РУСКА ЧИЗМА

Путин ги казнува Украинците дека не се Руси. Радев ги казнува Македонците дека не се Бугари. А ЕУ? ЕУ е „длабоко загрижена“.

РУСКА ЧИЗМА

1 Додека чекаме работните групи на Кирил Петков и Димитар Ковачевски да се договорат дали за Македонците ќе важи темелната цивилизациска вредност на која се потпира Европската унија – правото на самоопределување, Европа ни исчезнува. И тоа не само симболично, бидејќи со руската инвазија на Украина се губи смислата на првичната идеја од почетокот на 1950-тите за европска заедница која ќе спречи нова војна на европскиот континент. Туку и буквално. Триесет и две години по падот на Берлинскиот ѕид, сведочиме на подигање на нов украински ѕид на истокот на Европа. Со дополнителна црна дупка на Балканот, уште поблиску до срцето на Европа.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека војната во Украина е пресвртна точка за историјата на Европа. Но, зарем војните во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Србија и на крај и во Македонија во последното десетлетие на минатиот век не беа доволно крвави и трагични, за ЕУ уште тогаш да ги смета како пресвртни точки? Досега веќе можеа да го вшмукаат цел регион и да го стабилизираат Балканот засекогаш. А не да оставаат клинови што се инспирираат од авторитарни режими. И со тоа да ја загрозуваат безбедноста на целиот континент.

2 Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн забележа дека „денеска јасно се гледа што значи да се биде членка на НАТО. Преспа значи членство во НАТО и безбедна Северна Македонија“.

Македонија го фати последниот воз за НАТО. Германија сфати дека треба да се фати правецот на ветерот од Преспа, па како претседавач со Унијата бркаше датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија. За жал во Унијата некои уште немаат политичка визија, да ја препознаат вредноста на Преспанскиот договор за сопствената безбедност.

На првата шанса ја зафркнаа работата. Од себични причини. Прво на Макрон му доаѓаа локални избори па исплашен од кандидатите за ЕУ му истекна да измислува нови методологии за проширувањето. А колку едно предградие на Париз сме. Таман да има доволно време за после и на Бугарија да ѝ текне колкава моќ ѝ дава Европската унија. И реши моќта да ја користи за да се расправа чиј е Гоце Делчев.

Осум години Путин им беше влезен во Украина, а Европската унија беше еднаш „сериозно загрижена“, друг пат „длабоко загрижена“. Затоа што политичките елити на секоја од 27-те земји на ЕУ си бркаа свои краткорочни цели. А Путин еве, се виде, си имал долгорочна цел.

Гоце Делчев е само изговор за понижувањето што Европската унија ѝ дозволува да ни го прави Бугарија. Исто како што на Путин за војната му е изговор положбата на Русите во Донбас. Ние со ЕУ не се расправаме за Гоце Делчев. Ние се расправаме за тоа дали за нашето влегување во ЕУ важи темелната цивилизациска вредност за самоопределување.

3 На толку милиони евра во пари и материјална помош од европските даночни обврзници дадени во Македонија, довербата во ЕУ е падната на рекордно ниско ниво. Последните истражувања на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со германската фондација Конрад Аденауер, покажаа дека само 9,5 отсто од македонските граѓани веруваат оти ЕУ има најголемо влијание во земјава, а пред две години биле 44,8 отсто. И перцепцијата за ЕУ како најголем сојузник се намали од 43,2 отсто во 2019 на 13,1 отсто.

Расположението во Македонија не е проруско. Не е ни антизападно. Расположението е разочараност од Западот кој баш на нас реши да ги крши основните вредности на самоопределување.

Благодарни сме на помошта. Но, замислете колку поефикасно ќе се потрошеа европските пари ако веќе ги имавме почнато преговорите. Или, веќе да бевме во ЕУ па и ние да придонесуваме за развојот на Унијата. Многу време помина од 1991, кога Бадинтеровата комисија на тогашната Европска заедница што ја сочинуваа преседателите на уставните судови на Франција, Германија, Белгија, Шпанија и Италија оцени и препорача дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признати. Ехе, каде ќе бевме сега.

Сега сите изјавуваат дека рускиот напад врз Украина претставува еклатантно кршење на меѓународното право. А грчкото ембарго, кога нè блокираа и нè оставија да умираме 18 месеци во 1994-1995, не беше кршење на меѓународното право? Кога во декември 2011 го добивме спорот со Грција на Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради флагрантно кршење на Привремената спогодба ни се смееја –  а што сега, да ја уапсиме Грција? Дека – едно е правда, а друго е политика.

Сега ни викаат – продолжете со реформите. Добро влеадеење, антикорупција, слободен пазар, судство, обвинителство, јавна администрација, реформи, реформи, реформи… Па единствената реформа која ни остана е како да ги ставиме Бугарите во Уставот. Да ги задоволиме хировите на пет-шест маргиналци во политиката што не поминуваат на ниту едни избори, ама единствената функција им е да бидат маша на Бугарија со која ќе го распламтува огнот.

Луѓето кога не се интегрирани во поширока развиена заедница и кога се чувстуваат измамени и отфрлени од таа заедница паѓаат на митот за цврста рака. Се одушевуваат на авторитарци од типот на Путин. И – до каде стаса Бугарија бранејќи го националниот интерес со докажување дека Македонците се Бугари и сè додека не го признаеме тоа ќе нè држат во црната дупка надвор од ЕУ? Нека продолжат со ставањето вета, па нека ја приближат руската чизма уште поблиску до ЕУ.

4 Тие што се восхитуваат на моќта на руската војска и на дрскоста на Путин кој „му покажа на Западот“, нека ја препрочитаат внимателно изјавата со која ја најави агресијата на Украина. Особено оној дел каде што вика: „Ленин е авторот и архитект на Украина, тој ја обесправил Русија. Модерната Украина била целосно креирана од Русија, поточно од болшевиците. Тоа е дел од нашата историја“.

Заменете го зборот Ленин со Тито. Заменете го зборот Украина со Македонија. Заменете го зборот Русија со Бугарија. Заменете го зборот Путин со Радев. И одлуката на руската Дума 2022 со декларацијата на бугарското Собрание 2019.

Впрочем, и бугарскиот претседател Румен Радев изјавува дека ние сме браќа и дека „никој не сака повеќе да влезе Македонија во ЕУ како што сака Бугарија“. Исто како што Путин ја нападна Украина за да спречи војна меѓу два братски народи.

Не беше многу одамна кога Каракачанов се закануваше дека ќе испрати инженериски полк во Македонија, за да ги менува таблите на антифашистичките споменици. Заканата дојде од министер за одбрана на земја-членка на ЕУ.

Путин ги казнува Украинците дека не се Руси. Радев ги казнува Македонците дека не се Бугари.

А ЕУ? ЕУ е „длабоко загрижена“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира