1 Излегува Венко Филипче и кажува дека четири болници во државата веќе немаат слободни кревети за болни од ковид-19 и дека Инфективната клиника во Скопје забрзано се полни. Таа информација не е толку вредна за заушување. Ама, кога неколку минути подоцна кажа дека ќе ѝ предложи на Владата да забрани повеќе од четворица да одат на гости по дома, до израз дојде непроценливата мудрост на освестените граѓани. Не е страшно дека ако ни се искомплицира болеста нема да имаме каде да легнеме, а богами ни кој да нѐ лекува. Туку од животна важност е како ќе го истуркаме периодот од Митровден до Ѓурѓовден.
Фејсбук експертите за здравство преку ноќ се претворија во експерти за право. Ем стручњаци за сѐ и сешто, ем гостопримливи шегобијци. Се изначитав вицови за гости и домаќини, толкувања на Уставот и консултации за здрав живот. Па кој ќе ги броел гостите, па кој ќе останел надвор… Синким Венко умира од желба да им влегува по куќи и да ги пребројува. Море и посната сарма ќе остане недојадена, станот џабе умирисан од пржената риба…
Со итроштини ќе го надмудриме системот и ќе го избркаме ковидот. Само што го нема Итар Пејо да ослободи кревет во болница ако притреба.
2 Ама, без грижа. Знаејќи како во Македонија се почитуваат законите и прописите, а богами и Уставот, не верувам дека има некоја особена причина за вознемиреност по однос на кршење на правото за гостопримливост. Немојте премногу сериозно да ја сфаќате забраната да се оди по куќи со повеќе од четворица гости. Фатете си на време некоја врска во партијата на власт. Не мора да биде некој висок функционер. Може да е и обичен активист или активистка што во мобилниот има доволно бројчиња да сврти на влијателни луѓе, кои ќе средат да не ви ја расипат славата. Секогаш на славските собиранки има некој што знае сѐ и ги познава сите што знаат некого. Па и да ве пријави комшијата за загрозување на јавното здравство, инспекторите или полицајците прво ќе прашаат: „Да не е наш тој што слави Свети Никола?“
Кај нас така се спроведува кој било пропис – лежерно и селективно. Зошто и заштитата од коронавирусот би била исклучок од тоа правило?
3 Така е и со кафеаните. И таму е во сила правилото: „Да не е наш?“ Неколку газди на локали со непочитување на протоколите и мерките за заштита им направија белја на сите останати кафеанџии и музичари. Со што ли ги задолжија толку, да не може ни полиција, ни инспекција да им влезе да исконтролира дали се почитуваат мерки, оти се плашат „да не е наш“. А зошто е „наш“? Им чува коњопој, им фрла пијачка гратис, им мести женски и дечковци, многу ги почитува кога ќе му влезат во локалот…? Зошто е тоа толку вредно за власта и толку ли му се битни тие луѓе на Заев за да си дозволи да му го урнат здравствениот систем?
Додуша, не ме чуди дека кафеанското лоби излезе најсилно во државата. Првиот реформски закон што го протурка Заев, со уште незалечена рана на главата од 27 април 2017 година, беше легализирањето на узурпираниот јавен простор од најлонските тераси поради олабавување на забраната за пушење. И баш фино му враќаат сега. Со закани дека нема да можеле да гарантираат мирни протести ако државата не им даде помош. Како ќе ги ескалираат протестите? Ќе го земат оружјето од ДУИ и наместо да пеат, ќе пукаат по свадби?
Навистина би било многу глупаво на Заев да му падне Владата оти на некого од партијата му чуваат место на шанк и го честат по некоја пијачка. А ќе му падне, ако не можат да си ги средат журките во кафеаните на „нашите“. Можеби не поради журките, ама сигурно поради „нашите“.
4 А тие што умираат „наши“ ли се?
Џабе му е и на Венко Филипче што става профилни слики со маска и се слика со незадоволни медицински сестри кои бегаат во странство или во приватни болници, кога и во јавното здравство важи правилото „Дали е наш?“, а не важи „Дали е стручен?“. Верувам дека и меѓу „нашите“ има многу стручни кои заслужуваат да бидат раководители, ама сепак многу повеќе се цени ако некој е „ептен наш“.
Така што, не е да им се лутиш ни на лекарите, ни на сестрите што си заминуваат од реномирани државни болници и покрај тоа што оваа Влада значајно им ги зголеми платите и вложува многу повеќе во условите за работа во јавното здравство отколку било која претходна влада од Тито навака. Ама, еден живот имаме. И глупаво е да поминеш дел од тој живот во расправија со шефот што го поставиле од партија не затоа што е најстручен, туку затоа што е „најнаш“. Никој што си ја сака работата и што сака да напредува не би го трпел тоа „наш е“, особено не, па уште и ако имаш професија за која има отворен повик за вработување.
Филипче солидно го менаџираше првиот бран од ковид кризата. Поради тоа дури и во изборната кампања го шетаа по митинзи да им го дига рејтингот на СДСМ, иако не беше на пратеничка листа. И така, сакал-не сакал, тој стана ликот на здравствениот систем. Така што сега, сакал- не сакал и сите утки на „нашите“ директори ќе паднат на негова сметка. Оти, нив никој не ги знае.
Ковид кризата, кога-тогаш ќе помине. Ама, баш ваквите партиски политики ќе го оштетат здравствениот систем повеќе од вирусот.
5 Додека ние со хумористични досетки полемизираме дали треба да се носи маска на отворено или не, Европската унија во последниот извештај ни даде стратешка задача судството да ги врати украдените народни пари и да го конфискува имотот во судењата за висока корупција. Ние се секираме што ќе правиме со посните слави и мрсните гости, а во Брисел забележале дека уште не врти бројчаникот на Заев.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST