави човековите права на верниците за повредни од човековите права на тие што се загрижени за своето здравје. Затоа што не ги затвори црквите, исто како што ги затвори училиштата, музеите, кафеаните, трговските центри, па дури и болниците за тие што немаат симптоми на КОВИД-19. А сите сме еднакви пред Уставот. И тие што мислат дека коронавирусот е измислен, и тие што заглавиле на Инфективна. И тие што веруваат во медицина и стручност, и тие што мислат дека Бил Гејтс ги чипира и ги зрачи со 5Г антени. И тие што се крстат во наука, и тие што се крстат во Господ.
Толку беше од кондицијата, мобилизацијата и дисциплината на државата. Два месеца некако издржавме. Сѐ попушти, со истото оправдување за неодговорност со кое 30 години се служат политичарите. Ние крадеме? Па и вие крадевте. Може православниот верник да зема причест со иста лажичка? Тогаш може и атеистот да прави журка за Први мај. Може литија во Струга? Тогаш зошто да не може ифтарски вечери во Тетово? Комшијата распалил скара, се собрало друштво со гитара, а полицијата не го казнува? Тогаш зошто и мене би ме казнувале?
Карантинот е казна!? Полицискиот час е казна!? Значи, во сѐ што прават, луѓето си наоѓаат логика. Само не можат да најдат логика во тоа дека државата сака да им го заштити здравјето.
Не знам како не му се здосади на министерот Венко Филипче секој ден истото да го кажува. На разбран човек еднаш треба да му се каже. Нема веќе потреба за апели. Совесните и без апели ги почитуваат препораките за заштита од кронавирусот. За несовесните треба казна. Ама, бидејќи нашата држава не ги казнува, можеби Филипче треба да почне да се заканува со казни од други држави. Од сега натаму, наместо да апелира нека се заканува: „А бе луѓе, седете дома. Ако имаме зголемен број новозаразени и ако ни се влоши епидемилошката слика, Грција можеби ќе нѐ исфрли од списокот на држави од кои ќе прима туристи летово“. Е, таа казна изгледа најмногу ќе заболи.
2 Кај нас, полицијата не казнува затоа што министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не сака да ги казнува граѓаните. Вели дека некои останале без работа и немаат пари да платат казна, а и биле во лоша психичка состојба поради ограниченото движење.
Значи, тие што го кршат полицискиот час и што не ги почитуваат мерките за заштита се психички растроени од сознанието дека државата се грижи за јавното здравје. Нивното психичко здравје е полошо од здравјето на тие што лежат на Инфективна. Тие се и тоа како многу повеќе писхички растроени од семејствата во кои има заболени, кои не можат да си ги закопаат починатите…
Министерот Чулев, откако преходно се согласил да го намали буџетот на МВР, на Фејсбук си објави дека предлага награда од 15.000 денари за полицајците. За пожртвуваната работа во неказнувањето на псисхички растроените викендаши. Ама, Синдикатот на полицијата смета дека таа суме е понижувачка. Па бара награда од 25.000 денари.
Нема проблем. Можат полицајците да добијат награда и 25.000. И 250.000 денари. Ама, овие награди да не ги плаќаме сите. Полицијата само треба да си ја заврши работата. Нека ги соберат тие пари од процент на казните за неносење маска, за собирање во групи и за движење без дозвола во полициски час. Еве, по 5 проценти од секоја казна нека оди во фонд за пожртвувани полицајци. Таман. Тоа е најправедно решение. Така, парите за наградите на полицајците ќе им ги обезбедат само несовесните граѓани.
И тоа после може да остане добра практика за неселективно казнување. Доста беше само совесните граѓани да плаќаат. И тоа плаќаат дупло. Ем за несовесните што ја шират заразата и го блокираат здравствениот систем, ем за полицијата што не си ја врши работата.
3 Ама па, што да прави и Наќе Чулев? Збунет е. Тој е поставен од ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во преодна влада што треба да подготви избори, а партијата што го поставила, во текот на денот и до три пати го менува мислењето по однос на изборите.
На 27 февруари, лидерот Христијан Мицкоски изјавуваше дека „најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО да не го мобилизира народот и молеа бога да се случи ова“, а сега бара изборите да се одложат за наесен. Во ист ден тој вели дека избори на 21 јуни нема да има, а од партијата држат прес-конференција дека Владата не може да дели ваучери оти е предизборен период. Од една страна, ова ли се економски мерки? Од друга страна – не давајте пари пред избори. Еднаш – не сакаме вонредна состојба, сакаме избори. Друг пат, сакаме вонредна состојба, не сакаме избори. Од една страна државата пропаѓа, ние ќе ја спасиме, а од друга страна, ама ќе почекате до есен за спасување, нека допропадне.
Мицкоски не сакал да биде премиер, ако има макар и еден умрен од КОВИД-19, ама неговиот министер да не ги казнува тие што ја шират заразата. Не сакал да брои жртви од корнавирусот, ама да нема полициски час за Рамазан бајрам за да може вирусот лесно да си се шири на трпезите. На ифтар може, ама на избори не може… Контрадикторни им се нешто желбите.
Да се потсетиме уште еднаш. Правиме муабет за ВМРО-ДПМНЕ. Тие и во нормални услови, при обезбедено мнозинство на пратеници, направија криза од меѓународни размери на 27 април 2017 со организиран напад на Собранието, а сега нема да пробаат да направат криза во ненормални услови и кога нема Собрание? Па тие по рефлекс ќе направат криза. Тоа е начинот на дејствување на таа партија. Ако нема криза, тогаш ќе ја создадат. Така им е склопена машината да им работи. Нека пропаѓа и државата, само нас на крајот да нѐ изберете.
4 Третиот пакет од мерките за економска поддршка Владата го промовираше три пати. Прво, сите заедно со премиерот Оливер Спасовски. Потоа, секој економски министер посебно. И на крај во двојки – со Нина Ангеловска и Крешник Бектеши. Три пати иста информација. Три пати нецелосна информација. И кога новинарите им забележаа на министерката за финансии и на министерот за економија дека не им даваат конкретна информација за платежните картички, што, кој, кога, каде и зошто ќе добие 9.000 денари помош од буџетот, тие одговорија со сарказам, а одговор на прашањето пак не дадоа.
Искрено, јас мислам дека ниту Нина Ангеловска, ниту Крешник Бектеши не им се дораснати на ароганцијата и безобразието на еден Зоран Ставрески и Никола Тодоров, на пример. Ама, ме чуди како уште не реагираше со соопштение ВМРО-ДПМНЕ: „Срамно е како се обидувате да нѐ имитирате. Следно што ќе биде? Ќе спружувате на насловна?“.
5 На една од оние „семејни прослави“, како што политички коректно ги нарекува ифтарските собири министерот Филипче, во скопски Чаир во средата имаше огномет. Благодарение на коронавирусот и полицискиот час, во Македонија е забележан цивилизациски исчекор. Порано, на семејните прослави во Чаир се пукаше со калашникови. Сега, славјето се одбележува со огномет.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST