ПАРКИНГ ХУНТА

За ајдуците тендери, за криминалците амнестија, а за чесните повисоки даноци.

ПАРКИНГ ХУНТА

1 За што ќе одат парите од прогресивниот данок што ни го воведува Владата на СДСМ? За платата на оној Александар Трајковски, советникот во Oпштина Гази Баба и вработен во Царинската управа, што го видовме во друштво на избеганиот Никола Груевски во Будимпешта? Што има да каже сега министерот Драган Тевдовски за неговиот вработен што зел боледување за да си го посети почесниот претседател и избеганиот лидер? Тоа ли е правичното оданочување за кое цело време зборува? Зошто да си трошиш денови од одмор, кога можеш да си земеш боледување? И кога има будали граѓани кои тоа ќе го платат.

И градоначалникот на Скопје Петре Шилегов продава финти, кога ѝ вика на советничката Светлана Колариќ таа да седне да направи список кој да се избрка од 1.200 вработени во администрацијата на Град Скопје. Па не ја гласавме Колариќ за градоначалник. А и Петре, колку вработени има во неговата адвокатска канцеларија? Има ли вишок вработени? Нема. А зошто нема? Затоа што е домаќин човек. Ама домаќин со свои пари. А кога работи со наши пари, нека се греат во бараките во Парк 1.200 вработени. Има будали што ќе ги плаќаат.

И премиерот Заев, дали во неговите фирми има некој директор задолжен за спроведување на некој договор за пиперките, што не доаѓа на работа 7 месеци? Како вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика што не доаѓал на седници на Влада. Колку странски инвестиции има донесено советникот Љубе Бошковски? Им плаќа ли плата Кочо Анѓушев на советници во неговите фирми што не му ја вршат работата?

Прашањето со јавната администрација било многу сложено. Е па, извинете што им се мешаме во работните навики на 1.600 поддржувачи на ДУИ што седат дома на државна плата. И да ги оставиме на раат да си ги поминат деновите од боледување сите напикани во државните и општински институции по партиски список. Малку им се 26 работни денови гарантиран одмор.

Многу ќе било болно ако се избркаат од работа. А нив баш ги заболе таквото што ние ќе плаќаме повеќе за нивните плати.

Единственото олеснување за Буџетот што ќе го почувствуваме веќе од февруари е што на избеганиот пратеник Никола Груевски ќе му плаќаме пет отсто помала плата.

2 Понекогаш си мислам дека овие од СДСМ си седат и си се натпреваруваат во давање идеи како да ги оддалечат од себе своите поддржувачи. И тоа особено оние поддржувачи што од нив не бараат никакви партиски услуги, туку само добро владеење.

Прво, си рекоа дај да ги поделиме тендерите по наши луѓе и дај да не отпуштаме никого од вмровците, ама да си вработиме наши во администрација. Па ги изгубија лојалните. Сега викаат, ќе ги амнестираме криминалците. Па ги изгубија чесните. И како тоа ќе го компенизираме? Ќе им го покачиме данокот на тие што не зависеа од платите и уцените на Груевски. На тие што излегуваа на протести без партиска команда. И на тие неопределените што имаа храброст отворено да се спротивстават на режимот и ни помогнаа да дојдеме на власт, оти само со нашите не можевме. Ќе им смислиме прогресивен данок. Оти, тоа било праведно.

Не можеле да се откажат од покачување на даноците, оти така им било запишано во програмата. Тоа биле социјалдемократски вредности. Туф, туф, туф… Па ако веќе одиме по програмата, таму беше запишано дека ќе го решат и проблемот со загадениот воздух. Па еве, не го решија. А промената на уставното име воопшто и не беше во програмата. Па еве, ќе го смениме. Божем програмата на СДСМ е Библија.

Целта на поголем данок е сите како граѓани да офајдиме од државата. Ама, кога ќе им ги видам приоритетите, не гледам што јас како граѓанин ќе офајдам повеќе од партиските војници за кои морам да платам данок. Оваа Влада, со сите економски потези што ги повлече до сега, не ме убеди дека ние непартиските граѓани ќе добиеме подобро здравство, подобро образование, подобри патишта, независно судство, ефикасна полиција што ни џепароши не може да најде, нови пруги, почист воздух, почисти градови и села… И ефикасна и непартиска јавна администрација, со вработени кои нема да бројат како да спојат празници со боледувања за да не си трошат од  одморот.

Па кога ќе им ги кажеш овие работи, уште и ти враќаат: „Ако не па, ВМРО да ви го вратиме!“. Е па, ние нема да го вратиме. Ама, вие ќе го вратите.

Секоја чест за храброста, преземениот ризик и лидерството во решавањето на спорот за името и отварањето на патот кон НАТО и ЕУ. Ама, што правиме од пролет, а вам веќе ви поминаа две години од мандатот? На крајот на денот, сѐ ќе се сведе на тоа што не сте го напишале во програмата, а доследно го спроведувате: За ајдуците тендери, за криминалците амнестија, а за чесните повисоки даноци.

3 Две години поминаа, а власта уште бара локација за нов Клинички центар. И после се чудиме дека од еден болнички паркинг цела политичка драма направија. Сите гадости што ги дознаваме на судењето за 27 април паднаа во сенка поради задушениот паркинг на Клиничкиот центар. Па градоначалникот Шилегов кажал, па министерот за здравство Филипче преговарал, па сега и премиерот Заев ќе се вклучи во решавање на паркирањето.

Власта размислувала да направи монтажни паркинзи на спрат. Р А З М И С Л У В А Л А.  Не знам зошто воопшто нѐ информираат за нивниот мисловен процес. Зошто, едноставно, не ги ставите тие монтажни гаражи?

Да требаше некоја кафеана да си изгради тераса на тротоар, за тоа немаше да има размислување. Само што дојдоа на власт покажаа дека приоритет им е пушењето. Да требаше да се продаде државно земјиште во центар на Скопје за џабалак, за да се изградат неколку триесеткатници и трговски центар, немаше да нѐ информираат за нивните размислувања. Одма ќе најдеа решение. Согласно Уставот, законските надлежности, Рамковниот договор и каноните на МПЦ.

4 На следниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, кога Христијан Мицкоски ќе зборува за хунтата и за црнилата што се надвиснале над Македонија, како говорник треба да се појави и Александар Трајковски, друштвото за прошетки на Груевски низ Будимпешта. Тој лично да сведочи како го малтретира хунтата. Ем примен на работа во Царина по партиски заслуги, ем гарантирана редовна плата, ем гарантирани 26 работни дена одмор, ем дневници за службен пат, ем боледување колку сака… А хунтата во Царината, кога ќе се врати угнетениот од Будимпешта, допрва ќе проверува дали користел боледување затоа што навистина бил болен. А хунтата во Фондот за здравство ќе чека пријава од Царината.

Во овие црнила со кои се опседна Мицкоски, братот на независниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски добил тендер за молерофарбарски услуги во државни објекти во вредност од 600.000 евра. Да не беше хунта, можеби ќе добиеше милион евра.

Во овие црни денови под хунтата, оние десет луѓе што го држат блокирано цело Скопје скоро два месеца, имаат повеќе полициско обезбедување отколку што има водачот на хунтата Заев.

Ако ова е хунта и ако ова се црнила, како ли ќе го викавме тоа што ќе нѐ снајдеше ако на 27 април 2017 успееше пучот на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари