ПАЃА ВЛАДА

Метлата на Заев остана нова, нечепната, а неговите од СДСМ уште и би метеле во туѓиот двор

ПАЃА ВЛАДА

1 Им се чудам на паметот на овие од СДСМ. И тие се вклучија во расправата за потребите од реформи на ВМРО-ДПМНЕ. Толку ли немаат други гајлиња во животот? Три години напорно работеа да го вратат ВМРО-ДПМНЕ на власт, па откако не успеаја, сега и би го реформирале. Метлата на Заев остана нова, нечепната уште од лани од претседателските избори, а тие би да метат во туѓиот двор. Остави ги таму, нека си се докажуваат меѓусебно кој е поголем криминалец во партијата. Како тргнале, а знаејќи со какви умови си имавме работа, можат и еден напад за преземање на белата палата да организираат.

Во СДСМ не гледаат дека одвај ги добија изборите. Во нормални околности, тие би се занимавале со анализа на изборните резултати и со прашањето зошто освоија само два пратеника повеќе.  Башка што, со најмногу освоени мандати треба да пробаат и влада да прават. Ама, не можат сѐ да постигнат. Сега се зафатени со реформата на ВМРО-ДПМНЕ.

Не им ја сфаќам потребата од реформирано ВМРО-ДПМНЕ. Освен ако не го сфатиле сериозно  Христијан Мицкоски дека тој ќе биде мандатар, па ако веќе ВМРО-ДПМНЕ прави Влада барем да биде реформирана.

2 Среќа што СДСМ не мора да води сметка и за реформите во ДУИ, оти таа партија е реформистичка по дефиниција. Сѐ што пипнаа досега, и кога беа со ВМРО-ДПМНЕ и кога беа со СДСМ – позлатија. Почни од реформи на правосудството, на образованието, па реформи на поштенски услуги, железничко поврзување, Државен инспекторат за градежништво, Управен суд, Македонија пат… Од реформите на министрите и на директорите на ДУИ глава не можеме да дигнеме.

Што е надежно, најавуваат и дека ќе продолжат со исто темпо. Ќе работат за доброто на државата. Само уште да разјаснат за која држава ќе работат.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети е повикан од Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово во Хаг, како еден од основачите на ОВК и Член на Генералштабот. Тој објави дека „владеењето на правото и постигнувањето вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска“.

Е па, меѓународна правда е правда, а домашна правда е ДУИ правда. Оти, додека Ахмети зборува за неселективна правда, а Бујар Османи раскажува бајки за европска иднина, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу со оглас го бара инвеститорот на дивоградбата кај Трговскиот центар „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје. Оти таму со денови се гради, ама не се знае кој ги плаќа работниците. Па, прати му булдожер, да видиш како одма ќе се појави сопственикот.

Огромните столбови од армиран бетон што никнаа на местото на изгорено кафуле, на најпрометната раскрсница во главниот град на државата, се детал од една од многуте епизоди од серијата „Нерешени мистерии на ДУИ“. Исто како што остана мистерија како и зошто се запали зградата на главната пошта во Скопје, кој ги ограбуваше поштенските комбиња што превезуваа пари, кој и зошто ја нарача поштенската марка со симболи на фашистичката независна држава  Хрватска од Втората светска војна…

Нерешена мистерија е и кој е сопственик на дивите платформи на Матка, дали кафеаната кај дивоградбите има дозвола за работа, дали кајчињата за превоз на туристи се регистрирани пловила, а кајчарите имаат дозвола за пловење, дали издаваат сметки, дали патниците се осигурани… А градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кој беше министер за правда во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, уште во февруари минатата година се закани дека ќе распише референдум за граѓаните да одлучат дали платформите на Матка се дивоградба. Реформаторот на правосудството ќе распишува референдум дали во Сарај треба да се почитува закон.

Нерешена мистерија е и кој гради на брегот на Охридското Езеро во Струга. Ама, тоа не е толку страшно, оти градоначалникот Рамиз Мерко вика: „Баш ме брига“.

Само во Охрид нема ништо мистериозно. Таму се знае дека дивоградбите ги гради општинскиот советник од ДУИ Нефи Усеини. Кому локалната власт не му може ништо, затоа што Нефи е ДУИ. А ДУИ е реформска партија со европски вредности. Со конструктивна политика за доброто на државата преточена во слоганот: „Паѓа зграда, паѓа Влада“. Оти државата и личниот интерес за нив се едно исто.

3 Надвор од „правдата на ДУИ“, во каква држава ние живееме, најдобро видовме во случајот со парализираното 11-годишно дете од Охрид напуштено од родителите, за кое мораше да се покренат двајца министри за да го сместат в болница. И тоа дури откако случајот излезе во медиуми.

Социјалните служби не сакале да се мешаат во својата работа.

Ова е само брутален пример за сурова негрижа на државата, затоа што станува збор за немоќно дете. И во случајов, збориме за бирократскиот однос на институциите задолжени за ранливите и немоќните.

Но, зарем другите институции, кои ги плаќаме за да бидат тука за нас, се нешто поразлични во однесувањето од Охридскиот центар за социјални работи? Какво е искуството на секој од нас кога ќе тргне да заврши работа по шалтерите и низ општинските и државни канцеларии и кога врти телефони на кои никој не се јавува? Кога како граѓани, на кои проблемот не им е толку трагичен и медиумски интересен, за да мора министрите да фаќаат врски кај вработените во јавната администрација, ќе се најдеме во ситуација да ни треба поддршка од институција, сите ние сме исто така немоќни и ранливи.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира