БЕЗ ОМРАЗА

Колку било спокојно да се слави Илинден без Никола Груевски

БЕЗ ОМРАЗА

1 Баш убаво што Никола Груевски им наредил на своите Илинден да го слават ден порано. И в година така нека го слават. Некако е многу поспокојно кога тој не е главна ѕвезда на забавата.

Се сеќавам кога пред четири години, за Илинден 2013 во Крушево, како премиер нè извади од памет со празничниот говор. Тогаш ни најави дека „следуваат моменти во кои сите ние ќе бидеме соочени со бројни предизвици кои ќе имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво по неколку линии, внесувајќи немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците”. Летото 2013 Груевски во празнична атмосфера свечено ни соопшти дека „ќе бидеме соочени со провокација од разни структури, домашни и однадвор, на разбивање на кохезијата на македонскиот народ, на повторно етикетирање и стимулирање на вештачки подвојувања, и тоа ќе се обиди во насока да се компромитираат македонските државни и национални интереси, кои се длабоко исправни и реални”. И уште тогаш се закани: “Ние ќе одговориме заедно со нашиот најсилен сојузник народот”.

Гледате? Па тој си знаел што правел. И си се плашел дека кога- тогаш сите ќе дознаеме што правел. И уште тогаш си ја подготвувал одбраната со масовна мобилизација на неговите поддржувачи. Уште тогаш си ги смислувал странските служби. И две години по тој говор сите слушнавме што правел. Со себап, можеби и судовите ќе го потврдат тоа што го правел.

И сега, кога поранешниот командант на ОНА Талат Џафери му ги цитира вмровските мисли на Илинденците, што му останува на Груевски освен да прави сплетки, да биде контра, да измислува подмолни игри и евтини финти и да брои предавници само за пак да биде главен? Сега, кога и бугарскиот премиер Бојко Борисов објави дека заедно со него со години го подготвувале договорот, и кога баш за време на неговото владеење најголем број Македонци, вклучително и видни личности од неговата партија земаа бугарски пасоши, што му останува освен да продолжи со ширењето паника и со хистеријата дека земјата е нападната? Сега кога и САД и ЕУ и НАТО и Германија и Холандија и Велика Британија го поздравија договорот со Бугарија што тој требало да го потпише, што му останува освен да нè плаши дека сме жртва на планетарен заговор и дека сите во светот, освен Русија и Србија немаат друга работа, туку само на Македонците мислат како да им напакостат? И дека само тој може да ја спаси нацијата. И тоа со нови, демек неизвалкани лица во партијата, а во суштина исполнители на неговата идеја за насилството на 27 април. А другите негови најблиски, што со години му ги исполнувале сите идеи кои му текнувале по полноќ, ги издува. Оти тие се грешни, а само тој е безгрешен.

Уште сака да е главен. И многу му е криво дека не е. Кога веќе нема пасош оти е под истрага, барем да привлекува внимание.  Ако тој не е важен, нека пропадне и приредбата.

Искрено се надевам дека оваа година ќе биде последната како се занимаваме со неговите подмолни досетки.

2 Кога ќе пробаш да се изолираш од бучавата што ја прави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сфаќаш колку било убаво да се слави Илинден без омраза. И се прашуваш колкава треба да биде  омразата кон самиот себеси и кон државата кога најголемиот државен празник го славиш ден порано, сам, за инает.

Тоа е кулминација на омразата што Груевски ја негуваше и ја поттикнуваше 11 години. Тој не ја смени само историјата со стотиците споменици што ги истури низ центарот на главниот град. Тој не ја смени само архитектурата и разгледниците на Скопје оти му текнуваше да го разубавува по негов вкус. Тој и палми донесе. Ги тушираа и ги облекуваа само за ќефот да му го направат. Ги умреа за наши пари и никој не одговараше. Морски песок во Охрид нарачуваше. Медитерански плажи по езерата правеше. Во Вардар зацементира галии што никогаш не пловеле…

Толку ли ја презира државата во која живее што дури и природниот пејсаж сакаше да го смени?

3 Една од најновите досетки на реформираната ВМРО-ДПМНЕ е да се зголеми платата на администрацијата за уште 6 отсто.

Може и 16 отсто. Ама кога таа гломазна админстрација што ВМРО-ДПМНЕ ја создаде како партиска војска ќе работи како во Белгија. И кога дури и 500 дена ако нема влада, ѓубрето ќе биде исчистено, погрешно паркираните коли ќе бидат отстранети, лековите ќе бидат набавени, болничките ходници исчистени, во училиштата ќе има тоалетна хартија и сапун, дрвокрадците ќе бидат фатени, тревата на јавните површини и патиштата ќе биде искосена, документите по државните институции нема да бидат изгубени… Затоа што шефовите на таа администрација за тоа земаат плата. А не за да го мобилизираат членството на повик на лидерот да се појавува на митинзи и на контрамитинзи и да калкулираат со неработење во зависност од тоа која партија ги вработила. А во меѓувреме, да си тераат приватни бизниси.

Впрочем, ај да ги видиме од септември кога ќе мораат да работат во две смени. Па кога ќе обезбедат беспрекорни услови за тие што им ја обезбедуваат платата да им ги заработат и тие 6 отсто покачување, нека бараат и 16 отсто. Ако и тие пари им се малку, бујрум, нека излезат на пазарот на трудот, па нека бараат покачување во приватниот сектор.

4 Здружението на новинари излезе со предлог Владата да спонзорира издавање на печатени медиуми.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани како да заборавил дека доаѓа од Вест. И како да заборавил зошто беше приморан да си замине од новинарството. И како да заборавил дека 500 луѓе и во Вест и во Утрински и во Дневник и во Теа Модерна и во печатницата и во дистрибуцијата изгубивме работа баш поради субвенционираното новинарство. Плус како компанија бевме и најголеми донатори на ВМРО-ДПМНЕ.

Нека ги вратат парите тие што донираа. И тие нека субвенционираат. А не ние.

Додека нема транспарентна сопственост на медиуми, печатени, електронски, онлајн и секакви, нема збор за какви било субвенции. И не само за медиуми. Впрочем, во Македонија нема демократски капацитет да се субвенционира било што, а да не се посака после да се има контрола врз тоа.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира